Интервјуа

Богатиновски: Дигиталната иднина треба да се обликува

Интервју со Марјан Богатиновски | Главен комерцијален директор за деловни корисници во Македонски Телеком

Економија и бизнис | печатено издание | јануари 2024г.

Дигитализацијата влегува во сите сфери на животот и на работата на современиот човек, ги редефинира бизнисите, го менува целото општество − паметни градови, работење на облак, автоматизација, нов начин на функционирање и поглед на свет. Ова е глобален тренд. Но, колку кај нас вистински се користи? Дали нашите бизнисмени се свесни и ги користат дигиталните перспективи, колку сме блиску до паметните градови, телемедицината? Колку знаеме да се заштитиме од сајбер криминалот кој е постојана закана? На овие теми разговараме со Марјан Богатиновски, главниот комерцијален директор за деловни корисници во Македонски Телеком.


Дигитализација е еден од најупотребуваните термини во последно време. Што претставува таа?

М. Богатиновски: Дигитализацијата не е моден тренд, колку и да е експлоатирана како термин последниве две години. Таа е насушна потреба на бизнисите и на институциите за да бидат конкурентни и да креираат квалитетни услуги за корисниците и за граѓаните. Со воведување дигитални процеси во организацијата се оптимизира работата, се овозможува следливост на оперативните задачи, се обезбедува можност да се мери ефикасноста и да се автоматизира производството. Во однос на надворешниот свет, компанијата или институцијата станува видлива во дигиталниот простор, им овозможува е-услуги на корисниците и континуирано ги известува за нив преку различни комуникациски канали, ги промовира своите продукти, обезбедува дигитални трансакции 24/7 итн.

Какви предизвици решава дигитализацијата?

М. Богатиновски: Последниве години светот и нашиот регион се соочија со големи предизвици: економски кризи, пандемија, раст на цената на енергентите, иселување на стручната работна сила, безбедносни закани, загадување на воздухот и недостиг на водни ресурси. Дигитализацијата дава ефикасен одговор на голем број од овие предизвици.
Дигиталните решенија на Македонски Телеком овозможуваат вработените да работат од дома или хибридно, што беше од исклучително значење во времето на пандемија, но и денес кога сме во постојана потрага за идеален баланс меѓу работата и приватниот живот. Понатаму, тие даваат можност за далечинско мерење и оптимизација на потрошувачката на електрична енергија. Освен тоа, Македонски Телеком нуди управувани услуги и решенија во облак со што клиентот се ослободува од обврската да инвестира во опрема и стручна работна сила за имплементација и за одржување на своите мрежни и апликативни решенија, како и за намалување на ризикот од сајбер безбедносните закани. Со нашите решенија за паметни градови се подобрува квалитетот на животот на граѓаните, се намалуваат трошоците на институциите и се намалува загадувањето на воздухот.

Дали ваквите дигитални решенија чинат многу? Дали тоа е пречка за нивно масовно прифаќање од компаниите и од институциите?

М. Богатиновски: Не, дигиталните решенија не се луксуз кој може да си го дозволат само најголемите и најбогатите. Напротив, нашите дигитални решенија се скроени за сите. За малите и средни компании имаме решенија за дигитална канцеларија со говорно и податочно поврзување, хостирање интернет-содржини, регистрација на интернет-домен, електронска пошта и софтверски апликации за деловно работење. Го следиме развојот на доверливите услуги и согласно барањата на регулативата на ЕУ и на локалниот закон ние сме регистриран издавач на дигитални сертификати за електронски потпис и за електронски печат. Стандардни дигитални решенија нудиме и за големите компании и за институции со илјадници вработени и географска дисперзираност, но и решенија специјално дизајнирани за нивните потреби. За користење на овие решенија не се потребни инвестициски вложувања од страна на корисникот, туку тој се претплатува на месечна основа и нив ги користи додека има потреба, слично како со претплатата на мобилна телефонија или интернет-пристап. Притоа корисникот може флексибилно да го зголемува обемот на решението и според сопствениот раст и бројот на вработени/локациии да плаќа како што расте. Македонски Телеком е тој што инвестира во: мрежа, опрема, софтвер, имплементација и одржување, додека компаниите и институциите се фокусираат на нивната основна дејност и на капитални вложувања во дејноста со цел да ја престасаат конкуренцијата и да имаат задоволни клиенти.
Сметаме дека реална пречка за помасовно прифаќање на дигиталните решенија е свесноста за нивното постоење и нивните придобивки. Затоа почнавме со издавање на „Т Бизнис магазинот“, организирање тематски конференции, обезбедување бесплатни алатки за проверка на дигиталната подготвеност на компанијата. Нашите стручни лица, како и колегите од Групацијата Дојче Телеком, се на располагање за анализа и за советодавни услуги, обезбедувајќи им на клиентите да ги добијат најдобрите европски решенија и практики за дигитализација што се веќе применети кај европски и светски компании и институции. Ние се гледаме како партнери, а не како едноставни доставувачи на услуги – растот на нашите клиенти значи и наш раст, како и на целата економија.

Еден од најголемите предизвици кој доаѓа со дигиталната трансформација е сајбер безбедноста. Што преземате на ова поле?

М. Богатиновски: За жал, сајбер криминалот е присутен во дигиталниот свет, тука е да остане и ние мора да се справуваме со него. Во последно време сведоци сме дека од овие закани засегнати се не само големите компании и институции туку и малите компании кои немаат ресурси соодветно да се справуваат со нив. Но, иако не можеме да го спречиме сајбер криминалот, можеме да се заштитиме и да го намалиме ризикот. За таа цел, креираме стандардни решенија и решенија по мерка кои може да ги одбиваат ваквите напади, да детектираат сомнителни активности во дигиталниот простор и за ова да ги известат релевантните лица кај корисникот, да креираат извештаи и да предложат мерки за идентификување и за отстранување на потенцијални безбедносни ранливости. Нудиме автоматско, периодично креирање на резервна копија на податоците во заштитениот податочен центар на Телеком. Сајбер безбедноста е столбот на дигиталната трансформација и затоа толку посветено работиме на ова поле. Нашата предност е што сме дел од Групацијата Дојче Телеком и на тој начин обезбедуваме размена на информации за тековните напади во светски рамки и за мерките за заштита.

Паметните градови се глобална реалност. Како Телеком придонесува за развој на овие решенија кај нас?

М. Богатиновски: На решенијата за паметен град работиме повеќе години и без лажна скромност можам да кажам дека сме број еден обезбедувач на вакви услуги во државава, но најважен аспект е што овие решенија се во корист не само на општините и на институциите туку и на сите граѓани. Паметно јавно осветлување имaме имплементирано во: Скопје, Македонска Каменица, Чешиново-Облешево, Василево, Крива Паланка и наскоро во Кочани. Со користење на нашите дигитални решенија за паметно осветлување, од една страна, се подобрува квалитетот на живот на граѓаните со подобрување на квалитетот на осветлувањето и на безбедноста, а од друга страна, се намалуваат сметките за електрична енергија на општините. Дополнително, со решенијата за паметен паркинг, го правиме поефикасно користењето на моторните возила и влијаеме на намалување на штетните гасови во воздухот. Заедно со Германското друштво за меѓународна соработка (герм. Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit [GIZ]) во три општини ќе поставиме паметни водомери за далечинско читање на потрошувачката на вода, за идентификација на загуби во водоснабдувањето, за рационализација на трошењето на водата која сѐ повеќе станува ресурс од непроценлива вредност. Освен тоа, ова дигитално решение може да се користи за оптимално наводнување на површините под земјоделски култури.
Решението за паметно мерење и управување со електричната енергија, чиј хардвер и софтвер Македонски Телеком го разви и го произведе со сопствени ресурси, овозможува контрола на потрошената и произведената електричната енергија и други електрични параметри. Решението, кое е наша интелектуална сопственост, обезбедува веб- и мобилна апликација во облак преку која се следи потрошувачката во реално време, како и квалитетот на испорачаната електрична енергија. Корисникот не мора да чека да дојде сметката на крај на месец, туку може редовно да ја следи потрошувачката и проактивно да реагира со цел да ги минимизира трошоците. Решението може да го користат сите компании и институции, а идеално е за компании кои имаат голема и варијабилна потрошувачка на електрична енергија, како и сопствени фотоволтаични системи. Решението е поврзано во реално време со унгарската берза за електрична енергија (анг. HUPX − Hungarian Power Exchange) за следење и споредба на цената на електричната енергија на пазарот. Печатницата Европа 92 го користи ова решение и веќе ги чувствува предностите бидејќи решението го прилагодуваме според специфичните потреби на корисникот.

Дигиталната трансформација донесе револуција во здравството со телемедицината. Дали кај нас има најави за развој на оваа област?

М. Богатиновски: Ние веќе развиваме решение за телемедицина на кое сме особено горди затоа што овде, во оваа област, новите технологии имаат хумана функција. Ова решение ќе обезбеди далечинско следење и дијагностика кај пациентите и со користење на вештачка интелигенција ќе овозможи рано откривање, навремена интервенција и подобрување на резултатите од лекувањето. Ако се има предвид недостигот на здравствени стручни лица, особено во помалите градови и рурални средини, ваквото решение ќе ги направи квалитетните здравствени услуги попристапни за сите. Понатаму, ќе обезбедиме комуникација во реално време меѓу амбулантното возило во кое се пренесува пациент и болницата. Замислете колку значи доколку на пациентот кој е на пат за болница му се мерат виталните знаци и тој да се подготви во согласност со инструкциите добиени од лекарите во болницата така што тимот на лекари е подготвен за интервенција веднаш по приемот на пациентот. Интересно е што ваквото решение ќе биде меѓу првите во регионот, што нѐ прави посебно горди на нашиот труд и заложби за подобрување на квалитетот на животот.

Дали сте активни и со други проекти за подобрување на квалитетот на животот и на здравјето на граѓаните?

М. Богатиновски: Секако. Еден таков пример е проектот „Итно копче“ кој е партнерство на нашата Фондација и Црвениот крст. Ова решение им овозможува на повозрасните лица да повикаат помош преку едноставно притискање копче кое се наоѓа на уред во форма на рачен часовник. Технологијата е многу моќна алатка доколку се употреби правилно и во служба на човекот.

Што може да очекуваме во иднина од дигиталните алатки?

М. Богатиновски: Ги следиме сите нови текови кои доаѓаат од Групацијата Дојче Телеком, но креираме и сопствени уникатни решенија. Примената на вештачката интелигенција, секако, е на врвот од нашите приоритети, особено преку говорни ботови кои водат конверзација и му помагаат на корисникот на македонски јазик, како што тоа го имплементираат колегите од Унгарски Телеком на унгарски јазик. Комуникацијата преку 5 Г-мрежата ќе биде клучна не само за телемедицината туку и за автоматизација на производствените ленти, што веќе наоѓа примена во чешките фабрики од автомобилската индустрија. Ја прошируваме работата на Безбедносниот оперативен центар кој ќе нуди проширени сајбер безбедносни услуги 24/7. Ги надополнуваме паметните решенија со нови вградливи сензори на IoT, односно интернет на нештата (анг. Internеt of Things) уредите и на нашата платформа.
Цврсто веруваме дека дигитализацијата е поттикнувач на развојот на компаниите, на институциите и на општеството во целина. Нашата мисија е да бидеме лидер во дигитализацијата, верувајќи дека ги имаме ресурсите, искуството и експертизата за да обликуваме дигитални решенија што ќе го придвижат целото општество напред бидејќи дигиталната иднина не доаѓа сама, таа треба да се обликува.


Разговараше: Ќирко Бошкоски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано