Финансии / Банкарство

Попоски: Осигурителниот сектор ќе има сериозни предизвици во 2024 година

Што очекувате од 2024 година?

Климе Попоски, претседател на УО и генерален директор на Винер осигурување

„Осигурителниот сектор ќе има сериозни предизвици во 2024 година. Претстои уште една изборна година која ќе ги закочи неопходните регулаторни промени во донесување нова законска рамка усогласена со ЕУ-регулативата и меѓународните стандарди за финансиско известување. Постојаните критики од страна на Европската комисија за политика на регулирани цени на осигурување од автоодговорност и толеранција на нерегистрирани и неосигурувани возила во патниот сообраќај имаат сериозен притисок врз профитабилноста на осигурителниот сектор. Сè уште сме една од четирите земји во Европа која не е дел од мултиратералниот договор за зелена карта и имаме издавање на т.н. „единечни зелени карти“.
Затегнатите услови на глобалните реосигурителни пазари предизвикани од геостратешките политички услови, од климатските промени, од економската неизвесност и од повисоките цени на капитал ќе имаат влијание во пласирањето на ризиците, во приемот на осигурување и за нагорна корекција на цените на осигурувањето.
Агилноста кон дигитализација на процесите, иновации на страната на понудата со цел да се пресретнат потребите на новите генерации и новопојавените ризици, капитална оптимизација, јакнење на банкоосигурувањето и ефикасно управување со човечките ресурси, ќе претставуваат клучни фактори за успешно работење во 2024 година.“

ПРЕПОРАЧАНО