Општество

Георгиев: Новогодишна честитка до политичките партии

Гордан Георгиев | Авторот е политиколог

Економија и бизнис | печатено издание | декември 2023г.

Почитувани политички партии, еве доаѓа предизборие, сите се подготвувате за големи победи, правите калкулации и анкети, склопувате надземни и подземни коалиции, си го пребројувате членството, ги стегате уздите, ќе почнете да ветувате големи работи и ќе изложувате големи планови за иднината.
Тоа е сè во ред, така треба да биде и така е во светот. Во занесот на предизборната битка се делат работни места „кога ќе победиме“, во тајни зачадени кафеани се делат тендери „кога ќе победиме“, во некои други кафеани и подруми се прават последните подготовки за чистење на дворот и прикривање на доказите „кога ќе победат“. Дури и ова е во ред, и го разбираме, колку и да не е во ред.
Сега веројатно немате време, ни сила, интелектуална или морална, да размислувате за иднината на вашите партии и она што ќе остане по вас. Некаков влог, некаков завет, некаква традиција, некакви вредности.
И овој пат, на овие избори, веројатно како никогаш претходно, ќе имаме низок легитимитет на политичките елити. Тој ќе се покаже преку ниската излезност, неволноста да се гласа за кого било, како и ужасно досадната и неподносливо бучна, а сосема нерелевантна предизборна кампања. Но, нискиот легитимитет на победниците ќе се покаже, како многу пати досега, и преку незадоволството на гласачите од едните или од другите кое се манифестира на самиот изборен ден, како казна за едните, а не како награда за другите. Замислете се, јас да сум на ваше место би се загрижил, дури и уплашил, да добијам власт на крилјата на гладните партиски активисти (гладни за работа и гладни за бизнисче) и на очајот на оние кои не ги сакаат едните и затоа ви го дале гласот вам. Не, тоа не е во ред. Толкава моќ, на толку стаклени нозе. Одговорноста би требало да биде огромна, просто застрашувачка. Не ли мислите така? Од друга страна, пак, стартната позиција би можела да ви биде одлична доколку покажете свест и понизност кон фактите. А фактите се неумоливи. На сите последни анкети, изминативе две години, политичките партии, заедно со судството, се двата најнегативно оценети политички актери во македонското општество.
Не се изненадувајте, не негодувајте, немојте срамежливо да клатите со главата во знак на непријатно одобрување. Ние знаеме, овие два конгломерати живеат во симбиотска врска, постојано хранејќи го големиот Бехемот на корупцијата и политичката и правната неказнивост. Тој митолошки ѕвер, комбинација од слон, нилски коњ, носорог и бивол, се заканува да нè проголта сите, не само вас. Ќе нè изџвака, ќе нè исфрли на буниште како партал, заедно со вашиот Левијатан кој на тацна ви го дадовме за да можете да управувате со нас. Бидејќи сите ние сме влезени во орото или шотата на корупцијата која вие ја поставивте, а ние молчешкум ја прифативме по принципот „ако може тој да заврши работа преку врски, ќе пробам да завршам и јас“. Врска, мито, рушвет, „да помогнеме некако“, „да ја завршиме работата“, „ќе се пребиеме“, „мој човек е“, се главните зборови во лексиката на македонскиот граѓанин.
Удавени во широкораспространет песимизам кој го обзема буквално секое општествено ткиво, на граѓаните на Македонија им требаат причини (и надеж) да опстојат на демократскиот пат и повторно да ги откријат заборавените или никогаш неприменети доблести и стандарди за одговорен и отчетен политички живот. На граѓаните им треба оптимизам или барем поставување на основи за идниот оптимизам врз кредибилитетот на политичките и изборните процеси.
Затоа размислете добро, прагот на толеранција, дури и на овие питоми беспомошни македонски чеда, е сосема при крај. Да, тие пак ќе ве гласаат и на следните избори, и да, некој секако ќе победи, но чуму ни е победата или поразот ако однапред сме свесни дека тоа нам нема да ни донесе ништо добро. Сепак, ниските очекувања се добредојдени за малкутемина добронамерни меѓу вас, оние со витешка чест и херкуловска храброст. Бидејќи нам малку ни треба, не бараме ништо од вас, ама баш ништо. Само бараме да станете пристојни, да не крадете толку. Толку обилно и толку упорно. Или да ги тргнете крадците од вашите редови бидејќи кога сите од ред се колнете дека не крадете, тогаш не ви веруваме. Малите привилегии, ситните удопства, шофери и автомобили, бесплатни ручеци, тоа ќе ви го оставиме. Но, тргнете ги апашите, ставете ги на вашите интерни црни листи, обратете се кај Американците и искодошете ги вашите црнокошулаши. Зошто да гори малку преостанатото сурово кога може многу да гори само сувото? И не се чудете и не ни замерувајте кога се крстиме и се поклонуваме на американската црна листа, и кога кришум стискаме палци уште и уште црни листи да бидат објавени. Не, не сме предавници, туку сме очајни патриоти кои немаат каде да се обратат.
Ете, Европската Унија е сепак далеку, тоа го сфативме, та дури и мислам дека некако ви олесна на сите. Но, тоа никако не смее да значи дека треба да се откажеме од неа, каква и да е, каква и да била кон нас. Ова не е еврофундаментализам, туку просто соголување на ситуацијата во која се наоѓаме и опциите кои ни се нудат. Факт е, во моментов не ни се нуди никаква опција, никаква перспектива. Можеме утешително и помалку цинично да прашаме: А каква е перспективата на светот во кој живееме? Кој денес може плаузибилно да тврди дека светот во наредните години и децении ќе биде ваков или онаков? И доаѓаме до најстрашното. Се вртиме лево и десно, горе и долу, и наоколу нема ништо, освен ние самите. Тоа не сме истите ние од вчера, туку сме сè помалку, сè поосиромашени, декапацитирани со знаење, со волја и со енергија. Многу добри ни отидоа, и други добри ќе ни отидат, секој по својот пат, секој со својата мака, секој од лични (себични) побуди. А државата, а нацијата, а македонштината, а албанштината? Па нели толку силно се тупкавме во градите, нели ова свето парче земја, аманет од нашите предци, ќе го чувавме како зеница во очите?
Ете, деновиве пристигна новиот извештај на „Прибе“. Се сеќавате на Рајнхард Прибе? Ви текнува дека го третиравме како Библија и Куран? Овој пат Извештајот на Оценската мисија на ЕУ го подготвуваше наш човек, од овие простори, бивш претседател на Уставниот суд на Хрватска, човек кој точно знае што правиме бидејќи истото тоа и тие (Хрватите) го правеа до пред 20 години. Извештајот се однесува на Судскиот совет, тој Франкештајн од кој ние, пристојните граѓани, ужасно се срамиме, а вие, политичките партии, притаено ни го „утрапивте“, секако со амин на Европа. Извештајот содржи дури 40 препораки за подобрување само на работата на Судскиот совет, од кои дури 17 можат уште веднаш, утре, да се спроведат. Само требало политичка волја, ни велат Европјаниве. А бре, како не разбирате, сè имаме, само не ни барајте политичка волја. Само тоа немаме. Душата ако треба ќе ви ја дадеме, политичка волја не даваме.
И да, уште ова. Не ме интересираат дволичноста на Европа и лажните надежи кои ни ги даваат во состојба кога нивните граѓани секако не нè сакаат. Не ме интересираат ни американските стратешки, геополитички, себични интереси од кои произлегуваат есенскиве црни листи. Единствено што ме интересира е тука, и ни педа подалеку. И секој оној кој може да придонесе да се ослободиме од нашиот Бехемот, јас, со мојот мал дрвен меч, ќе му салутирам.
Почитувани политички партии, политичките партии во едно демократско општество мора да постојат, тоа е единствениот познат начин на организирање на општеството кој гарантира некаков мир и некаков поредок. Антисистемско дејствување не е иљачот, тоа го руши системот и нè носи во непознати води, раѓа авторитарни типови кои најчесто носат несреќи, и да, општа пљачка на народот, револуционерна пљачка. Но, вака поставени политички партии не ни требаат. Ни требаат партии кои постојано ќе мислат и ќе обмислуваат како да владеат подобро од претходниците, како секој нов мандат да биде сè подобар од претходниот, како да ротираат со политичкиот конкурент на компетитивна, а не на мурто-курто основа. Како јавно, а не тајно по кафеани и на интимни партиски седенки, да му ги валоризираат претходните постигнувања на противникот и како да надградуваат на веќе постигнатите придобивки. И се разбира, како да го шират опсегот на нови и нови постигнувања, а не комплетно рушење на старите, па ќе градиме нови. Приберете се, приберете се со време, бидејќи камен на камен нема да остане.
Ви посакувам среќна Нова година и многу успех во претстојната изборна кампања. Горко ви посакувам и сите да победите, и знам дека сите ќе победите, бидејќи секако вие сте победници кога ние сме губитници.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано