Бизнис
Азески: Балканскиот бизнис одамна е во ЕУ
Интервју со претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, Балкански коморски лидер
03.01.2024г.
- Претседателе Азески ќе опстои ли македонската држава?
Азески: Ќе опстои секако.
- Каде погрешивме?
Азески: Да мислиш дека не можеш да погрешиш е состојба за која ти „нема помош“, а такви сретнувам сѐ повеќе. Јас не сум сигурен што грешиме во моментов, но за пред 30 години можам да ви кажам три големи грешки:
- Кои се тие грешки?
Азески: Бевме неодлучни како да се поставиме пред распаѓањето на СФРЈ и тоа скапо го плативме. Предолго тактизиравме. Погрешивме и тоа што тогаш не го повикавме целокупниот човечки потенцијал што го имавме во светот да се вклучи во градење на државата која ја создадовме под тешки битки и голем број на жртви. Но, најголемата грешка е тоа што на почетокот не изградивме заедничка платформа за функционирање на државата обременета со разноразни поделби, што значи ги продолживме поделбите и не изградивме приоритети.
-Што и како понатаму?
Азески: Како цел Балкан, НАТО,ЕУ, обединет Балкан, обединета Европа. Стрпливост за политиката, брзина за бизнисот, одговорност за сите.
-Вашите очекувања за 2024 година?
Азески: Очекувам новата Влада, по изборите што ќе се случат на пролет, што поскоро да се позабави со проблемите на реалниот сектор. Мојата прва цел е да продолжиме да ја засилуваме реалната економија, да ги поддржуваме иновациите и да ја стимулираме конкурентноста во нашата бизнис средина, со поддршка на науката и образовните институции. На регионален план, претседателството со Асоцијацијата на Балкански комори оваа година има потенцијал да ја зголеми видливоста на македонската бизнис-заедница на меѓународната сцена и да отвори можности за соработка и инвестиции. Во фокусот на нашето претседателство ќе биде инфраструктурата, инвестициите и извозот. Во сите овие активности кои ќе следуваат клучна ќе биде поддршката од меѓународните финансиски институции, сѐ во контекст на поголем економски напредок.
Што е АБК?
АБК е здружение на 10-те стопански комори од Балканскиот регион (членки и не-членки на европската Унија), кое во 2024 година одбележува 30 години од своето постоење. Целта на Асоцијацијата е создавање интеграција и развој на стопанската соработка во регионот.
Членки на АБК, покрај Стопанската комора на Северна Македонија, се и Стопанската комора на Албанија, Стопанската комора на Бугарија, Надворешно – трговската комора на БиХ, Стопанската комора на Црна Гора, Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, Стопанската комора на Кипар, Стопанската комора на Романија, Стопанската комора на Србија, Унијата на Комори и стокови берзи на Турција и Стопанската комора на Косово.
https://ekonomijaibiznis.mk/News.aspx?IdNews=27213
https://ekonomijaibiznis.mk/News.aspx?IdNews=27214