Општество
„Ката“ или форма
Светлана Поп-Дучева | Авторот е доктор на Филозофски науки
Економија и бизнис | печатено издание | септември 2023г.
Катата е метааксиома на јапонската етика
Кога ќе се спомне јапонската култура, некако по асоцијација доаѓаат на ум неколку врвни светски имиња, контроверзниот писател, поет, режисер, актер и политички активист Јукио Мишима; режисерот, оскаровец за животно дело со опус од над 30 филма, Акира Куросава и современиот писател Харуки Мураками. И, се разбира, тука се и неколкуте популарни обичаи, церемонии, ритуали и симболи препознатливо поврзани со јапонската историја, уметност и култура како на пр. чајната церемонија, ритуалот на самоубиство – харакири (сепуко), самураи, камикази, гејши, Бушидо кодекс, кимоно, но и театарот, јапонските цреши, бонсаи, суши, Мицубиши, Тојота, Покемон и толку. За нас, наследниците на европската култура, несомнено Земјата На Изгрејсонцето е далечна мистика, неоткриена енигма, неразбирлив систем на организација до перфекција, точност, ред, поредок, работливост, накусо земја за восхит. Ако пребарате на интернет, Јапонија е супермодерна држава, индустриски гигант, култура со богата традиција и културолошко наследство, густо населена со над 127 милиони жители, според густината на шеснаесеттото место во светот, население со најдолг просечен животен век, над 80 год. и најголем број на стогодишници во светот, народ кој за првпат во пишани документи се сретнува во кинеските списи, околу 57 г. од н. е. под името земјата ВА (WA) „каде живее народ преку Океанот кој е збир од 30 племиња, а со народот владее царица, шаман“.
Текстот пред вас е инспириран од предавање на колегата д-р Јорданчо Секуловски на Филозофскиот факултет во Скопје, а има цел сублимирано да ја пренесе содржината на предавањето, но и да нè запознае со јапонската етика и филозофија на живеење. Темата на предавањето се однесуваше на „Етиката на Тецуро Вацуџи: Ката како метааксиома на знаењето во Јапонија“. Доктор Јорданчо Секуловски е професор на Универзитетот Темпл во Токио, Јапонија, каде што предава филозофија и хуманистички науки и е член на низа асоцијации, меѓу другите и на Европската и меѓународна асоцијација на јапонска филозофија. Дипломирал на УКИМ, на Катедрата по филозофија, а магистрирал и докторирал на Универзитетот во Париз под менторство на францускиот филозоф Франсоа Ларуел.
Кој е споменатиот филозоф Тецуро Вацуџи?
Вацуџи е припадник на група јапонски филозофи кои во текот на 20 век успеале да ја промовираат јапонската филозофија надвор од границите на Островот. Тој е голем познавач на европската, континентална филозофија, дипломирал во 1912 год. на Универзитетот во Токио на тема Ниче, а набрзо и на Шопенхауер, одлично ги познавал филозофските идеи на Кјеркегорд и на Хајдегер, а Хајдегер и го критикува поради преголемото акцентирање на временската димензија при обликување на постоењето на човекот, изоставајќи го просторот. Вацуџи е филозофски авторитет во Јапонија, бил професор на Токискиот универзитет во 1925 г., раководител на студиите по етика, автор е на повеќе дела, а во нив главно го критикува европскиот индивидуализам наспроти колективниот јапонски дух. Според Вацуџи, просторот е тој кој го дефинира човекот. Традиционално просторот зазема централно место во јапонскиот дух на живеење и сензибилитет, географијата и топографија, земјините климатски и временски обрасци, температурата, влажноста на воздухот, почвата и океаните, флора и фауна, архитектура, избор на храна и на облека, нашата околина земена во поширока смисла, нè оформува како луѓе со идентитет. Оттука древната мудрост, тоа колективно наследено знаење, исто така се пренесува во просторот. Според Вацуџи, за да оживее древното, за повторно да заблеска, да запамети, да примени, да оживее во светлината на современите прашања и грижи, значи да се живее неговото значење сега, овде, тука. Просторот е место и на ритуал и на церемонија, а кога е прашан на пр. Мураками што значи ритуалот за него и дали има ритуали во секојдневниот живот, одговорил дека без исклучок секојдневно трча, слуша музика и чита книги. Ритуалот за Мураками претставува враќање во центарот каде што се смирува и се охрабрува, физички и ментално зајакнува. Секојдневното повторување на ритуалот за него, како впрочем и за секој Јапонец, станува важна работа, форма на хипноза, а хипнозата помага да се допре подлабоката состојба на умот. Ритуалот, таа „форма на хипноза“, е столб во јапонската култура. Во основа на ритуалот лежи „ката“. Поимот „ката“ од јапонски се преведува како форма. Катата или формата е еден вид образец на исправно однесување, таа е метааксиома на јапонската етика. Со неа се регулира сè, од меѓучовечки односи и релации (татко – син) до церемонија на пиење чај или боречки вештини. Формата за Јапонците е сè. Нешто слично како во Аристотеловата филозофија каде што формата е интелект, активен принцип, божествена идеја, духовна е, а со формата се дефинира граѓата/супстанцијата или материјата. Граѓата е пасивен принцип. Од дрво може да се создадат разни форми, да се изделка накит, да се создадат садови, украси, статуи, но и маси, столови, врати, куќи. Формата ја дизајнира супстанцијата/граѓата. Безбројни се и неброени се формите што можат да произлезат од сè, но за тоа е потребна „ката“ или форма/форми, процедура, структура, образец, елементи и систем на знаење. Во јапонското општество, ако нешто е невозможно да се стори, Јапонците велат: за тоа нема „ката“, а доколку има, таа се применува, се следи. Катата или формата не се докажува, тоа е така како што е, се прифаќа. Колку повеќе човек осознае, се освести, прифати „кати“, толку е подобар човек, добри сте ако сте „во ката“, ако не сте, а сте „надвор од ката“, тогаш сте отпадник, лош и зол, значи неморален и според тоа не припаѓате на колективното. Знаењето во јапонската култура е колективно за разлика од континенталното, европското, каде што е индивидуално. Со други зборови, „катите“ може да се разберат и како проверени начела, како нешто што е исправно, така е и никако поинаку. Според катите, во Јапонија никако не можете да го изгубите вашиот паричник. Тој ќе ви биде вратен, а тоа ќе го сторат 99,9 проценти од Јапонците. Катите се изградени врз систем на грижа и на доверба, на должност, на чест, на честитост, тие се усовршувале и се усовршуваат низ времето, оттука е и силниот напредок на земјата. Потребно е да се усвои нивото на катите за тие да се применат. Така на пр. единствено церемонијал-мајстор може да раководи со церемонија на чај која трае минимум четири часа, но не и друг, а само мајсторот откако ќе ја совлада церемонијата може да воведе нов елемент или „ката“. „Катите“ градат меѓучовечки релации, организираат соодноси, јавни, професионални, каде што минатото и иднината се прекршуваат и оживуваат во сегашноста на современиот Јапонец и на Јапонија. Фасцинантно, веројатно ќе се согласите.