Финансии / Банкарство
Спасески: Дигитализација во осигурувањето
Коста Спасески | aвторот е генерален советник за стратешко планирање и управување со квалитет во Агенцијата за супервизија на осигурување
Економија и бизнис | печатено издание | септември 2022г.
Сè почестата употреба на електронски уреди во секојдневната комуникација ја наметнува потребата од промени и новини во работењето. Ова важи и за субјектите на пазарот на осигурување, пред сè друштвата за осигурување.
Основни деловни процеси на друштвата за осигурување се преземањето на ризици во осигурување и приемот, обработката и решавањето на барања за надоместок на штети и осигурени износи.
Историски, комуникацијата при овие процеси се одвивала лице-во-лице, односно документите кои ги содржат потребните информации за склучување на договор за осигурување и за надоместок на штета се во хартиена форма и се разменуваат меѓу договорните страни во директен контакт.
Ваквиот начин на комуникација во денешни услови, пред сè за новите генерации, претставува во најблага форма кажано несоодветен. Имено, претпоставка е дека најголем број од активните договорувачи на осигурување, било тоа да се физички лица било правни лица, имаат во секое време пристап до интернет и соодветни мобилни уреди и/или персонални сметачи со соодветни апликации да ја направат истата размена на информаци за да можат да го склучат договорот за осигурување, односно да ја пријават штетата настаната од осигурен случај.
На почетокот од оваа година, вкупниот број на активни договори за осигурување по сите 18 класи на неживотно осигурување изнесувал 1 180 833 договори, а вкупниот број на активни договори за осигурување на живот, вклучувајќи ги и т.н unit-linked договори за осигурување на живот изнесувал 160 168 договори.
Во текот на 2021 година, до сите единаесет друштва за неживотно осигурување биле поднесени вкупно 94 266 барања за надоместок на штети, а вкупниот број на ликвидирани штети изнесувал 79 336. Кон петте друштвата за осигурување на живот, во 2021 година биле поднесени вкупно 3 022 барања за надоместок на осигурени суми, а биле ликвидирани вкупно 4 008 барања.
Дали и колку би биле задоволни корисниците на осигурителните услуги доколку друштвата за осигурување и посредниците на осигурителниот пазар го заменат постојниот начин на комуникација со нив и почнат да бараат од осигурениците да комуницираат со нив само преку електронски и мобилни уреди за комуникација? Дали за осигурениците би било прифатливо одреден дел од комуникацијата со друштвото за осигурување да ја прават со машина наместо со човек?
Искрено верувам дека тоа би наишло на задоволство на двете страни на пазарот.
За осигурениците и потенцијалните осигуреници тоа би значело побрзо добивање на услугата и можност за поквалитетен избор на потребното осигурително покритие, за истата цена, можеби и поевтино.
За друштвата за осигурување и осигурителните посредници тоа би довело до зголемување на ефикасноста и ефективноста во работењето, односно за пократко време склучување на поголем број на осигурувања, но и поефикасна проценка на ризикот кој се презема во осигурувањето. Ова последново во смисла што модерната технологија овозможува, на пример, далечинско снимање на големи површини со користење на дронови и останати технички помагала, што во значителна мера го олеснува вложениот експертски труд за изработка на елаборатот на ризици на осигурените објекти. Во оваа смисла се и техничко-технолошките и софтверските решенија на фирми кои изработуваат модели на развој на временски прогнози, како и автоматско креирање на географски мапи со ризици. Технологијата може да биде применлива и во демографијата и во медицината и да биде од корист за друштвата за осигурување на живот при оценувањето на ризикот и формирањето на осигурителните производи за живот и здравствено осигурување.
Со користење на технологијата полесно, побрзо и поточно се идентификуваат ризиците, нивното настанување и нивната магнитуда, односно сериозност на оштетувања кои би биле предизвикани од нивното настанување. Ова овозможува попрецизно оценување на ризикот, формирање на фер цена и понатамошна редистрибуција (реосигурување) на преземените ризици во осигурувањето по пониска цена.
Иако кај луѓето сè уште постојат стравови од промени, односно верувања од типот „промената не е добра и значи ризик дека нешто ќе изгубам“, сепак искрено сметам дека треба повеќе да зборуваме за придобивките од новитетите. Треба повеќе да покажеме интерес што се случува на меѓународните осигурителни пазари, а поврзано со развојот и примената на технологијата и дигитализацијата на процесите од страна на друштвата за осигурување. Можеби е изнасилена фразата дигитална револуција, но секако дигиталната трансформација е нужна.
Истражувањето на домашниот финансиски пазар од пред некоја година за тоа дали ни е потребно прифаќање на современите технолошки решенија од страна на финансиските институции покажа дека тоа е несомнено така. Сите субјекти кои одговорија на анкетата доставена од консултантска фирма ангажирана од Народната банка на Македонија се сложуваат дека се потребни промени и прифаќање на технологијата на финансискиот пазар во Македонија.
Врз основа на ова истражување произлезе и првата национална стратегија за поддршка на финтек. Регулаторните органи на финансискиот пазар, координирани од Народната банка, веќе потпишаа договор за соработка и почнаа со имплементација на делот од стратегијата која се однесува на регулаторните финансиски органи.
Дали постојат ризици од промените и поголемата примена на технологијата во осигурувањето и останатите финансиски услуги?
Искуствата од развиените пазари покажува дека постојат ризици и тие пред сè се однесуваат на т.н. сајбер напади, односно кражби и злоупотреби на бази на лични податоци, бришење на податоци, но и ризици од прекини предизвикани од софтверски и хардверски несоодветности.
Дали ризиците треба да бидат пречка да се продолжи со воведувањето на иновации и прифаќање на нови технологии на осигурителниот пазар?
Се разбира дека не треба да биде така. Напротив, доколку стравот од промени и одбивањето да се носиме со овие ризици преовлада, тогаш сосем извесно е дека конкурентноста на производите значително ќе се намали и не само што нема да се оствари посакуваниот потенцијал, туку ќе се изгуби многу од она што сега го имаме како база на осигуреници. Едноставно кажано, доколку не се прифатат ризиците, новите технологии во работењето се многу поопасни по развојот на осигурувањето, отколку веднаш да се реорганизира работењето и да се овозможат нови начини на комуникација и размена на потребните информации и податоци кои се поврзани со осигурителните договорни односи.
Секако дека сето ова претходно кажано се однесува и на осигурителниот супервизорски орган чија основна цел е заштита на осигурениците. Супервизорите треба сè почесто да ги користат современите паметни дигитални алатки за прибирање на информации со цел побрзо и посоодветно да ги разберат деловните модели кои се применуваат на пазарот на осигурување за да можат да ги разберат ризичните профили, насоките на движење на постојните ризици и појавата на нови ризици, а сè со цел соодветно да ги контролираат субјектите и да применат соодветен интензитет и алатки за превенција и корекција на незаконски дејствија и злоупотреби.
Поимите FinTech, InsurTech, RegTech, SupTech и SmartSupervisor сè повеќе ќе бидат присутни и колку побрзо ги прифатиме, ги разбереме што значат и ни станат секојдневие на работа, толку побрз ќе биде патот на раст, на развој и на интеграција не само на осигурителниот туку и на целиот финансиски пазар.