Финансии / Банкарство

Постои ли усогласеност во каматната политика помеѓу банките во Македонија и нивните стратешки партнери?

07.04.2023г.

Банкарскиот сектор во Мекедонија секогаш бил атрактивна локација за ивестирање, првично преку превземање на мнозински пакети на акции од поединечни банки, а подоцна и преку голем број на спојувања. Во независна Македонија сведоци сме на голем број такви финансиски аквизиции кои колку и да не ни биде драго, сепак дадоа свој придонес во формирањето на здрав и стабилен банкарски сектор. За одбележување е превземањето на Стопанска Банка АД Скопје од страна на грчката NBG, влезот на Erste bank преку Инвест Банка, а подоцна и спојката со Охридска Банка, пенетрацијата на NLB групацијата преку Тутунска банка, а во спротивна насока беше инвестицијата на Комерцијана банка во албанската Tirana bank. Ваквите инвестиции во голема мера генерираат низа на поволности за коминтентите, се зголемува нивото на знаење на вработените во банката преку размена на искуства, се отвараат нови инвестициски можности и имаат позитивно влијание врз економијата во целост. Во таков еден колоритен сплет на околности разбирливо е да постојат голем број на сличности помеѓу банката што инвестира и банката која била предмет на продажба, но дали истото се рефлектира и врз каматната политика на банките? Токму тука почнува нашата анализа, притоа ставајќи акцент на две групи на производи и нивните каматни стапки: потрошувачки кредити и станбени кредити.

Пред да преминеме на анализа на структурата на каматните стапки мора да напоменеме дека истите се извадоци од веб страните на банките и висината на истите може да биде различна од онаа која моментално е во функција. Исто така редакцијата на Економија и Бизнис не навлегува во промотивни периоди на банките или одредени повластени услови. Главниот акцент на анализата ќе биде степенот на хармонизација на висината на каматните стапки помеѓу сопственички поврзаните субјекти и начинот како се формирани истите.

-          Првиот заклучок е дека каматните стапки на станбените кредити во Македонија се за нијанса пониски во споредба со поврзаните странки банки.

-          Исто така, кај станбените кредити има поголем степен на усогласеност, во споредба со понудата на потрошувачките кредити.

-          Варијабилните каматни стапки се во поголема примена кај потрошувачките необезбедени кредити.

-          Најголем степен на усогласеност во каматната политика има кај НЛБ групацијата, што можеби е и за очекување ако се земе во предвид сличната структура на економски план на двете држави и нивото на вклученост на матичната банка во оперативното работење.

-          Каматните стапки на потрошувачките кредити во Македонија се со далеку подобри услови во споредба со странските банки, што можеби е и сигнал дека каматната политика на домашните банки ќе треба да претрпи нагорни придвижувања. Тука пред се отскокнуваат Tirana Bank и  Halk Turkiye, кои се скоро дупло ниво од нашите стандарди.

-          Интересен е начинот на презентирање на камтните стапки на Halk Turkiye која користи месечна основа на искажување, како кај потрошувачките така и кај станбените кредити.

-          При формирањето на варијабилните каматни стапки најкористена референтна вредност е Euribor-от, со варијации на временската рамка за пресметка.

На крај може да сумираме дека корисниците на посочените банкарски производи во Македонија користат навистина атрактивни и конкурентни услови кога станува збор за станбените кредити, додека висината на каматните стапки на потрошувачките кредити е вистинска реткост за уживање, кога истите ќе се стават во корелација со тоа што се нуди во партнерските банки. Можеби ваквата ситуација зборува за фактот што домашните клиенти во голема мера ги користат потрошувачките кредити како извор за нормално функционирање и дека сепак нивното ниво е во склад со можностите за задолжување,  начинот на функционирање и нивото на финансиска писменост.


(Е&Б)

 

ПРЕПОРАЧАНО