Општество

Камберова: ПОСЛЕДНОТО ВРАЌАЊЕ ВО СКОПЈЕ

Сузана Камберова | Авторот е доктор по медицина

Економија и бизнис | печатено издание | февруари 2023г.

Еден убав пролетен ден, 1965 година, Петровец изгледаше свечено, накитен со знамиња и со испишани пароли. Главната улица беше исчистена и украсена. Саксии и леи со цвеќиња осамнаа пред зградата на општината и на Соколаната. Иако не беше петок, градот и сите во него изгледаа како избањати. Знаете, по некои стари обичаи, овде „рајата“ се бањаше само во петок.
Ваквото украсување на градот беше дел од подготовките за претстојните избори во Општинскиот комитет на Партијата. Граѓаните гласаа за нов секретар на Комитетот. Кандидат, пак, имаше само еден, а тоа значеше дека неговиот избор ќе биде стопроцентно сигурен.
Свечената церемонија се одвиваше во салата на Соколаната. Свечено е наместана, со централна бина и гласачки кутии на масите, со бели, везени чаршафи. Во таа иста сала, за време на Втората светска војна, беа одржани Првиот конгрес на лекарите и Второто заседание на Антифашистичкото собрание на жените на Југославија. Историски моменти за новата држава. Тоа будеше добри асоцијации за не толку дамнешната борба и победа над фашизмот и кај присутните создаваше еуфорично расположение, како порачано за избор на иден градски партиски шеф.
На церемонијата присуствуваа и двајца важни другари од ЦК КП на Босна и Херцеговина, дојдени дури од Сараево. Сè се одвива по однапред утврдени план и програма. Од бината се слушаат многу зборови на пофалба за идниот секретар. Изгледа дека работата е готова. Останува уште само и формално да се пристапи кон чинот на гласање.
Иако не бев планиран, се јавувам за дискусија. Ми даваат збор и ми дозволуваат да дискутирам.
− Почитувани другари, во досегашните говори за кандидатот слушнавме само пофалби и добри зборови. Доколку е тоа така, секако заслужува да биде избран. Меѓутоа, за нашиот кандидат кружат и лоши приказни. Доколку во нив има вистина, мислам дека тој не заслужува избор – го изговарам ова во еден здив, но без многу двоумење.
Во салата завладеа гробна тишина. Сите очи се вперени во мене. По кус и мачен молк се јави гостинот од Сараево.
− Можете ли подетално да ни објасните во што е проблемот? − суво ме прашува.
− Што се раскажува?
− Да − одговарам. − Ќе се обидам да образложам.
Малку го прочистувам грлото и продолжувам.
− Нашиот кандидат порано живееше во ридест, каменит и неплоден крај − заради нешто избегнав да кажам планина. − По војната својот имот го продаде, што е сосема во ред, а од државата доби друг на користење, со многу поплодна земја, односно доби имот и куќа на фамилија која во 1946 година е колонизирана во Војводина. По некое време и овој имот го продаде и се досели во град. Врз основа на приказните кои се шират за него, нашиот кандидат продава куќа и земја кои не биле негова сопственост и од тоа стекнува лична материјална корист. Јас лично не тврдам дека ова е вистина, само укажувам дека за такво нешто на големо и со многу детали се зборува во нашава општина. За изборот да биде чист и да нема дилеми, сметам дека е должност и обврска на надлежните органи работата да ја испитаат и вистината да ја истераат на виделина.
По оваа моја дискусија настапи непријатна тишина. Сите молчат и гледаат пред себе. Претседавачот станува и објавува дека следува пауза за ручек. По два часа ќе продолжи заседанието.
На излегување од салата ми пристапуваат другарите од Сараево и ме канат да седнам со нив на маса. Прифаќам. Присутните водат вообичаен разговор за секојдневни работи. Јас молчам. Во еден момент еден од другарите ми се обраќа во покровителски манир и навидум добронамерно, како на дете. Полека во разговорот се вклучуваат и другите. Ми делат совети и благи, речиси татковски укори. Велат, не требало да се јавам за дискусија. Ме убедуваат дека сите тие приказни кои сум ги слушнал се само измислици. Ништо не е вистина, а Партијата добро се информирала и сè темелно проверила за својот кандидат. Не треба да се сомневам зашто неговиот морално-политички профил (т.н. подобност) е над секое можно сомневање или (скраја било) чаршиско озборување. По ова следуваат уште многу слични, празни зборови и не баш убедливи тврдења.
Паузата за ручек заврши. Салата повторно се полни со народ. Се разбира, во продолжението на седницата не се поведе веќе никаква дискусија. Веднаш се пристапи кон гласање. Гласачите беа добро ручани и подразвеселени од чашка-две сливовица. Кандидатот едногласно и со аплаузи беше избран за секретар на Општинскиот комитет на Партијата во нашиот град.
Јас бев критикуван од локалните раководители во општината. Им запнав за око.
Ми приговараа што не сум водел сметка за фактот дека доколку понатаму се развиела дискусијата, врз основа на она што сум го изнел во јавноста во врска со кредибилитетот на кандидатот, тоа ќе било срам и срамота за ЦК КП на БиХ.
Бев рамнодушен кон нивните критики и не ме вознемируваа. Одговарав дека ниту ме интересира нивниот срам ниту сочувствував со нивната срамота. Постапив како што ми налагаше совеста. И поради тоа ќе живеам во мир со себе самиот.
По изборот на партиски секретар, започна ротација и на целиот друг раководен кадар на сите нивоа во општината. Постоеше една поголема група на „заслужни“ другари и другарки кои по некое непишано правило и мистериозни критериуми ги извршуваа сите раководни должности како во државните, така и во другите стопански и нестопански дејности во градот. На одредена раководна положба се задржуваа некој одреден период, приближно четири години, а после тоа почнуваше ротација, па од една заминуваа обично на некоја нова и повисока раководна позиција, во друга институција. Истите луѓе се вртеа во непрекинат круг.
Тоа во јавноста се сметаше за правилно и сосема нормално и без никакви проблеми се одвиваше со години.
И така, следствено на тоа, и брзо по гореопишаните настани, во пролетта 1965 година, нашиот новоизбран секретар на Партијата дојде на ново работно место, сега како генерален директор во претпријатието во кое работевме јас и мојата сопруга.
Не се возбудив премногу за оваа промена. Мислев дека мојата дискусија во текот на неговиот избор за секретар е заборавена работа. Минато. Меѓутоа, не беше така. Нашата комуникација во текот на дневното вршење на работата стана сè поретка и потешка. Моите предлози упатени до Управниот одбор или до соодветните служби не се ставаат на дневен ред и не се разгледуваат. Сè почесто сум изоставен – не добивам покана да присуствувам на состаноците на стручниот колегиум. Полека ми станува потполно јасно дека „ѓаволот e дојден по своето“, како што се вели во народот. И дека тука веќе нема место за мене.
Барам прием кај генералниот директор/партиски секретар. Минуваат повеќе од десетина дена додека да добијам одговор. Одам во закажаното време кај него во канцеларија.
− Како што гледаш, дојде време да ги расчистиме нашите односи − ми се обрати веднаш, само што се појавив на вратата од неговата канцеларија.

Не очекував од него вака брутален и директен пристап. Ми станува јасно дека генералниот сака да се ослободи од мене и од мојата понатамошна работа во претпријатието. Ни јас самиот немав ниту волја ниту желба со него да се навраќам на минатото и да дискутирам за банални работи. Неговиот пристап на некој начин ми ја олесни работата. Веднаш прејдов директно на она што го имав наумено и што ми преостануваше во овие услови, доколку сакав да останам слободен човек.
− Другар директор, дали ќе се согласите да разговараме за условите под кои можам да се раздолжам со моите преостанати обврски во претпријатието согласно договорот за стипендирање? – го прашувам. – Доколку тоа може да биде, јас ви ветувам дека во наредните десет дена ќе поднесам отказ на моето работно место и ќе го напуштам претпријатието.
Без трошка размислување ми вели:
− Веќе утре добиваш таков документ.
Со тоа работата беше завршена. Во тие услови и ситуација, немав друг избор.
И сега, што понатаму?
Ова подразбираше коренити промени на нашиот живот и иднина. Повторно ме чекаше барање работа, обезбедување живеалиште, преселба и други обврски кои мораа да се решат. Не ми беше првпат да се најдам во тешка ситуација и не се плашев. Слободата не може да има цена. Но, сега имав и семејство. Жена и мало дете од неполна година.
Разговараме со сопругата. Комбинираме, по малку и мечтаеме. Малку е и возбудливо да имаш пред себе безброј можности и слобода на избор.
− Што мислиш? − ме прашува таа.
− Мислам дека сето ова најубаво би го решиле во Скопје. Таму имаме многу пријатели и познаници. Впрочем, таму се и твоите родители. Во Скопје имаме многу можности за решенија.
Скопје сè уште се соочува со последиците од разорниот земјотрес кој го снајде пред нешто повеќе од година. Ние двајцата го преживеавме на лице место, јас како војник, мојата сопруга во куќата на родителите, во центарот на градот, која се урна до темели.
И така, дури ние се премислувавме што да правиме, ненадејно, како прст на судбината, и токму во вистинско време, пристигнува писмо од Македонија со спасоносна содржина. Ми го пишува еден колега од студии. Во писмото има покана. Добивам одлична понуда за работа и доколку би сакал можам веднаш да ја прифатам.
И така бидна.
Коцката веќе беше фрлена. Судбината сакаше да падне во Скопје. Ја напуштаме Босна, овој пат засекогаш. Со нова надеж и верба, заминуваме за Македонија.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано