Интервјуа
Наумовски: Штом ќе ја добиете првата работа, почнете да штедите
Разговараме со Елизабет Наумовски Заменик-претседател за маркетинг, Калдвел сикјуритис ДОО и водител на ТВ-шоу „Финансиите се лични“, Канада
Говорник на овогодинешниот Самит Македонија2025
Економија и бизнис | печатено издание | април 2023г.
Што ве инспирираше да ја создадете „Финансиите се лични“ (Finance is Personal) и што се надевате дека вашите гледачи ќе понесат со себе од секоја епизода?
Е. Наумовски: Се чувствувам благословена за можностите кои сум ги имала и моите достигнувања, а тоа ми даде мотив да им помагам на луѓето. Јас сум домаќин на различни финансиски телевизиски емисии повеќе од 20 години, кои вклучуваат компоненти за управување со финансии и едукација.
Во 2018 година, режисерот со кој работев ми понуди да водам ново телевизиско шоу за лични финансии. Тој ми рече дека можам да го креирам шоуто како што би сакала и да го смислам концептот. Сакав да им дадам глас на жените и да бидам слушната. Ако го гледате Си-ен-би-си (CNBC), поголемиот дел од гостите се мажи кои им кажуваат на луѓето што да прават со своите пари. Сфатив дека жените се подеднакво паметни и искусни, па решив да имам само женски гости во мојата емисија.
Сакав, од една страна, да им дадам на жените платформа, а од друга да ѝ дадам на публиката корист од нивните гледишта и мудрост. Жените имаат тенденција да ги слушаат жените и подобро да учат од нив, особено кога станува збор за финансии и инвестирање или заштеда на нивните пари. Жените имаат тенденција да сакаат да си помагаат и да се едуцираат меѓусебно и не се склони да разговараат надмено една со друга.
Како вашиот личен живот и искуства влијаеле на вашата кариера во финансиите и вашиот пристап кон управувањето со личните финансии?
Е. Наумовски: Моите родители и двајцата ја напуштија Југославија (во тоа време)/Македонија и започнаа нов живот со познавања од нивните мали селски искуства, вредности и верувања. Беа многу млади.
Така во Канада бев воспитана со основните вредности на селото од моите родители Македонци. Додека растев, татко ми секогаш велеше: „Кешот е крал; ако не можете да си го дозволите, не го купувајте!“ Мајка ми ме научи секогаш да барам подобра цена и да се залагам за себе. „Дали е на продажба? Можеби можете да побарате намалена цена. Запомни, тоа се твои тешко заработени пари, затоа не ги раздавај“, секогаш и сè уште вели таа.
Конечно, „Ако не прашуваш, не знаеш“. Пораснав со многу љубопитен ум и поставувам многу прашања. За мене ова се основни правила по кои треба да се живее, но за толку многу луѓе тие се туѓи и надвор од нивниот дофат.
Вие сте филантроп. Можете ли да споделите некои од областите за кои сте страсни и како ѝ враќате на заедницата?
Е. Наумовски: Среќна сум што го имам животот што го создадов. Цврсто верувам во враќањето на заедницата и го правам тоа уште од мојата десетгодишна возраст. Секогаш чувствувам дека ако дадеш, тогаш ќе добиеш. Не зборувам за давање пари и добивање пари, туку да се биде милостив и да се добива добра карма. Има две исклучително важни организации кои ми се блиски и драги.
Првата е Канадски служби за крв (Canadian Blood Services). Почнав да дарувам крв пред нешто повеќе од 15 години, кога на мајка ми ѝ беше дијагностициран рак. Хирургот спомна дека на мајка ми можеби ѝ треба трансфузија на крв и јас реков: „Не сакам игли, но можам да дадам крв за мајка ми“. Хирургот ми рече дека „вака не функционира системот, но ти си млада и здрава и треба да донираш бидејќи тоа ѝ е потребно на заедницата“. Сфатив дека треба да се заангажирам и да придонесам. Оттогаш редовно дарувам крв. Мојата следна донација е во јуни 2023 година и ќе биде мојата 75-та донација. Исто така донирањето во Канада се врши на строго волонтерска основа. Канадските служби за крв не им плаќаат на донаторите за крв, за плазма или кој било друг вид донација.
Втората област што ми е важна е годишната стипендија на Елизабет Наумовски на Колеџот Мохавк, во Хамилтон, Онтарио. Бев призната од Колеџот Мохавк како алумнус со посебни залуги во 2020 година и со наградата дојде еднократна стипендија во мое име. Си помислив дека оваа стипендија ќе направи огромна разлика за работната жена, па решив да се обврзам да ја обновувам стипендијата секоја година. Станува збор за поттикнување на другите. Значи, ако знаете за која било жена која живее во Онтарио запишана на курс за СТЕМ (STEM − наука, технологија, инженерство, математика) на Колеџот Мохавк, замолувам да аплицираат за мојата стипендија.
Вашето македонско наследство е суштински дел од тоа што сте. Како вашето културно потекло влијае на вашата работа, и пред и зад камерата?
Е. Наумовски: Моите родители отсекогаш биле искрени, насочени, вредносно ориентирани, Македонци. Секогаш сме зборувале со едноставни термини и концепти, но никогаш не сме биле едноставни луѓе. Тие не зборуваат во смисла на големи финансиски концепти, туку со приземна едноставност. Тие не користат акроними, жаргон или финансиска терминологија, но имаат подобро разбирање за вредноста на еден долар од повеќето други.
Како маркетинг-директор секогаш се трудам да ја искористам таа приземна едноставност за да ја пренесам пораката до нашите клиенти и потенцијални клиенти. Премногу луѓе покажуваат колку се паметни користејќи комплицирани зборови. Но, ако клиентот не разбира, тогаш како е тоа паметно?
Една од моите маркетинг-кампањи за време на затворањето во време на ковид беше кампањата „Само спушти“. Торонто е многу мултикултурен и има многу телефонски повици за измама што ги добиваме на редовна основа. Измамниците се претставуваат како да се од Агенцијата за јавни приходи на Канада и тврдат дека должите пари за вашите даноци. Им се закануваат на повиканите дека ќе ги уапсат доколку не платат одредена сума пари. Во Канада нема да ве уапсат ако должите пари за вашите даноци, но нови Канаѓани доаѓаат од многу различни земји кои веруваат дека ќе бидат уапсени. Разработив концепт да снимам порака против измама на различни јазици, за новите Канаѓани и за постарите, за да ги предупредам за измамниците.
Ја снимивме пораката на 17 различни јазици и ја снимив и македонската верзија: <https://www.youtube.com/watch?v=jEFdlfZdVpw>,
<https://caldwellsecurities.com/foreign-language-psas/>.
Како интервјуер секогаш размислувам како тоа да биде едноставно и јасно за мојата публика. Сакам сите да ги разберат истите концепти без разлика колку се образовани или не. Не секој имал исти можности во животот и не сакам никого да исклучувам. Сакам гледачот да замине со еден концепт и да научи нешто што ќе му помогне во неговиот живот, особено ако минува низ тешки времиња. Телевизијата секогаш е за публиката.
Вие го модерирате панелот „Стратегии за инвестирање во околина, општество и управување: од цел кон импакт“ на претстојниот Самит Македонија2025. Може ли да ни дадете мал увид што ќе содржи панел-дискусијата?
Е. Наумовски: Да, но не сакам да откријам детали од дискусијата, па ќе бидам кратка. Имаме неверојатен панел кој ќе ни даде различни перспективи од секоја нивна работна заднина. Ќе имаме перспектива од управен одбор, перспектива за инвестирање и перспектива од страна на држава. Ќе разговараме што точно е ЕСГ (ESG) и тоа е поголемо од само околината. Се работи за општеството, еднаквоста на жените и различноста на мислите. Станува збор за владеење, транспарентност на финансиите и да не се биде корумпиран. Како е водена вашата компанија? ЕСГ (ESG) не е само за инвестирање во корпорација, туку и за инвестирање во земјата и извршниот ешалон (C-Suite) што ја води.
Кога станува збор за стратегиите за инвестирање на ЕСГ (ESG), што мислите што ги издвојува успешните инвеститори од оние кои се мачат да ги постигнат своите цели?
Е. Наумовски: Еден мудар инвеститор еднаш рече: „Направете сопствено истражување. Слушајте ги сите, научете што можете, но напорната работа направете ја сами.“ ЕСГ (ESG) не се разликува. Работете за да разберете како компанијата го користи концептот во нивниот бизнис-план и проценете како сето тоа се вклопува заедно. Потоа одлучете дали е ефективно. Исто така побарајте стручен совет. Има многу инвестициски советници, финансиски планери и инвестициски професионалци чија работа е да ви помогнат да инвестирате за вашата иднина. Искористете ги! Но, ЕСГ (ESG) сам по себе не е магичен клуч за отклучување на инвестициската загатка. Да беше, сите ќе бевме богати.
Како некој кој изградил успешна кариера во финансиите, каков совет имате за младите жени кои штотуку почнуваат во оваа област?
Е. Наумовски: Штом ќе ја добиете првата работа, почнете да штедите. Заштедете сега за вашата иднина или ќе зажалите што не сте го направиле тоа. Ако почнете да штедите или да инвестирате 50 долари од секоја плата, ќе се навикнете да тргнете пари на страна за вашата иднина.
За жените, ова е уште поважно. Статистиката на Канада наведува дека Канаѓанките во просек заработуваат 0,87 долари на секој 1,00 долар што го заработува мажот. Тоа значи дека ако мажите во просек заработуваат 100 000 долари годишно, жените заработуваат само 87 000 долари годишно или 13 000 долари помалку годишно. Во текот на 20-годишна кариера, жените во просек заработуваат 260 000 долари помалку. Оваа празнина, исто така, ја лишува од моќта да надградува во текот на тие 20 години. Понатаму, жените живеат подолго од мажите така што инвестициската сметка треба да оди подалеку.
Жените заработуваат помалку, но им треба повеќе. Конечно, жените имаат нарушена кариера, што значи дека ние работиме, даваме отказ за да имаме деца и остануваме дома за да се грижиме за децата, се враќаме на работа и потоа се откажуваме за да се грижиме за нашите родители. Затоа жените треба да внимаваат каде ги трошат своите тешко заработени пари.
Секогаш им велам на жените: „Живејте според потребите наспроти желбите и направете ја штедливоста модерна.“
Кое го сметате ваше најголемо достигнување во кариерата досега и како го прославивте?
Е. Наумовски: Имаше многу достигнувања во кариерата кои ме доведоа каде што сум сега. Не можам да го изберам најголемиот или најдобриот. Но, еве еден преглед. Во 1997 година се префрлив од телевизиско емитување на финансии по 13-годишна кариера во радиодифузијата. Ги напишав сите мои испити за финансии. Во 2017 година ја добив мојата лиценца за овластен маркетинг, ЦМ (CM). Слично како овластен финансиски аналитичар (ЦФА [CFA]) за управување со портфолио, носителот на ЦМ (CM) е препознаен по докажано познавање за развој на предлози, финансиски менаџмент, развој на кампањи, маркетинг-знаење и технологии. Во 2019 година бев инаугуративен добитник на наградата за шампион за финансиска писменост на Институтот ИФСЕ од Канада; ја добив истата награда во 2021 година. Во 2020 година бев добитник на наградата алумни со почести и ја започнав мојата стипендија. Во 2022 година го добив значајното јубилејно платинесто признание на кралицата за мојата општествено корисна работа. Друго достигнување е што се омажив за мојот најдобар пријател во 2019 година и славиме живеејќи го животот во потполност секој ден.
Конечно, што е следно за вас и за „Финансиите се лични“ и како планирате да продолжите да ги едуцирате Канаѓаните (а можеби и Македонците) за управување со личните финансии?
Е. Наумовски: Одлична вест е дека „Финансиите се лични“ (Finance Is Personal) е преземен од нова канадска телевизиска мрежа. Името на шоуто е променето во „Омоќени со Елизабет Наумовски“ (Empowered). Чекам емисијата да започне на национално ниво, секоја недела. Останете со нас! Можете да ја гледате и на Јутјуб.