Општество
Филозофија: Ајнштајн и Тагоре
Светлана Поп-Дучева | Авторот е доктор на Филозофски науки
Економија и бизнис | печатено издание | јули/август 2023г.
Ајнштаjн и Тагоре се сретнале неколкупати. Последната и најзначајна средба се случила на 14 јули 1930 година во домот на Алберт Ајнштајн (14 март 1879 г. − 18 април 1955 г.) на периферијата на Берлин каде што срдечно го пречекал индискиот поет, филозоф и музичар Рабиндранат Тагоре (7 мај 1861 г. − 7 август 1941 г.). Оваа средба, за разлика од претходните, била забележана во светскиот печат од тоа време. Што е заедничко за Ајнштајн и Тагоре? И двајцата се нобеловци и потекнуваат од угледни семејства. Најпрвин, во 1913 г., Нобеловата награда за литература му е доделена на Тагоре, а подоцна, во 1921 г., од областа на теоретската физика ја добива Ајнштајн. Иако се среќавале неколкупати, никогаш не се допреле со мислите. По актуелната средба, Ајнштајн дал спорна изјава за печат − дека не се разбрале, терминолошки се разликувале, па јазикот бил проблем, семантиката итн., но подоцна ја повлекол изјавата. Рабиндранат Тагоре се школувал на угледниот Англиски универзитетски колеџ за право, но ги напуштил студиите така што англискиот јазик не бил проблем, а Ајнштајн говорел 4 до 5 јазика, нешто друго било во прашање. И двајцата припаѓале на различни култури. Ајнштајн на западната, Тагоре на источната. Ајнштајн го обожавал Кант, омилено дело му било „Критика на чистиот ум“, а Тагоре ја живеел источната филозофија, таоизмот, будизмот итн. Разговорот меѓу двајцата нобеловци, сепак, имал смисла и поента.
Ајнштајн: Дали верувате во божественото како изолирано од светот?
Тагоре: Не е изолирано. Нашето внатрешно битие го разбира универзумот. Не може да постои ништо што не е опфатено со човечкиот ум, а тоа докажува дека вистината на универзумот е и човечка вистина. Универзумот, вели Тагоре, е како пајажина, а нашите умови се еден вид пајаци кои се движат по космичките мрежи. Спротивно на Тагоре, за Ајнштајн универзумот, природата, светот како реалност се независни од човештвото и човековата свест и постоење.
Разликите меѓу Ајнштајн и Тагоре се евидентни. Токму поради културолошката заднина и филозофската традиција.
Западната филозофија и култура има традиција на различен вредносен систем од источната. Вредностите кои ги валоризира западната филозофија се: индивидуалност, право на живот, слобода и среќа (среќата сфатена како удобност, материјални добра, добросостојба) и во таа смисла науката и технологијата се во функција на подобрување на човековиот живот. Западниот човек се бори против злото, се залага за праведност и правичност, за промени во светот на подобро. Тој е подготвен да го менува светот, прво за себе, а потоа и за другите. Источната филозофија вели друго. За источната парадигма колективното, колективната свест се на прво место, а хармонија со природата е врвно здравје, спиритуалност и духовна среќа. Светот не може да се промени, околностите треба да се прифатат какви што се, само човекот може да се промени, да се менува ментално, духовно, за да се адаптира на судбината со тоа што ќе ја прифати. Тоа што за западната филозофија е слабост, за источната е доблест, и обратно. За западната филозофија е слабост да се трае, да се трпи судбината; напротив, човек е слободен и треба да се избори за својата иднина.
Дискусијата меѓу Ајнштајн и Тагоре денес е историја. И покрај културолошките разлики, пријателството и човечноста меѓу нив останале докрај. Тагоре јавно ги осудил нацизмот и третманот на Ајнштајн (германски Евреин) од страна на нацистите. И двајцата оставиле траги во светската историја, литература, музика, филозофија, наука, култура, извршиле големо влијание, секој во својата област, но и пошироко. Покрај пријателството со Ајнштајн, Тагоре соработувал и со сите позначајни интелектуалци, филозофи, писатели од тоа време како Анри Бергсон, Роберт Фрост, Џорџ Бернард Шо и др.
Од денешна перспектива, дискусијата меѓу Запад наспроти Исток, се чини, е минато, меѓу нив има нов знак, знакот на баланс.