Општество
Македонски народни приказни
Сузана Камберова | Авторот е доктор по медицина
Економија и бизнис | печатено издание | април 2023г.
Живееше еднаш еден човек кој сметаше дека е многу чесен и мудар. Животот му врвеше лесно, без многу мака. Потекнуваше од видно градско семејство, но еден од дедовците, кога почина, му остави во наследство едно стадо овци во планина. За нив требаше сега тој да се грижи. А тој се разбираше и се занимаваше само со префинети нешта, па така, за да ја исполни оваа задача, најми еден снаодлив овчар и еден голем пес да го чуваат стадото.
По извесно време, од грижа на совест, отиде да го посети трлото. Кога стаса таму се вчудовиде и беше ужаснат. Оградата беше искршена, овците валкани, а волната, млекото и сирењето ги немаше.
Се обиде да се разбере со тандемот чувари, но тие толку се беа одомаќиниле, та за малку не настрада. Песот ’ржеше откривајќи ги острите песјаци, а овчарот се муртеше.
„Дојди, па работи самиот“, рече овчарот. „Засукај ги ракавите, па потоа мудрувај. Не можам јас сè да постигнам.“
Човекот се мислеше што да стори. Се пожали така на една група ловџии кои логоруваа во околината. Кај нив наиде на неочекувано разбирање и сесрдна желба да му помогнат.
„Зошто не го земеш волкот за чувар?“, му предложија.
„Ама како волкот, кај се видело и чуло волк овци да чува?“, се зачуди човекот.
„Тогаш оние некапените, овчарот и песот, нека продолжат да ги чуваат твоите овци. Бараш помош, а не слушаш. Погледни каков ред владее кај нас. Ама, ако самиот знаеш подобро, терај како што си наумил“, рекоа ловџиите. „Волкот си ја знае работата. Наш е, припитомен, обучен. Не е каков било. За него ние ќе гарантираме.“
Човекот се мислеше што да прави. Дали да се извалка и да сработи сам дел од работата или да си најде подобар чувар? Волкот? Ако овие вешти ловџии тврдат дека волкот е добар чувар, мора да се во право. Ќе испадне прост ако не ги послуша.
Ловџиите му оставија добар впечаток. Му се допаѓаше начинот на кој со студен поглед, без да трепнат, гледаа преку нишанот од пушката; како со мирна рака и прецизен стисок го повлекуваа орозот. Бам, и пленот е готов. Во нив имаше нешто истовремено ужасно и привлечно. Беа силни, непобедливи, моќни.
Во полето под трлото се наоѓаше едно село. Таму најде соба да преспие. Луѓето од селото беа молчеливи. При спомен на ловџиите само се муртеа, но никој не сакаше да зборува. Се раскажуваше дека откако тие дошле во крајот, селаните постојано имаат штети и загуби. Дури и судири имаше меѓу нив. Но, сепак, селаните молчеа. Секој си ја гледаше својата работа.
Што знаат овие прости луѓе, си мислеше човекот. Не мрднале од куќата во која се родени. Работат прости работи. Тие се исти како оној неук овчар, неизделкани и необразувани, а сепак алчни и итри. Да било поинаку, немаше да живеат така примитивно. Ако се угледам на нив, млекото секогаш ќе ми биде истурено, а чергата кратка.
И така тој реши да се спогоди со ловџиите. Едно утро, кога овчарот и песот станаа од спиење, нешто блесна од зад првите дрвја на околната шума. Метал. Овчарот полека огледа околу себе. Песот го душна ветерот и за’ржа. Низ вратата на трлото влезе човекот и значајно ги погледна. Сè им беше јасно. Ловџиите ги опколиле. Ги држат на нишан. Беа во стапица.
Ловџиите ги врзаа и ги однесоа во селото. Таму ги затворија во еден напуштен амбар. Песот врзан со синџир, а овчарот со јаже.
Селаните немо гледаа што се случува. Човекот, пак, чувствуваше големо олеснување. Ги среди работите. Сега сè ќе биде како што треба. Толку способни луѓе, ловџиите.
Уште истиот ден волкот влезе во трлото. Овците се накострешија, но тоа остана само нивни проблем. Човекот слезе долу во селото гордо и победнички. Таа вечер, во селската крчма, сите ги честеше ракија и вино. Лицата на селаните не се менуваа. Никој не му се насмевна, никој не му направи муабет. Молчешкум гледаа во чашите, како да од таму нешто ќе излезе. Што знаат тие, си мислеше тој во себе. За некоја година работата ќе тргне и јас ќе направам фабрика за преработка на млеко. Тогаш ќе ме молат да ги вработам нивните деца, да имаат за леб. Молчеливи простаци. Јас сум се запознал со видни луѓе од цел свет. Знам како да разговарам, да решам проблем, со кого да се спогодам и како.
Наредниот ден отиде до трлото да види како се снаоѓа волкот. Го најде како лежи и оближува. Во трлото недостасуваа три овци. Вознемирен, отрча да ги побара ловџиите. Но, тие ловеа во шумите и не можеше да ги најде. Постојано го селеа логорот. Го следат дивечот, мислеше. Не сакаше да верува дека нешто друго е во прашање. Во логорот кој го напуштиле најде заборавена овчешка кожа со жиг од неговото стадо. Но, не можеше да поверува дека тука има некаква матна работа. Та ловџиите беа толку фини. Им бегаше на сомнежите, тресејќи со главата.
И така секој ден одеше во трлото и секој ден го наоѓаше волкот задоволно истегнат. Дури му се чинеше како да се насмевнува. Му се приближи еднаш, колку што му дозволуваше храброста, да го види поубаво.
„Волку!“, извика. „Да не ги давиш ти овците?“ Во себе се прекори што воопшто се посомнева.
„Не бе газда“, волкот одеднаш прозборе и го преплаши. Сè беше видел и научил по светот, од сè се разбираше, ама волк кој зборува, е тоа уште не беше видел. Каква совршена дресура спровеле ловџиите, мислеше.
Повторно собра храброст и му довикна од далеку. „Да не чујам или разберам нешто такво. Многу ќе се налутам. Фалат веќе десет овци, а денес снема уште три.“
„Не газда, тоа не сум јас“, пак проговори волкот со чист и јасен глас. „Ама сè ми се чини ги видов селаните како се прикрадуваат ноќе околу трлото. Овчарот ги поткупил со волната и млекото што ти ги украде. Може и некоја овца да земале.“
„Ах тие бездарници“, извика човекот. Беше лут на себе, на овчарот, на песот и на селаните. „Како само не се досетив? Прости луѓе само тоа знаат. Туѓо да грабнат, со лесно да искористат. Пу, зло невидено.“
Како споулавен сјури удолу по ридот. Го врза овчарот со три пара лисици и го стави во побезбедна зандана. Потоа трчаше по селото како изваден од умот, извикувајќи пцости и клетви. Секој што ќе го сретнеше му се тргаше од патот. Најпосле, сиот премален, легна и заспа. Сони еден чуден сон. Не знаеше дали е тоа навистина сон или така, напола буден, блада. Во сонот, во собата во која лежеше, влезе еден старец со долга бела брада. Личеше на дедо му. Седна крај постелата и долго го гледаше без збор. На крајот само воздивна, прошепоти нешто и полека излезе. На постелата остави парче кожа.
Кога човекот се разбуди сонцето беше високо на небото. Во собата немаше никого. Изрипа од постелата и со трчање се искачи на ридот, кај трлото. Таму сè беше пусто. Немаше ниедна овца. Се гледаа траги од борба. На полуразурнатата ограда висеше обесена некаква кожа. Волчешка. Човекот ја препозна веднаш. Тоа беше тој, волкот чувар.
Се сети што му шепна старецот во сонот, претходната ноќ. Спомна некоја приказна, за волк во јагнешка кожа. Или беше обратно? Човек во волчешка кожа. „Леле, до бога“, врескаше. Што направи?
Се врати во селото посрамотен, со наведната глава. Луѓето по обичај молчеа додека минуваше крај нив. Но, овој пат знаеше што мислат. Ги зеде своите работи од собата и си замина. Никому не кажа ни збогум.
Повеќе не слушнаа ништо за него. Ниту за ловџиите. Ни за волкот, кој и не беше вистински волк. Сите заминаа ненадејно како што и дојдоа. Светот ги проголта во својата голема утроба. Единствена вистинска жртва, во оваа приказна, беа овците.
А селаните? Тие го пуштија овчарот и го одврзаа песот, кои си заминаа од селото во непознат правец. Потоа продолжија со својот едноставен живот. Никому не раскажуваа за случкава. Зашто никој и не сака да слушне. Ниту да научи. А особено не некој кој се смета за многу учен.
Само еден старец повремено продолжи да се појавува кај првите куќи во селото. Ќе постои малку и ќе воздивне со тага. И нешто ќе си прошепоти. Којзнае што и којзнае кому. И потоа ќе го снема. Трлото остана празно. Сè додека еден ден не дојде некој нов газда. Со нов овчар и ново стадо. И сето ова започна повторно од почеток.