Општество
Јанчовски: За лудилото
Тихомир Јанчовски | Авторот е писател
Економија и бизнис | печатено издание | март 2023г.
Живееме во време кога бројот на менталните и психички (душевни) заболувања е голем и разновиден. Една од најраспространетите (и најтешки) болести, секако, е депресијата, но тука се и анксиозноста, паранојата, шизофренијата, биполарноста, хипохондријата, деменцијата, секакви напади, фобии и синдроми... Во денешната психијатрија направена е потесна класификација и тие веќе не се означуваат со овие имиња, туку со соодветна буква и со бројки. Сите психијатриски заболувања се класифицирани со буквата F по која следуваат три бројки: F20.0, F31.2, F48.3..., бројот им е голем. Јас не сум психијатар ниту психолог и не можам да зборувам за овие нешта на експертско ниво, но гледам дека разните облици на психотерапија и на социотерапија со своите средства често не можат да доведат до трајно и успешно лекување, па се осмелувам да дадам свое скромно видување на феноменот. Можеби некоја реченица ќе помогне некому. Ако човек сериозно се зафати да ги чита и да ги анализира текстовите во врска со душевните заболувања, голема е веројатноста да препознае кај себе симптоми и траги на голем број од нив, и тоа е сосема нормално. Потенцијално сите сме подложни на психичка болест, ретко ќе се најде возрасен човек со неповредена и чиста душа. Но, состојбата на болест настапува кога таа ќе земе голем замав, кога ќе ја поклопи и завладее со личноста и сериозно го попречува „нормалното“ функционирање на единката во заедницата. Независно за кое F станува збор, ако човек е свесен за својата мака и сака да се спаси од неа – не е луд. Навистина болниот ги гледа другите околу себе како болни, а себеси се смета за исклучок и жртва. Свеста дека човек има душевна мака е првиот чекор кон нејзиното лекување.
Првата и најважна работа која треба да ја знае секој со мака во душата е дека тој не е неговата болест, дека тоа е само состојба која ќе помине и која може да се излекува. Верувам дека за секоја болест има лек, но потребно е време, трпение и доверба дека здравјето одново ќе се воспостави. Сметам и дека хемиските средства и терапии не можат да сторат многу, освен да ги држат симптомите под контрола и да спречат душевно болниот физички да повреди некого или себеси... ако запаѓа во агресивност. Но, вистинскиот лек доаѓа откако човек ќе ја сфати причината за својот пад и кога ќе направи трајни промени во животот. Со други зборови, да направи суштински промени кои ќе придонесат да се помири и со себе и со светот. Но, освен силната желба тоа да биде така, кога е болен човек и не може многу да стори со својата волја. Треба да се надева и да верува дека тоа ќе му се даде.
Во секој човек постои внатрешен дијалог, човекот разговара со себе. Некои допираат до овој соговорник, други не. Некои сакаат да му наредат што да каже и не го оставаат да се доискаже. Го прекинуваат зашто се плашат да не испаднат виновни за нешто. Некои го ставиле в затвор и му го отсекле јазикот. Таквите никогаш не признаваат грешка, за сѐ што се случува обвинуваат некого, друг им е крив. Некои престанале и да зборуваат со себе. Скарани се. Не сакаат да остануваат сами, се плашат од темно, несигурни се, без самодоверба и доверба во некого... и воопшто, имаат многу стравови. Иако стравовите општо земено можеби се нормална и потребна работа, овие стравови од соочувањето со себе произлегуваат од нивната одлука да не бидат искрени кон она што се. И лажат, и се лажат и себеси и другите, наоѓаат илјада лукави оправдувања за нивниот страв, и бараат луѓе со слични стравови. Луѓето кои се плашат да се соочат со себе се болни. Да, речиси секој човек има такви стравови во одреден период од животот и речиси сите сме пленови на таа болест. И тоа е последица на нечувствувањето на љубовта што треба да ја имаме за себе, односно на отсуството на љубов за својот внатрешен човек. А тој си има име. Некои го викаат совест, други внатрешен закон, трети – заповеди испишани во срцето. Но, не, тоа сте вие и никој друг. Второто, невидливо јас. Човекот кој ја прекинал врската со себеси и со внатрешиот глас го урнал единството на својата личност и веќе не е еден, туку се двајца. Тоа се вика схизофренија или поделена личност (грцизам). И тоа не е сѐ зашто човекот при уривањето на единственото јаство се разбил на многу ситни делови; оние со опсесија на еден инаков во себе се само подвоени, повеќето се растроени, разбиени на три и повеќе делови... веќе не знаат ни кои се, немаат доследност во говорот и постапките, во секоја смисла се противречни. Ако мислите дека сакам да кажам дека светот е една огромна лудница – во право сте. Здравите се малубројни, но сепак ги има. Има и многумина кои се соочиле со својата болест и сакаат да се излекуваат. И тие се на добар пат. А оние кои не сакаат да знаат се водат според однесувањето на мнозинството и според човечките закони што им ги наметнале властите, внимавајќи да не се огрешат од нив. Почувствителните, на кои им се познава болеста и веќе не можат да лажат, лежат по ментални институции, а мнозинството таму би ги сместило и сосема здравите, особено нив зашто животот и зборот им се разликува од обичното лудило на масите...