НАЈГОЛЕМ НЕДЕЛЕН ПАД НА ЦЕНАТА НА НАФТАТА, ОД ПОНЕДЕЛНИК СЕ ОЧЕКУВААТ ПОНИСКИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА, во Хрватска има најави за значително намалување на цените на горивата

Цената на суровата нафта од типот Брент вчера попладне падна под 98 долари за барел, со неделен пад од повеќе од 13 проценти, што е најголем неделен пад од март 2020 година.

Ова се случи откако надежите за дипломатски пробив на Блискиот Исток ги намалија стравувањата од можни прекини во снабдувањето со енергија, објави „Трејдинг економикс“.

Американската сурова нафта WTI падна на околу 90 долари за барел, исто така забележувајќи неделен пад од 13 проценти, најголем од средината на април.

Американскиот претседател Доналд Трамп разговараше за напорите за деескалација со емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани, додека Техеран разгледува предлози од медијатори поврзани со нуклеарната програма на Иран.

Можноста за постигнување договор и прекин на конфликтот би можела да овозможи зголемување на извозот на сурова нафта од регионот, што дополнително би го намалило притисокот врз светскиот пазар, пренесуваат медиумите.

Од вторник, 10 ноември, возачите во Хрватска би можеле да се соочат со значително намалување на цените на горивата. Според неофицијалните информации од РТЛ Данас, цената на бензинот би можела да падне за дури 11 центи по литар, а на дизелот за осум центи.

Според сегашните проценки, доколку Владата  на Хрватска не донесе дополнителни мерки, литар Eurosuper 95 би требало да чини 1,58 евра, што е за 11 центи помалку од претходно.

Еуродизелот би можел да поевтини за осум центи, на 1,81 евро за литар, додека цената на синиот дизел би можела да падне за девет центи, на 1,36 евра за литар.

Сепак, наведените цени сè уште не се конечни. Постои можност државата да ги зголеми акцизите за горивата, што би го направило намалувањето на цената на бензинските пумпи помало од моментално очекуваното.

Конечните цени ќе зависат од одлуката на Владата и евентуалните промени во акцизите, пренесува Сеебиз.

Поради пониските глобални цени на нафтата македонските потрошувачи од  следната недела можат да очекуваат пониски цени на горивата, но за тоа треба да одлучува Регулаторната комисија за енергетика.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано