Финансии / Банкарство
Наративите и вештачката интелигенција како предизвик за управување со финансиските пазари
Љубица Шопова | авторот е магистер по економски науки
Економија и бизнис | печатено издание | септември 2023г.
Управувањето со финансиските пазари секогаш е поврзано со различни предизвици во зависност од актуелните економски и неекономски настани и околности.
Покрај добропознатите фактори како што се растечката инфлација, флуктуациите во цените на енергентите, геополитичките случувања како резултат на воениот конфликт меѓу Русија и Украина, наративите кои стојат зад сите овие случувања имаат силно влијание врз состојбите на финансиските пазари. Во исто време, уште еден предизвик претставува користењето на вештачката интелигенција при анализата на податоците, нудејќи нови методи и пристапи за професионалните инвестициски компании и за индивидуалните инвеститори. Ова особено доаѓа до израз во поново време кога и самиот наратив за користењето на вештачката интелигенција во најразлични области се прифаќа од сѐ поголем број луѓе од различни профили.
Кога станува збор за наративите се мисли, пред сѐ, на виралните приказни кои во денешно време се шират побрзо од светлината преку различните дигитални алатки, а особено преку социјалните медиуми. Тука треба да се имаат предвид и заложбите што се прават од одредени луѓе тие приказни да стануваат вирални и сѐ популарни со помош на различни алатки, вклучително и оние кои користат вештачка интелигенција. Па така, дури и мислењето на одреден четбот, врз основа на анализа на одредена низа на податоци, може да има силно влијание врз креирањето на одреден наратив и со тоа да биде одлучувачки фактор или причина за одредени состојби на финансиските пазари.
Извор: https://chat.openai.com/
Ако погледнеме низ историјата ќе наидеме на голем број случаи каде што приказните зад доминантните наративи се можеби главните причинители за краховите на финансиските пазари. Таков е случајот со бумот и нерационалниот оптимизам во 20-тите години на минатиот век кога луѓето без никакво познавање за компанијата чии акции ги купуваат, а само врз основа на нешто што слушнале во јавноста или некој познаник им кажал дека заработил од инвестирање во акции, верувале дека тоа навистина е така. Сличен е и случајот пред избувнување на кризата во 2008 година кога сите економски чинители – обичниот човек, професионалните инвеститори и креаторите на економските политики претерано веруваа во растот на цените на недвижностите, дека тоа е најдобра инвестиција и тоа го претворија во популарен наратив кој ги водеше главните економски настани во тоа време. Во нашава земја таков пример имавме со бумот на македонската берза во 2007 година, кога дури и такси-возачите беа убедени дека инвестирањето во која било акција е најдобра инвестиција во тој момент. И така, популарните наративи во 20-тите години на минатиот век и во првата декада од 2000-тите години се можеби главни причинители за најголемите кризи во историјата на управувањето со финансиските пазари. Всушност, игнорирањето, невклучувањето на тие фактори при управувањето со состојбите на финансиските пазари може да се смета како голем недостаток во современата инвестициска професија.
Иако технологијата и науката се развиваат и нудат нови можности за справување со предизвиците на финансиските пазари, настаните низ историјата сведочат дека одредени кризи од ист тип сепак се повторуваат. Како најактуелна алатка и приказна во овој момент е вештачката интелигенција која нуди различни начини и нови методи за минимизирање на непосакуваните исходи при управувањето со финансиските пазари. Па така, со помош на алатките кои користат вештачка интелигенција, врз основа на анализа на обемни податоци и информации, може да се идентификуваат одредени обрасци и со тоа инвеститорите и портфолио менаџерите би можеле да донесат подобра одлука за тоа во која акција, обврзница или некој друг финансиски инструмент ќе инвестираат. Потоа, врз основа на анализа и следење на пазарните трендови, би можеле да се идентификуваат и потенцијалните ризици пред тие да се случат и на тој начин да се донесат подобри одлуки за оптимално инвестициско портфолио и сето тоа да се направи за многу кратко време. Иако овие алатки се од исклучителна важност и се од голема корист при управувањето со финансиските пазари, нивното користење претставува голем предизвик од повеќе аспекти: степенот на едукација на корисниците, заштитата на личните податоци и покриеноста со соодветна регулатива за нивното користење. Иако овие модели се претежно квантитативни и се потпираат на статистички анализи и податоци, можноста за анализа на текст, на слики, на видеа, на кодови и на различни информации овозможува да се вклучат и наративите во управувањето со финансиските пазари. За илустрација, ќе го прашаме моментално најпопуларниот советник за сѐ во светот – ChatGPT.
Несомнено е дека наративите и алатките кои користат вештачка интелигенција треба да бидат инкорпорирани во економските анализи со цел да се добие целосната слика за одреден економски настан и во крајна линија да се овозможи подобро да се предвидат и со тоа да се избегнат одредени ризици и несакани последици поврзани со управувањето на финансиските пазари. Од друга страна, и употребата на таквите алатки само по себе е предизвик бидејќи треба да се потпира врз соодветна регулатива, стандарди и податоци од релевантни и проверени извори. ChatGPT и сличните алатки нудат можност за поквалитетни финансиски анализи и подобро управување со предизвиците на финансиските пазари. Но, сепак, поради недоволната регулатива во областа на користењето на вештачката интелигенција и огромната количина на лажни вести при креирањето на доминантните наративи, нивното вклучување во управувањето со финансиските пазари треба да биде со одредена доза на резерва бидејќи, како што веќе напоменавме, сето тоа само по себе моментално претставува голем предизвик.