Општество

Убавиот збор: ДУКАТ НА НЕБОТО

Сузана Камберова | Авторот е доктор по медицина

Економија и бизнис | печатено издание | септември 2023г.

Убава летна вечер се распослала над Скопје.
Од центарот на градот патувам дома со такси. Во автомобилот се чувствува силна миризба на лук. Можеби требаше да бидам упорна и да почекам слободно возило од некоја реномирана такси-компанија, се двоумам задоцнето, чувствувајќи се малку нелагодно. Туѓата миризба, сметам јас, е интимна работа. Не се споделува со секого. Сепак, не ми пречи многу. На крајот на краиштата, и јас сум лук персона, па се насмевнувам и преминувам преку тоа. Возачот сигурно внимава на здравјето, настојувам да се убедам себеси.
Во автомобилот се слуша и радио, а таму се огласува необична станица, без реклами и модерна музика. Наместо тоа, на фон од лесни класични ноти, еден пријатен женски глас чита (о чудо!) фрагменти од некој дистописки роман:
„(...) Беа забранети емоциите, уметноста и религијата (...) Aко некому му се случи некоја непријатност, ќе земе сома(...).“
Беше ли ова исечок од „Атласот на облаците“, се прашувам уморно и малку поспано. Што се пиеше таму? Сапун. Да, така е, се присетив. Робовите клонови таму ги хранеа со сапун за да бидат затапени и среќни. Ако е среќа, да се биде без чувства.
Гласот од радиото продолжува да чита. Речениците се развлечени, а зборовите испрекинати, како кај прваче. Наративот, сепак, се шири и го исполнува просторот меѓу мене и возачот, полека истиснувајќи ја онаа миризба на лук. Сфаќам дека станува збор за компарација меѓу делата на Џорџ Орвел и Олдус Хаксли.
Музиката на зборовите полека ме обвива и ми ги скокотка мислите. Се оддалечувам сонливо од настаните на денот кој замира. Просто е неверојатна оваа ситуација, си мислам. Некако надреалистичка. За да биде сѐ уште почудно, низ предното стакло на возилото се гледа огромна жолта месечина светната како дукат на модра кадифена подлога. Се спуштила ниско на хоризонтот и блеска, сета убава и жолта. Не знаев дека е вечер на полна месечина. И тоа ваква, прекрасна супер месечина, која се доближила до Земјата, па ми се чини само треба да ја испружам раката и ќе ја имам на дланка. Можеби затоа е реалноста вечерва со изместени граници, навлезена длабоко во светот на соништата. Оттаму и ова старо такси-возило, во кое сосема случајно се затекнав, лета во пресрет на големиот златник на небото, на гориво од орвеловски и хакслиевски мисли.
„Она од што се плашеше Орвел беа оние кои забрануваат книги. Она од што се плашеше Хаксли беше тоа дека ќе нема потреба да се забрануваат книгите затоа што ќе нема кој ни да ги чита“, монотоно тече понатаму наративот во ноќта, еднолично, но сега нагласено и со сигурен глас.
Ги замислувам училиштата во кои наместо учебници децата имаат направи со екрани. Се води ли навистина хајка против книгата во оваа дигитална ера? Ќе бидат забранети, вели Орвел. Класика, книги напишани одамна, денес се препечатуваат и од нив се бришат содржини затоа што не биле политички коректни. Овде, за книгите, поен за Орвел, мислам во себе.
Човекот зад воланот молчи и не покажува никаква намера да ја промени станицата. Мене тоа сосема ми одговара. Можеби е некој бивш професор по книжевност или филозоф револуционер преправен во обичен возач. Кружи низ градот и на препад ги засипува случајните патници со трошки култура. Се обидувам од око да го проценам. Највпечатлива на него е фризурата − долгата коса со многу бели влакна собрана е наполу во опавче на тилот. Дали и тоа е знак на отпор, бунт кон конвенционалното или само ретро мода? Гласот од радиото се јавува повторно:
„Орвел се плашеше од оние кои ќе нè лишат од информациите. Хаксли, пак, се плашеше од оние кои толку ќе нè затрупаат со информации, што ќе станеме пасивни и егоистични“, продолжува да чита. Се согласувам, ова оди на сметка на Хаксли. Резултатот се изедначи, сега и двајцата имаат по еден поен.
Автомобилот мазно се лизга по должината на блескаво осветлениот булевар. Тукушто се стемни, но сепак владее сообраќаен метеж. Лицата на патниците во возилата крај кои минуваме имаат нездрава, жолтеникава боја на кожата. Мора да е тоа од вештачкото улично осветлување, си мислам. Ги набљудувам додека на неколку секунди ни се вкрстуваат животните патишта. Изморени, со вкочанет, празен поглед гледаат пред себе. Автомати со единствена цел да стасаат што поскоро до крајната дестинација. Речиси никој од нив не ја гледа месечината. Не ја забележува нејзината раскошна убавина. А таа и понатаму се лула како огромен диск меѓу ѕвездените траги.
„Орвел се плашеше дека ќе ја сокријат вистината од нас. Хаксли, пак, се плашеше дека вистината ќе биде преплавена од баналности. Орвел веруваше дека ќе се претвориме во затворена култура. Хаксли сметаше дека ќе станеме култура на тривијалности.“
Екранот на телефонот кој го држам в рака се осветлува. На интернет-страницата која непрекинато генерира најнови вести има нови објави. Со поглед прелетувам преку насловите: „Николина Пишек топлес на плажа“, „Шокантно − никој не може да ги тргне очите од бујните гради на Селма Хаек.“
Се чини дека Хаксли дефинитивно знаел дека ќе стасаме до оваа состојба, зарем не? Дека ќе бидеме непрекинато засипувани со бесмислени содржини кои се нарекуваат вести, со информации за она што се случува во секоја секунда од животот на небитни „инфлуенсери“. Изгледа дека Хаксли сега води. Два спрема еден за него.
„Орвел вели дека луѓето се контролираат со наметнување болка. Хаксли вели дека луѓето се контролираат преку допуштање задоволства. Орвел верувал дека ќе нè уништи она што го мразиме. Хаксли, пак, верувал дека ќе нè уништи она што го сакаме, нашата незапирлива потрага по уживање и задоволство.“
Мислам на некои познаници кои се внесуваат со револуционерен жар во секоја провидна теорија на заговор која лета низ интернет-просторот барајќи нови поклоници. Тие во приказнава, секако, се орвеловски карактери. Сѐ уште веруваат во конкретен непријател против кој се подготвени да се борат. Зол „генијалец“ кој постојано божем ги прогонува и се обидува да ги пороби, да ги лиши од слобода, од права или од нешто слично. Секогаш е конкретен, секогаш со човечко лице и име. И секогаш некој отстрана, поинаков од нив самите.
Дистопијата на Хаксли за мене е многу пострашна. Во неа ние самите себе доброволно се упропастуваме. Потонати сме во комфор, задушени од безидејност. Самите ќе бидеме виновни за сите наши загуби. Нема да ни биде дадено тоа задоволство, да се откријат некои мистични репресори против кои ќе се бориме. Ќе немаме непријатели за да ги обвиниме кога сѐ ќе уништиме.
Ние самите сме пропаста. Ние сме непријателот.
Месечината се поместува кон лево и се оддалечува полека во заднината. Кога свртевме во правец на Водно ни остана сосема зад грб. Веќе сме го напуштиле прометниот булевар со многу возила и сме навлегле во малите мирни улички на населбата. Какво филозофско-книжевно патување беше ова, иако ни најмалку не ветуваше дека ќе биде така. Испадна неочекувано убаво, но патешествието и радиоприказната се ближеа кон својот крај:
„Она што го мислел Орвел се однесува на минатото. Она што го мислел Хаксли се однесува на нашата иднина“, завршните зборови одекнуваат како заклучок на вечерта. Значи Хаксли е победник. Мој тип човек. Три наспрема еден за него.
Таксистот буричка некаде под воланот барајќи ситни пари да ми врати кусур.
„Не треба“, велам, чувствувајќи дека можеби има нешто за што јас би требало да доплатам. За оваа мала подвижна ноќна драмска сцена која ми ја приреди во своето возило.
„Не, не, имам. Еве, повелете“, се врти тој и учтиво ми враќа сѐ до последен денар.
Излегувам од автомобилот кој ненадејно повторно замириса на лук. Ми се причини како да се возев во златната кочија на Пепелашка која сега, кога магијата на месечината исчезна, пак се претвори во тиква. Ја отворам капијата од дворот, скриена под гранките на борот, во густата ноќна темница. Мирно е и тивко во населбата. Вечерва дури ни кучињата не лаат за добредојде.
Пред да го пречекорам прагот и да влезам во куќата се вртам наназад и уште еднаш погледнувам во големата жолта месечина на небото. Таа сега изгледа како огромно нишало закачено на невидлив синџир на небото. Нишало кое застанало некаде на средина меѓу крајните отклони на кривата по која осцилира.
Некаде меѓу Орвел и Хаксли.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано