Општество

Георгиева: Технологијата ќе продолжи да навлегува во нашето секојдневие, особено со генеративната вештачка интелигенција (GEN AI)

Што очекувате од 2024г.

Лидија Георгиева, дизајнер, редовен професор

„За да одговорам на ова прашање искрено и објективно се обидов да разграничам што посакувам, што очекувам и што предвидувам. Веднаш ми стана јасно – моите идилични посакувања за 2024 година во оваа сè уште прекрасна планета се да престане бизнисот наречен војна, да дишеме чист воздух, да пиеме квалитетна вода. Не очекувам тоа да се случи преку ноќ, но овие теми навлегуваат постепено во сите сектори, па доаѓа време кога и најтврдокорните индустрии мораат да транзитираат кон одржлив развој. Кај нас признавам дека се надевам на деус екс макина.
Глобално, технологијата ќе продолжи да навлегува во нашето секојдневие, особено со генеративната вештачка интелигенција (GEN AI). Ова веќе стана веројатно највлијателната технологија, ги видовме само првите чекори, а во 2024 година ќе почнеме навистина да го согледуваме целосниот потенцијал. Генеративната ВИ може да биде импресивно оружје за зголемување на продуктивноста, но сè уште е лизгав терен проблематиката со авторски права, особено во визуелните уметности, новинарството, литературата, образованието (тука последиците допрва доаѓаат). Загрижува и тоа што водечките ВИ компании при употреба на заштитена содржина не покажуваат некој интерес за плаќање на авторските права.“

ПРЕПОРАЧАНО