Општество

Стојановски: КНИГА ШТО ЈА ПРЕПОРАЧУВАМ: Д И П Л О М А Т И Ј А

Тони Стојановски | Aвторот е генерален директор за корпоративно банкарство, член на Управен Одбор Стопанска банка А.Д. - Скопје

Економија и бизнис | печатено издание | октомври 2023г.

Оваа книга претставува грандиозно дело на еден од најбрилијантните умови во светот на дипломатијата и во меѓународните односи, Хенри Кисинџер. Врз основа на своето огромно дипломатско искуство, како еден од главните актери на обликувањето на меѓународните односи во 20 век, кои подоцна резултираа со завршувањето на Студената војна и почетоците на креирањето на новиот светски поредок, искусниот дипломат преку ова дело дава свое видување и одговор на прашањето како функционира светот.
Книгата е на еден начин поглед однатре на динамиката и на суштината на меѓународните односи. Таа нуди историска перспектива на светот на дипломатијата и на преобликувањето на меѓународниот поредок, од 17 век, па наваму, односно од времето на настанувањето на она што денeс историчарите го нарекуваат европски систем на рамнотежа на силите, па сè до периодот на почетоците на креирањето на новиот светски поредок, по завршувањето на Студената војна.
Авторот нуди свое видување на многу прашања кои овозможуваат полесно да се разбере текот на круцијални историски настани кои го обликувале светот во кој живееме денес и се обидуваме да одгатнеме каде сме и каде одиме. Притоа, како што вели авторот „(...) проучувањето на начинот на кој државниците се однесувале по прашањето на светскиот поредок, што и зошто функционирало или не функционирало, не може дефинитивно да ја објасни современата дипломатија, но може да биде предуслов за нејзино разбирање“.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано