Финансии / Банкарство

Управување со потенцијални конфликти на интереси во осигурувањето

Коста Спасески | aвторот е генерален советник за стратешко планирање и управување со квалитет во Агенцијата за супервизија на осигурување

Економија и бизнис | печатено издание | јули/август 2022г.

Историски причината за појавата на првите договори за осигурување во прекуморскиот превоз на стока била да се заштити интересот на трговците во случај на невреме и губење и/или оштетување на стоката која се превозувала.

И денес договорите за осигурување се склучуваат со цел да се пренесе ризикот кој не можеме сами да го поднесеме во друштво за осигурување. На тој начин се штитиме, доколку настане непосакуваниот осигурен случај и претрпиме некаква штета или загуба, да бидеме надоместени за изгубеното.

Како и во секоја деловна гранка, или подобро кажано во секоја сфера на општественото живеење, така и во осигурувањето постојат легитимни интереси како на страната на понудата на услугата, така и на страната на побарувачката на услугата. Осигурителните услуги ги нудат друштвата за осигурување во форма на договори за осигурување. Услугите ги продаваат или директно, нивни вработени лица, или преку осигурителни брокери или застапници (агенти). На страната на побарувачката на услугата се договарачите на осигурувањето или осигурениците.

За почеток би било добро да се идентификуваат кои би биле можните интереси на двете страни, но и на евентуално останатите засегнати страни кои го сочинуваат пазарот на осигурување. Кои интереси би требало да бидат поттик за осигурениците да склучуваат договори за осигурување? Кои интереси би требало да бидат поттик на менаџментот и на вработените во друштвата за осигурување и реосигурување, осигурителните брокери и агенти, акционерите на друштвата за осигурување да нудат осигурување? Дали и зошто се засегнати Владата, Агенцијата за супервизија на осигурување, меѓународните финансиски институции и агенции, регулаторните органи на друштвата за осигурување – мајки, здруженија на осигурениците, здруженија на друштвата за осигурување и посредниците во осигурувањето, Канцеларијата на народниот правобранител, судството, обвинителството, стопанските комори? Идентификувањето на различните интереси е битно за да можеме сите заедно да градиме и браниме заеднички интерес, а тоа е поголем пристап и вклученост (анг. access to insurance and inclusion), односно поголем број на осигуреници и поголем обем на работа, односно раст и развој на пазарот во целина.
Па, да почнеме со ред.

Интересот на осигурениците несомнено би бил за што е можно пониска цена да добијат поквалитетна услуга. Осигуреникот го цени квалитетот на услугата во зависност од тоа дали осигурувањето обезбедува покритие за ризиците на кои е изложен во временскиот период на кој гласи полисата; дали и колку ова покритие е сеопфатно, односно дали има исклучоци и какви се овие исклучоци; по можност да нема франшиза; осигурената сума да одговара на вистинската вредност на осигурениот имот; дали доколку настане осигурениот случај ќе биде надоместен во фер износ и колку брзо ќе биде обработено барањето за надомест на претрпената штета.

Интерес на менаџментот и на вработените во друштвата за осигурување, осигурителните брокери и агенти, е да бидат колку што е можно повеќе парично наградени за нивната стручност и професионалност. Наградите се во форма на редовни месечни примања по основ на плата, но и останати парични награди за успешност во работењето, натфрлање на планот и слично. Овие парични награди вообичаено се поврзани со успешност во работењето на друштвото за осигурување. Финансискиот резултат на друштвото зависи од добрата селекција на ризици при склучувањето на договорите за осигурување, ефикасно работење и поволен пазарен амбиент од кои зависат приносите на вложувањата во финансиски инструменти.
За осигурителните брокери и агенти тоа е провизијата. Провизијата најчесто се пресметува во премијата која ја плаќаат осигурениците, а посредниците најчесто ја добиваат од друштвата за осигурување.

Акционерите се заинтересирани за прифитабилно работење на друштвата за осигурување и за што е можно повисоки стапки на дивиденда. За нив е важно вкупните приходи од премии и приноси од финансиски вложувања на друштвата да бидат повисоки од вкупните расходи за надомест на штети и осигурени суми и трошоците од работењето. Притоа интерес за нив е да постои предвидливост во правната рамка за работење, пред сè законите од областа на осигурувањето, даночната регулатива, регулативата за облигациони односи, за трговски друштва; измамите во осигурување да бидат сведени на минимум, а судските органи да бидат стручни и ефикасни во работата.

За странските супервизорски органи е битно да се зачува финансиската стабилност на субјектите кои се под нивен надзор, односно да се намалат ризиците од прелевање на евентуални кризи и губење на довербата во услугите.
Професионалните здруженија го бранат интересот на професијата и долгорочното јакнење на јавната доверба во осигурувањето.

За судиите и обвинителите би требало да е од интерес да постојат јасни, концизни и конзистентни правила за вршење на дејноста, ефикасна супервизија, како и навремена и квалитетна едуцираност на сите засегнати страни со цел да се јавуваат што е можно помалку спорови, односно да постои ефикасен вонсудски систем на решавање на спорови.

За секоја влада е битно да постои систем кој ќе обезбеди сè претходно кажано да функционира на долг рок, без чести потреби од менување на регулативата.
За органот надлежен да врши супервизија на осигурување клучно е да постојат јасни правила за вршење на дејноста, овластувања за спроведување на супервизијата, соодветен стручен кадар. Кај нас Агенцијата за супервизија на осигурување се грижи за соодветна заштита на интересите на осигурениците. Тоа значи финансиски здрави, солвентни и ликвидни друштва за осигурување кои ќе можат во континуитет да ги исполнуваат сите обврски од работењето, пред сè обврските кои произлегуваат од договорите за осигурување. Покрај усогласеност со прудентната регулатива, друштвата за осигурување и сите посредници на пазарот на осигурување треба да имаат раководни тимови и вработени кои ги разбираат потребите на потенцијалните осигуреници, добро ги познаваат клучните процеси во осигурувањето и имаат фер пристап во односите со осигурениците.
Имајќи предвид дека економското окружување е динамично и отворено, односно субјектите не се развиваат во затворен сад, а интересите низ времето се менуваат и преплетуваат, неизбежни се ситуации на конфликт на интереси.
Според мене, конфликтите не треба да се ставаат под тепих. Напротив, за нив треба јавно да се разговара. И тоа не само за конфликтите кои се во доцна фаза на развој, туку пред сè за потенцијалните, за можните конфликти на интереси, односно да се обидеме сите да ги идентификуваме во колку што е можно најрана фаза.
Превенцијата би била најуспешниот начин на управување со конфликтите.
Сè друго би подразбирало корекции во форма на често менување на правилата. А ова менување, за жал, знае да биде од корист за посилните, а на штета на послабите, што понатаму би довело до намалување на довербата и користењето на услугите.

Накратко, заедничкиот интерес секогаш да биде над поединечниот.
Од каде да се почне?

Доколку го погледнеме туѓото искуство и ги побараме причините за неуспех на друштвата за осигурување на развиените пазари, на пример пропаста на ХИХ (HIH) осигурителната група во Австралија, најчесто причината за неуспех лежи во ставањето на личните интереси над интересите на институциите и системот.
Без разлика дали станува збор за измами во осигурувањето направени од осигурениците или носењето на премногу ризични одлуки од страна на менаџерите/вработените во име и за сметка на друштвата за осигурување, а за остварување на лични интереси; или задоцнетото дејствување, односно намерното недејствување од одговорните носители на извршната власт и/или супервизорските органи зад што повторно стоеле лични мотиви; конфликтите на интереси и немањето желба тие да се идентификуваат и со нив да се управува е непосакувано бидејќи на долг рок не влева доверба во функционирањето на пазарот и системот во целина.

ПРЕПОРАЧАНО