Општество

Мицковски: Една или две Европи во новиот светски поредок?

Ивор Мицковски | Авторот е политиколог

Економија и бизнис | печатено издание | мај 2023г.

Кој командува денеска во Европа, кого и ние помалите НАТО-членки и вечни ЕУ-кандидати слушаме, од кого навистина зависиме?! До пред руската инвазија на Украина, одговорот ќе беше очигледен: САД се главни како стратешки и воени сојузници, Германија како континентална сила способна да наметне економска политика за цела ЕУ во сооднос со нејзините меркантилистички интереси и својата монетарна култура.

Американската хегемонија својот израз го добиваше преку НАТО водена од основачкото мото: „Американците внатре, Русите надвор, Германците долу“. Германската субхегемонија како економско-трговска концесија на Американците кон нејзиниот протекторат се грижеше да одржува политичка стабилност во линија со нејзините економски приоритети. Денес, кога европската германско-француска локомотива изгледа излетана од шини, кога новата студена војна меѓу САД и Кина е пред портите, овие законитости како повеќе да не важат или, во најмала рака, произведуваат нови контрадикции и парадокси. Дури и за малата Македонија е важно да ги разбере овие процеси за да разбере што сака и како да го постигне.
Америка е стратешки ориентирана кон Кина, Тајван и Индопацификот, и не поминува ден, а да не ја потсетат Европа за својата секундарна важност. Америка во Европа се грижи само како да ја спречи кинеската пенетрација која станува сè посилна, особено на технолошко поле, а нешто помалку и на трговско. Од тој аспект и војната во Украина, која по 14 месеци е заглавена во еден крвав статус кво, не е повеќе американски приоритет и сè повеќе ќе станува единствено европски терет. Конечно, војната се води на европско тло. Причината за американската пресметливост лежи во фактот што Вашингтон ги оствари своите стратешки цели: да ја растури енергетската меѓузависност меѓу Германија и Русија и да му одржи лекција на Путин одржувајќи ја обединетоста на НАТО, па дури и зголемувајќи ја преку влезот на Финска.

Сепак, тој натпревар е сè уште во тек, а исходот е нејасен. Западната поддршка за украинскиот отпор го осуети освојувањето на Киев, Москва веќе доживеа 4 порази на терен (се повлече од Киев, го изгуби Харков, го напушти Херсон, се заглави во Бахмут), но војната на исцрпување во Донбас останува и понатаму. Пентагон веќе во неколку наврати алармираше дека се соочува со недостаток на муниција. САД веќе доцнат 4 години со планираното вооружување на Тајван токму затоа што најголемиот дел оди за Украина кој е секундарен театар. Во исто време, во моментов, многу е тешко да се замисли крај на конфликтот. Френетично се бара излез од можно зајакнување на НАТО-присуството во Полска и балтичките држави до фантазиите на голем дел од американските апарати кои посакуваат војната да заврши до крајот на годинава во корејски стил. Во тоа сценарио, Северна Кореја би биле украинските територии во раце на Русите, додека Јужна Кореја би бил остатокот од земјата под контрола на Киев, безбедносно гарантирана од светските сили. Секако, за овој процес на реконструкција Европа би била таа која треба да го плати контото. Но, тешко е замисливо дека Европа би можела долгорочно да живее со отворена рана и милитаризирана 38 ° паралела на свое тло, поточно, во своето срце.

Во исто време мора да се запрашаме каква е состојбата со обединетоста на НАТО-членките и атлантските сојузници, како и нивото на единство во самата Европска Унија. Која е денес блискоста меѓу Варшава и Париз, што имаат суштински заедничко како што имаат заедничко Турците и Романците, Англичаните и Унгарците, Бугарите и Македонците, да не зборуваме за Германците со Полјаците или Французите?! Листата на контрасти, на контрадикции и на латентни конфликти е речиси бескрајна. Одново се појавува античката европска поделба на Исток и Запад покрај постоечката Север-Југ. Или што би рекле Американците: меѓу Нова и Стара Европа. Геополитички гледано, источните членки и поранешни членки на Варшавскиот пакт се американската антируска авангарда, регионален и национален идентитет базиран на судир со Москва кој веќе самите земји го имаат присвоено или доволно силно наметнат до степен да сонуваат за целосна или делумна ликвидација или распад на Русија. „Старите“ членки од Западот кои полека, но сигурно ја губат централноста над НАТО и Унијата, воопшто не ја земаат предвид таа опција и попрво би се држеле до постоечките византизми отколку еднаш засекогаш да расчистат со Империјалистичка Русија.

Овие разлики лесно се нотираат и во однос на Кина и генерално за послушноста или блискоста кон Вашингтон. Макрон минатата недела излезе со контроверзната изјава дека: „Да се биде сојузник на САД не значи дека треба да се биде нејзин вазал“, како и многу попроблематичниот став дека Европа не треба ги следи САД во нејзината политика кон Тајван. Конечно, дека Европа не треба да го понижи Путин. Позициите на Макрон имаат и своја валидност како барањето за стратешка независност на Европа, но реторичката непромисленост од голистички карактер само направи штета на европските позиции, ја подели и понижи ЕУ пред Кина, па дури им наштети и на француските стратешки интереси во Индопацификот.
Од друга стана, погледнете ги пораките на полскиот премиер Моравиецки од Вашингтон, кој за време на посетата договори богата набавка на Ф-35 авиони и ракети земја-воздух со домет од речиси 2 000 километри. „Империјата на злото која Путин ја создаде во последниве 23 години се воскресна на Истокот“, ќе каже Моравиецки. „Руските варвари не се закана само за Украина туку и цела Европа и за целиот слободен свет“. „Новата Европа тоа го препознава, време е тоа да го направи и Старата“. Во исто време, Полска е ударната антируска тупаница и предвидува да ја создаде најголемата војска во Европа надминувајќи ја и Франција, која бара од Германија 300 милиони евра како репарација за Втората светска војна. Берлин таквото барања го смета за неприфатливо.

Во исто време почнува да зоврива африканскиот котел поттикнат од многу меѓународни актери, но најмногу од Москва која веќе ја истисна Франција од неколку поранешни колонии благодарение на трупите Вагнер. Последниот случај е Судан, што само ја потврдува тезата дека војната во Украина и тензиите низ Африка се стратешки поврзани. Москва гледа на Судан како на клучна геополитичка земја за нејзината возобновена стратегија кон Африка. По нападот врз Украина, Москва со сета сила се обидува да создаде криза на југот на Европа, најчесто преку акции насочени кон дестабилизирање на различните африкански контексти и латентни кризи. Сонот на Москва е да отвори воена база во Порт Судан со што би развила контрола над стратешки сè поважното Црвено Море, а би се проектирала и кон Средоземјето и особено кон Индискиот Океан. Суданскиот судир засега е само внатрешен, зависен од калкулациите и интересите на двајцата ривалски генерали, не е граѓанска војна затоа што луѓето сè уште не бираат страна и не земаат оружје, но доколку ситуацијата ескалира во таа насока, тогаш ефектите би биле катастрофални што хуманитарно, што миграциски, што безбедносно, и за Европа.

Кина е прерасната во глобален протагонист, се вмеша во украинскиот конфликт нудејќи лажен мир кога целта ѝ е да се стави во одлучувачка позиција за креирање на поствоениот светски поредок. Пекинг посредуваше во мирот меѓу Саудијска Арабија и Иран отворајќи нови можности за помирување на Саудијците со Сиријците. Кина станува дипломатски хиперактивна, особено и во Африка. Во исто време сè повеќе се зајакнуваат и земјите од глобалниот Југ и БРИКС-членките каде што Алжир може наскоро да влезе, додека Лула на Бразил од пријател на Западот сè повеќе бега кон Истокот и заговара крај на хегемонијата на доларот. Се создаваат нови неврзани на третиот милениум.

И каде е Европа во сето ова? Кој командува во Европа? Што ќе направи Европа за Африка да не потоне во хаос, додека земјите од југот полека стануваат вазали на Кина и на Русија?! Европа мора да ја најде својата историско-политичка димензија и мисија. И може да почне од самата Европа, разрешувајќи го бугарскиот ревизионистички, проруски, антиевропски и антимакедонски притисок и пристап. Може да почне со тоа што Македонија и Балканот побрзо ќе влезат во ЕУ, можеби и без право на вето, но конечно да влезат. Може да отвори дијалог со југот на светот. Може да застане похрабро кон Украина и конечно да ја вооружи како што доликува. Може да развие посериозен договор за економска поддршка на Украина и на Балканот и да даде јасна временска рамка за влез во ЕУ. Може и да не иде кај кинескиот император со своите ситни Наполеонци и како распашани војници да тоне во својата нерелеватност и небитност.

Европа мора одново да разбере каде стои, како стои и кој е главен, а најдобро би било кога сите би биле главни и обединети, развивајќи свој јасен идентитет, автономна способност за стратешки дијалог и интервенција во светските кризи. Тоа треба да е заедно со САД, но мора и стратешки и суштински да мисли на себе, да носи политики во свој интерес, а не само реторички да се расфрла и троши. Само силна Европа може да има удел во новиот светски поредок. Во спротивно ќе биде само вазал и другите ќе одлучуваат за неа, а некои од нив и не сосема пријателски настроени светски сили. Европа мора да одлучи, ќе биде една Европа, обединета и солидарна, или ќе бидат две, три, четири различни и поделени Европи.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано