Општество
Избегај полека и сигурно
Тихомир Јанчовски | Авторот е писател
Економија и бизнис | печатено издание | ноември 2022г.
Кога станува збор за изборот на целта во животот, тоа е како избор на крајната дестинација на патот. Можеби смислата на реченицата би била поблиску до вистината без тоа „како“. Има ли човек крајна дестинација и дали е успех да се стаса таму каде што некој се упатил кога тргнал да оди? Можам да кажам дека не знам, и нема да излажам дека лажам зашто навистина не можам да кажам дека тоа е вистина. Не лажам, крајната цел на животот и крајната дестинација на патот имаат смисла само ако животот нема крајна цел и ако патот нема крајна одредница. Зашто кога би имале, тие би биле конечни и со тоа ограничени во времето и просторот како феномени со почеток, траење и крај. И кому му треба пат што ќе почне и ќе заврши ако по него не следува ново патување? И не, тука не се работи за смирување, тоа е добро и камо среќа секој да се пронајде и да се смири, да пушти корења и да постои како свесно битие кое знае што прави и зошто дише; бедата и несреќата заживуваат кога животот ќе се разбере како конечност, како пат кој е судбински наметнат и кој завршува во непостоење. Тоа, вака учено да се изразам, го викаат фатализам.
Бидејќи најчисто зборувам кога зборувам од она што лично сум го поминал, значи од сопствен опит на патот, да направам така и сега и да зборувам за своите искуства со ова горново. Прво, мислите дека имам некаква цел со ова што го пишувам и знам што ќе напишам? Еве, јас ви велам без да ме прашате: Немам поим! Не оти знам? Врска немам каде сево ќе оди, каде ќе води, дали ќе има делови или ќе биде целина, а кому тоа ќе му се допадне или не тоа е најмалку битно, и за него и за мене, па и за сите.
Пишувам без план и програма, кога пишувањето само ми доаѓа. Некогаш доаѓа и не запишувам зашто имам попаметна работа. Да си признам и да ви признаам, јас не пишувам од што морам, туку од што сакам, а не сакам секогаш, туку само понекогаш, обично рано наутро или доцна навечер, кога сите спијат, а ние сме сами – јас и зборовите. И тие си имаат сопствена логика и си создаваат ред, а јас ги запишувам според нивниот редослед. Како што доаѓаат, така, еден по еден, еден по еден... Не можеш да запишеш два збора одеднаш – ќе ги згрешиш обата и ќе добиеш бесмислен збор или во најмала рака – збор со грешка. И ако тој е неразбирлив и за самиот автор, невозможно е да има публика. Може да има лажна, ама што ќе му ја, таа е мечтателна и никому потребна, особено не на оној кој мечтае.
Денес планот ми беше да завршам некои работи и да отидам пак во местото каде што мирот не ми го одзема ниеден друг човек, каде што состојбата зависи од мене и од она што е во „мојата смиреност“..., како и од природата надвор од неа. А градот е врволица и густо набиена конзерва каде што вознемирувањата и брзањето се закачени со своите канџи за тенката кожа на човекот, која мора да огруби и да биде дебела за да не се раскинува од бројните гребаници и засеци. По одредено време поминато во тишина и гласен мир, сета таа бркотница, трескање, џагор и викотница се чувствуваат многу посилно од претходнo. И гледав како побрзо да побегнам, и згрешив со тоа токму зашто брзав. Ако ти се бега од маката и проблемите, избегај им полека и сигурно, без брзање, со трпение и со донесување на цврста одлука, а не со панични обиди да му избегаш на јажето што те дави. Така тоа само се затегнува и полесно ти ја зема душичката на тежок начин, а ти, брзајќи да се спасиш, го забрзуваш сопственото задушување.
Кога се справуваш со нешто, секогаш дејствувај мирно и работите прави ги една по една, инаку не чини работата. Ќе правиш потези без многу размислување, ќе носиш премногу нешта во двете раце и сѐ ќе ти падне наземи, во калта, па ќе треба да ги чистиш и да ги редиш работите за пак да ги фатиш в рака.
Имаше една реченица, искажана со заповеден начин: „Брзај полека!“ Тоа е многу добар совет.
И тука сега ќе прекинам, и којзнае и дали ќе продолжам да пишувам... Денот ми беше долг, убав и исполнет, ама и силата веќе ми ја нема, па подобро да отспијам колку што треба и кога му е време одошто по секоја цена да продолжам за да ја „завршам работата“... Каде ќе ми бега? Ако се случи утре да се разбудам, бездруго ќе се сетам дека вчера ова сум го започнал и ќе го прочитам, па ако мислам дека вреди, ќе гледам и да го завршам. Доследноста во сѐ и за сѐ е перфидна и тешка суета, потреба за самодокажување пред луѓето и пред себе; да се знае кој сум јас и што можам, и нема друг како мене. Нема друг како никој, море зелен, што си па ти толку посебен? Секој човек, ама баш секој, е вселена за себе и не е случајно на овој свет.
Ова е запис кој доаѓа во крајно необично време на општа скиснатост и на песимизам, кога кај луѓето нашироко, па дури и глобално се разви еден нов и неочекуван страв: СТРАВ ОД ПРЕТСТОЈНАТА ЗИМА. Или поточно, страв од неизвесноста на она што доаѓа зимава. Мислам дека ќе ги преживееме, и зимата и стравот.