Бизнис

Масутис: Прашање на време е кога грчките компании ќе ги препознаат добрите услови за повторно инвестирање во вашата земја

Интервју со Јоанис Масутис, претседател на Унијата на трговско-индустриските комори на Грција

03.01.2024г.

Северна Македонија и Грција се важни економски партнери. Присуството на грчкиот капитал кај нас е големо. Може ли во скоро време да очекуваме нови грчки инвестиции? Имате ли некакви информации да споделите со нас за тоа?

Масутис: Несомнено, нормализирањето на односите меѓу нашите две земји е предуслов и ќе има позитивно дејство во правец на зајакнување на нашата стопанска соработка. Меѓутоа, инвестирањето капитал во крајна линија е одлука на самите инвеститори и се заснова чисто врз деловни и економски критериуми. Лично, сметам дека е само прашање на време кога ќе видиме грчки компании кои ќе препознаат добри услови за повторно инвестирање во вашата земја.

Во каква состојба е економијата во Грција сега? Дали состојбите се стабилизираа по финансиската криза што ја зафати државата? Кои сектори најбрзо се вратија во нормала,  а на кои им треба повеќе време?

Масутис: Грција веќе се врати на патеката на стабилноста и растот дури и пред пандемијата со КОВИД-19, а тоа го покажува зголемувањето на кредитниот рејтинг на нејзината економија од страна на меѓународните агенции за рејтинг и добивањето инвестициска оцена.

Ви сте сопственик на големиот ланец на супермаркети Масутис, каде работат над  10.500 вработени. Како ги оценувате состојбите во трговијата во моментот? Кои се правилата по кои треба да се води една компанија? Како вие работите?

Масутис: Оваа 2023 година може да се опише како година на растечки цени кај повеќето стоки за широка потрошувачка, што претставуваше и глобална појава. Но, цените веќе почнаа да се нормализираат и верувам дека ќе се вратат на пониско ниво во 2024 г. Сите деловни субјекти во секторот малопродажба се соочуваат со силна конкуренција. Особено денес, кога споредувањето цени преку интернетот е инстантно, еден синџир од супермаркети мора да работи потполно транспарентно и да има добри и конкурентни понуди ако сака да ја стекне и задржи лојалноста на неговите потрошувачи.

Кои се вашите очекувања за 2024 година и на личен, но и на економски план?

Масутис: Пожелувам 2024 г. да биде добра година за сите нас и конечно да го дочекаме крајот на непријателските дејства во Украина и Блискиот Исток што преставуваат кочница за економскиот развој и просперитет на нашите народи.


https://ekonomijaibiznis.mk/News.aspx?IdNews=27212

https://ekonomijaibiznis.mk/News.aspx?IdNews=27213

 

ПРЕПОРАЧАНО