Финансии / Банкарство
(Колумна) Развојот низ годините, ретроспектива на осигурителната индустрија во Македонија
Групација на осигурувањето
КЛИМЕ ПОПОСКИ, претседател на Управниот одбор на ВИНЕР – Виена иншуренс груп АД Скопје
Економија и бизнис | печатено издание | ноември 2023г.
Осигурувањето е сектор чиј основен фундамент и бизнис-модел се заснова на доверба. Како потрошувачи осигурениците одвојуваат одреден паричен износ за консумирање на осигурителни производи со цел да обезбедат идна сигурност, да се заштитат од потенцијални финансиски загуби поради идни, неизвесни и неповолни ризични настани.
Регулаторите и супервизорите имаат клучна улога и мисија да обезбедат висок степен на доверба, на стабилност и на амбиент за раст и развој на осигурителната индустрија. Регулаторите креираат здрави и прудентни правила на игра и принципи кои треба да бидат почитувани. Супервизорите треба да обезбедат овие правила да се применуваат и да овозможат соодветна заштита на консументите на осигурителните услуги и на тој начин да се овозможи стабилност на пазарот. Потребен е цел еден човечки век да се изгради довербата, но таа може да исчезне за момент.
Формирањето на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) како регулаторен и супервизорски орган се случи во многу доцен период. За разлика од останатите земји од бившите југословенски републики, како и земјите од некогашниот социјалистички блок кои уште во раните деведесетти години воспоставија регулаторни и супервизорски тела за осигурување, во нашава земја тоа се случи дури во 2009 година.
Поради тоа самите почетоци беа исполнети со многу тешкотии, проблеми и предизвици. Во услови на нереална финансиска слика на друштвата за осигурување, ниско ниво на технички резервации, контаминирана актива, слабости во корпоративното управување, како и непостоење на подзаконска регулатива и ефективна супервизија, постоеше голем ризик од несолвентност на друштвата за осигурување и можност да се наруши стабилноста на секторот и воопшто на целокупниот финансиски систем.
Благодарение на посветеноста, на стручноста и на професионализмот на работниот кадар во АСО се постигна состојба на стабилен осигурителен сектор, високо ниво на капитализираност на друштвата за осигурување, адекватност на резервации и нивно покритие со квалитетни финансиски вложувања. Исто така вредно е да се спомене и големата поддршка од меѓународната заедница (Европската комисија, Светската банка, Европската банка за обнова и развој, регулаторните органи од земјите членки на ЕУ) кои финансираа проекти со цел да се зајакнат институционалните капацитети на АСО.
Македонскиот осигурителен пазар со стапка на пенетрација од 1,6 % и густина на осигурување од 100 евра по глава на жител е во група на недоволно развиени пазари. Земји кои имаат понизок степен на развиеност во однос на нашава земја се Албанија (1,02 %), Косово (1,5 %), Турција (1,57 %), Романија (1,17 %), Естонија (1,52 %), Молдавија (0,8 %), Грузија (1,28 %).
Сепак, во последниве 13 години имаме динамичен раст на осигурувањето, и тоа во двата сегмента: неживот и осигурување на живот. За споредба, кумулативниот раст, односно во случајов пад на неживотното осигурување во земјите на ЕУ за периодот 2010 − 2022 година изнесува -15,77 %, додека во земјите од Централна и Источна Европа (ЦИЕ регион) има раст од 79,65 %. Просечната годишна стапка на раст (негативен) на премиите за истиот период во ЕУ регионот изнесувала -5,39 %, додека за земјите од ЦИЕ 7,69 %. Во случајот на нашава земја, во истиот период се забележува кумулативен раст на осигурителната премија за неживот од 71,56 %, додека просечниот годишен пораст изнесува 4,38 %. Споредено со земјите од Западен Балкан, доколку се неутрализира ефектот од коригирани цени во моторното осигурување во одредени земји, бележиме повисоки стапки на пораст.
Во сегментот на осигурување на живот, со кумулативниот раст од 544 % и годишен просечен раст на премија од 15,84 %, многукратно ги надминуваме движењата во земјите на ЕУ, на ЦИЕ регионот и на земјите од Западен Балкан.
Свое место во синџирот на вредности на осигурителниот сектор имаат и осигурителните посредници. Осигурителните посредници, претставени преку 42 осигурително-брокерски друштва и 660 брокери, 11 друштва за застапување и 1 750 лиценцирани застапници, како и осум лиценцирани банки за работење во сегментот на посредување, познат како концепт на банкоосигурување, играат важна улога во дистрибуција на осигурителните продукти до крајните корисници, како и правилно информирање на клиентите за нивните права и обврски од склучените договори за осигурување. Заклучно со 2022 година, 61 % од вкупната продажба на осигурување се реализира преку индиректни канали на дистрибуција, што укажува на важната улога што ја имаат посредниците во развојот на осигурувањето.
Составен и многу важен дел на осигурителниот мозаик се и актуарите кои се 44 на број по завршената последна обука, од кои 28 се со лиценца за овластени актуари.
Во последниве години, во Европска Унија се случија големи регулаторни реформи, а поради динамичноста на самата индустрија тие се во процес на континуирано модернизирање. Нашите заложби треба да бидат во насока на хармонизирање со нив. Најголем предизвик ќе претставува имплементирањето на директивата Солвентност 2, но не помалку важно претставува и хармонизирањето со Директивата за посредување (Insurance Distribution Directive) и последната модернизирана директива за моторно осигурување. На среден рок, најголем предизвик ќе претставува меѓународниот стандард за финансиско известување број 17 кој се однесува на договорите за осигурување. Целта на овие регулаторни иницијативи е зајакнување на стабилноста и на сигурноста на работењето на друштвата за осигурување, поголема транспарентност во информирањето на осигурениците, на акционерите и на сите засегнати страни во осигурителниот механизам. Сето тоа ќе придонесе кон поголема доверба на корисниците на осигурителни услуги и ќе има влијание врз подинамичен раст на осигурувањето.
Осигурителниот сектор има клучна улога во остварување на милениумските цели на Обединетите нации и на европската зелена агенда. Исто така глобалната осигурителна индустрија како врвен приоритет ја има поставено улогата на општествена одговорна индустрија која води грижа за заедницата во која дејствува, за вработените и за соодветна поставеност на управувачките структури. Во таа насока очекувањата се дека ќе има регулаторни иницијативи за имплементација на директиви за одржливост, за нефинансиски известувања и за воведување на принципите на ЕСГ (ESG) во секојдневното работење на субјектите на осигурување. Субјектите на осигурување кои функционираат на македонскиот осигурителен пазар треба сериозно да ги следат овие иницијативи и независно од временскиот период на воведување на законски решенија треба да покажат сериозна одговорност во постигнување на целта за нулта емисија на стакленички гасови до 2050 година и високо ниво на одговорност спрема вработените и општествената заедница.