Финансии / Банкарство
Стојановски: 2024 година треба да биде година во која ќе видиме стабилизирање на инфлаторните притисоци на глобално ниво и во нашата економија
Што очекувате од 2024 година?
Тони Стојановски, генерален директор за корпоративно банкарство и член на УО на Стопанска банка ад - Скопје
„Согласно сите очекувања, 2024 година треба да биде година во која ќе видиме стабилизирање на инфлаторните притисоци на глобално ниво и во нашата економија. Тоа ќе ја намали или целосно ќе ја отстрани потребата на централните банки да продолжат со затегнувањето на монетарната политика и зголемувањето на референтните каматни стапки. Врз основа на тоа треба да се очекува да запре растот и на пазарните каматни стапки, иако сè уште присутните ризици и неизвесности, како глобално така и на локално ниво, наметнуваат претпазливост во однос на предвидувањата за нивно надолно придвижување. Секако, до одредено ниво, без да се имаат предвид останати фактори, сето ова треба да има позитивно влијание на интересот за нови инвестиции и по тој основ зголемена побарувачка за кредити од реалниот сектор споредено со многу ниското ниво на побарувачка со кое се соочивме во текот на 2023 година. Сепак, искуствените сознанија нè упатуваат на голема претпазливост во предвидувањата и затоа, честитајќи ја Новата 2024 година, меѓу другото, да си посакаме енергија и истрајност во остварувањето на нашите деловни планови и да продолжиме да ја градиме способноста на нашите бизниси и компании за справување со сериозни непредвидливи предизвици.“