Финансии / Банкарство
Сме имало развиено банкарство и пред Втората светска војна
Дејан Азески | Авторот е историчар, новинар и публицист
Економија и бизнис | печатено издание | декември 2023г.
Живееме во време во кое се верува дека финансиските услуги се измислени од вчера и дека имаат единствена намена да нè излажат и да ни наштетат лично нам. Но, ако погледнеме малку наназад низ историја не само што ќе видиме дека банки постоеле и функционирале стотици години наназад туку и начинот на нивното работење и проблемите со кои се соочувале не се многу различни од денешните. Во овој број конкретно објавуваме историја на банкарскиот систем пред Втората светска војна, а за некој од наредните броеви однапред можеме да најавиме дека ќе истражиме како овие финансиски институции функционирале и во турско време, па дури и во средновековието.
Стопанските измени и потреби во врска со ширењето на капитализмот по Првата светска војна условиле создавање на нови и модерни парично-кредитни установи во Македонија. За оживување и финансирање на производството, на трговијата и на сообраќајот, а по донесувањето на државниот Закон за правна ликвидација на состојбата создадена со војната (21. VI 1920), почнале да се отвораат банки и штедилници во Вардарска Македонија.
Напоредно со затечените од порано филијали на српските банки во Скопје и во Битола (филијали на Народна банка, Београдска задруга, Земаљска банка и Француско-српска банка), во 1920 г. почнале да работат Трговско-индустриската банка „Вардар” во Скопје, со капитал од 8 милиони динари, и Брегалничката банка во Штип, со капитал од 1,5 милиони динари.
Поволните услови за вршење на разни банкарски работи овозможиле веќе во 1922 г. да се основаат следниве банки во Македонија: Стопанска банка за Јужна Србија — во Скопје, Битолска банка, Велешка банка, Гевгелиска банка, Струмичка трговска банка, Кумановска трговско-индустриска банка, Тетовска трговско-индустриска банка и Охридска банка. Истата година банката „Вардар“ и други две скопски банки успеале осетно да го зголемат својот основен капитал. Како последица на заинтересираноста и навлегувањето на српскиот банкарски капитал дошло во 1923 г. до основање на покрупен паричен завод — банката „Стара Србија”, во која вложиле капитали српските банки од: Призрен, Пеќ, Приштина, Урошевац, Вучитрн, Косовска Митровица и Гњилане.
Во 1925 г. била основана банката од локално значење „Јужна Србија”, со седиште во Велес и со капитал од 1 милион динари. За поттикнување на производството на свила и на ориз, т. е. за кредитирање на соодветните стопански гранки, во 1926 г. биле создадени Свиларската банка во Струмица и Виничката кредитна банка.
Идната година Поштенската штедилница отворила своја филијала во Скопје по барање на стопанствениците, а со цел да се олесни паричниот промет со помошта на чековни сметки. Во 1928 г. била основана Кумановската извозна и прометна банка, со капитал од 2 милиони динари, додека во 1929 т. била отворена исто така само една банка − Охридска стопанска банка.
Со отпуштање на кредити за градба и за земјоделство најмногу се занимавале филијалата на Државната хипотекарна банка во Скопје, Сојузот на аграрните заедници и Обласната задруга за земјоделски кредит во Скопје. По големината на пласманот истакнато место имала Државната хипотекарна банка, односно нејзината филијала која давала главно хипотекарни кредити и комунални заеми. Заемите ги добивале, пред сè, градските општини кои гарантирале со своите приходи.
Хипотекарни кредити земале во најголема мера трговци и поимотни граѓани, ползувајќи ги особено за правење куќи бидејќи кириите биле многу високи.
Сојузот на аграрните заедници за Јужна Србија, создаден во 1922 г. за кредитирање на колонистите со средства од Министерството за аграрна реформа, не биле во состојба да ги задоволат потребите на колонистите. Сојузот имал големи штети од финансирањето на колонизацијата во места и населби кои ги напуштале доселениците (Батања и др.). Со оглед на намената на Сојузот да го кредитира колонизирањето на доселениците, македонските селани не добивале кредити од него.
Обласната задруга за земјоделски кредит не располагала со покрупни средства и отпуштала главно краткорочни заеми за кои барала солидарни гаранции. Поради овие околности македонските селани, кои имале најголема потреба од кредити, не можеле тогаш да добијат евтини и поволни заеми и биле оставени на милост и немилост на лихварите.
Создадените банки во Македонија до избувнувањето на големата светска економска криза посредувале и вршеле разни работи сврзани со трговијата, со градежништвото, со индустријата и со сообраќајот, остварувајќи крупни печалби. Акционери на приватните банки биле во голем дел српски трговци и индустријалци. Повеќето локални банки имале многу скромен капитал и во своето работење се среќавале со бирократски и други пречки. Воопшто банкарството во Македонија за ова време не достигнало покрупна концентрација и имало видливи национално-политички белези.
КАКО БАНКИТЕ ТОГАШ СЕ СПРАВУВАЛЕ СО КРИЗИ?
Големата светска криза, настанувајќи како последица на хиперпродукцијата, неизбежно довела и до кредитно-парична криза во капиталистичките земји. Банките во Југославија и во Македонија веднаш ги замрзнале веќе отпуштените кредити, а секакви нови кредити престанале да даваат. Некои помали локални банки во Македонија, кои дотогаш се впуштале во шпекулантски операции, крахирале и го завршиле своето работење со афери и руинирање на своите акционери. Трговските фирми што не можеале да работат без кредити исто така пропаѓале. Кредитно-паричната криза во Македонија најмногу се изразила во бројните банкротства и присилни израмнувања.
Во 1933 година биле откриени афери во скопската Стопанска банка за Јужна Србија и во Велешката банка и нивните управи биле изведени на суд поради незаконско работење и шпекулации со афион.
Членовите на Управниот и Надзорниот одбор на Виничката кредитна банка кон крајот на 1934 година биле осудени за кривично дело на лажно банкротство и фалсификување на меници.
Министерот за земјоделство морал во 1935 година да ги суспендира сите раководни органи на Сојузот на аграрните задруги во Скопје поради неправди и корупции при распределбата на кредити. Истата година се наоѓале во ликвидација повеќе банки во Македонија, додека одложување на плаќањата во 1934 и 1935 година барале Битолската банка, Брегалничката банка (Штип), Јужната банка (Велес), Преспанската стопанска банка (Битола) и Тетовската трговска и индустриска банка. Во истото време барале вонбанкротна ликвидација
Кумановската трговска и индустриска банка, Стопанската банка за Јужна Србија (Скопје) и Велешката банка.
По совладувањето на кризата, банкарскиот капитал продолжил да игра важна улога во стопанскиот живот на Македонија, макар што до крајот на Стара Југославија не се создавале нови банки и парични установи во Македонија. Постојните банки и заводи со својата раздробеност и ограничени средства не биле во состојба да кредитираат покрупни стопански потфати, а отпуштале заеми главно на трговци, на фабриканти, за комунална изградба и на самостојни производители − занаетчии.