Финансии / Банкарство

Што е дилерот на девизниот пазар и позначајни случувања на глобалните пазари

Весна Трајковска | Координатор во Сектор за ликвидност и финансиски пазар во Комерцијална банка АД Скопје

Економија и бизнис | печатено издание | март 2023г.

Кога се говори за девизниот пазар и неговото големо значење во целокупниот финансиски пазар, всушност се мисли на дилерите кои ги извршуваат работните задачи и придонесуваат за негово активно функционирање. Ако се направи компарација со брокерот кој тргува со хартии од вредност во име и за сметка на клиентите и кој се смета за повеќе употребувана категорија во економската терминологија меѓу луѓето, дилерот, исто така, е дел од финансиските пазари, но во сегментот на тргување со странски платежни средства, односно валути. За разлика од брокерите кои можат да работат и како самостојни брокерски компании, дилерите во нашава земја се дел од девизните пазари на банките и резултатот од нивното работење е меѓу позначајните ставки во реализираните профити на банките. Дилерот одлуката за купопродажба (на која цена и во кој момент на движење на берзата ќе ја затвори трансакцијата) ја донесува тогаш кога мисли дека ќе направи најголема заработка, што со себе повлекува голем стрес и ризик истовремено.

Дилерите се обучени искусни професионалци кои, покрај основната дејност врзана со секојдневното тргување со валути, ги следат и моменталните состојби на пазарите во светот, како и најновите податоци кои ги објавуваат економиите, а од кои зависи движењето на валутите на берзите во светот (невработеност, инфлација, БДП, индекси на потрошувачки цени итн.).

Во услови на стабилен македонски денар и фиксен девизен курс во однос на еврото, вниманието во земјава е насочено кон валутите кои се флуктуирачки и чија цена се формира слободно на пазарите, а кои секојдневно се тргуваат на девизниот пазар и клиентите ги користат во своите трансакции. Така, на пример, американскиот долар, кој веднаш по еврото е најтргувана валута за меѓународни плаќања во земјава, се следи преку разни технички и фундаментални анализи со цел да се предвиди движењето во следниот период, иако потполно точна информација за нивоата на валутите во иднина генерално не може да се процени. Истото ова се однесува и за останатите релевантни валути кои се наоѓаат на курсните листи на секоја од банките како што се швајцарскиот франк, австралискиот и канадскиот долар и други.

Флуктуирачките девизни курсеви на валутите се директно зависни од податоците објавени првенствено од централните банки и од економските и политичките случувања во земјите. Но, она што особено привлекува внимание во претходната година е растот на цените, односно високата инфлација не само во европските земји туку и во целиот свет (со неколку исклучоци каде што инфлацијата не порасна драстично како во Јапонија, Кина, Швајцарија). Првично, воениот конфликт во Европа придонесе европските земји да бидат најпогодени од високите цени, пред сѐ на нафтата, на енергијата, на гасот, а потоа да се пренесе врз цените на храната, на облеката, на услугите, на недвижностите. Земјите сѐ уште се борат со високата инфлација преку зголемување на каматните стапки, но од друга страна тоа повлекува не само раст на каматните стапки на депозитите туку и на кредитите кои стануваат поскапи и помалку достапни. Иако во првите месеци на раст на инфлацијата се сметаше дека таа ќе биде привремена, траекторна и краткотрајна појава, не може да се тврди дека пикот во некои од земјите е поминат. Последните податоци покажуваат мали процентуални намалувања кои се должат на намалување на цените на нафтата и на гасот (поради ембаргото на Европа за рускиот гас) и намалување на цената на енергијата.

Меѓу земјите во Европа, може да се каже дека нашава се наоѓа меѓу оние во полоша категорија во однос на висината на инфлацијата − 17,1 % и на референтната каматна стапка − 5,25 %. Унгарија е во најлоша позиција со инфлација во јануари од 25,7 % и каматна стапка од 13 %, додека Швајцарија со инфлација од 3,3 % е меѓу земјите со најниска инфлација во светот и со каматна стапка од само 1 % (која претходно беше најнегативна во светот - 0,75 %). За разлика од Унгарија, каде што централната банка меѓу првите во светот почна да ја зголемува каматната стапка за да го следи трендот на растот на цените, Швајцарија меѓу последните презема чекор за раст и излез од негативната територија на каматни стапки, но истовремено интервенира на девизните пазари преку купопродажби со кои влијае врз движењето на швајцарскиот франк.

Позитивните јануарски податоци во САД (посебно за пазарот на труд кој во јануари годинава објави стапка на невработеност од 3,4 %, односно најниска од мај 1969 година) го апрецираа американскиот долар во однос на останатите валути. Но, ова не се должи само на затегнатата монетарна политика во САД и на можноста за раст на уште еден процентен поен на каматната стапка, туку и на подобрата состојба во која се наоѓа земјата споредено со некои европски држави како велика Британија (која е на работ од рецесија) или со Јапонија која, и покрај неповолните економски податоци, води ултра слободна политика со негативна каматна стапка (- 0,1 %) и Кина која во претходната 2022 година забележа раст од само 3 %.

Најзначајно прашање кое се поставува при секој објавен податок за раст (месечен или квартален) на некоја економија е дали ќе влезе во рецесија, дали рецесијата ќе биде блага или продлабочена, како тоа ќе влијае врз економијата и како ќе се одрази врз финансиските пазари. Очекувањата се дека стапката на инфлација на глобално ниво оваа година ќе почне да се намалува, каматните стапки ќе растат до третиот квартал, евентуално до крајот на годинава, а стабилизирање на поголемиот број сектори и постигнување на инфлаторните таргети (2 − 3 %) се очекува кон крајот на 2024 година, односно во 2025 година.

ПРЕПОРАЧАНО