Општество
Георгиев: Збудален свет
Гордан Георгиев | Авторот е политиколог
Економија и бизнис | печатено издание | март 2023г.
Ковид пандемијата официјално заврши, војната во Украина почна, Македонија не го реши спорот со Бугарија, но влезе во НАТО. Во меѓувреме, светот влезе во депресија. Не мислев конкретно на финансиска, енергетска или политичка депресија, туку повеќе на депресија како клиничка состојба на умот. Дали ви се случило, особено последнава година, луѓето околу вас да се незадоволни од нешто, вознемирени, напнати? Дали често со луѓето со кои до вчера сте се дружеле и сте разговарале на најразлични теми, одеднаш се фаќате себеси дека зборувате само на една тема: ништо не чини, не бива вака, кај отиде светов? Јасно ми е, луѓето сакаат да зборуваат за негативни работи, тоа им е некаков одбранбен механизам дака „има и полошо“, но кога таквата перцепција станува крајно доминантна и сеопфатна, веројатно нешто не е во ред со нас, но и со светот. И не треба посебна анализа за да навлеземе во корените на таквата состојба. Како и сите милениумски проекти, така и новиот храбар свет исполнет со слобода, демократија и благосостојба доживеа неверојатен краток рок на траење. Оптимизмот од крајот на деведесеттите и завршувањето на Студената војна денес се распарчува како меур од сапуница под налетот на руските ракети врз украинското тло. Ковид кризата секако има долгорочни последици врз нас и врз нашето ментално здравје. Изгубивме многу наши драги луѓе и притоа сме среќни што преживеавме. Но, последиците од ковидот ќе ги чувствуваме уште долго. Можноста за ненадејни, индуцирани или спонтани, светски хаварии останува присутна и тука екстремно брзиот налет на технологијата не ни помага, туку напротив ни одмага. Светот ја дочека технологијата неподготвен, сосема неподготвен.
Неверојатно брзиот развој на технолошките настани и цивилизациски пробиви отворија нови процепи во општествата, отворија нови немири и голема ранливост на институциите. Страв од непознатото, та има ли поголем страв од тоа?!? А има ли поголем страв од непознатите последици на евентуална нуклеарна војна? Дали во таков апокалиптичен развој на нештата би сакале да бидеме од страната на преживеаните или од страната на непреживеаните? Тешка дилема, со оглед на претпоставените последици. И како врв на сето ова што се случува глобално, секое (локално) општество си се бори со сопствените проблеми. Македонија се занимава со Бугарија и со почетокот на преговорите со ЕУ, општествово плива во бесперспективност, корупција и клиентелизам. Кога овие три фактори ќе ги ставите на една чинија (ковид пандемијата, војната во Украина и домашните проблеми), корените на депресијата стануваат јасни. Светот збудалел. Изгубил секаква потпорна точка, изгубил репер, изгубил лидерство, изгубил надеж. Оваа состојба дејствува на сите, дури и кога не гледаме вести и кога не нè интересира политика, дури и ако не веруваме дека ковид постоел.
Точно пред една година, токму една година откако почна нападот на Русија врз Украина, низ страниците на Економија и бизнис пишував дека овој судир наликува на претпоставениот судир на цивилизациите што пред триесетина години злокобно го предвидуваше Семјуел Хантингтон. Паралелите се секако фалшлива работа во предвидувањето, особено во таков магловит занает како што е политологијата и геополитиката.
Па, сепак, накусо прераскажана, книгата на Хантингтон за Судирот на цивилизациите (објавена во 1993 година) вели дека крајот на Студената војна и победата на западните вредности преку институциите и принципите на либералната демократија нема да го означи и крајот на конфликтноста во светот. Идентитетите, различните култури, вештачко создадените граници и нации ќе доведат до еден поширок судир (не нужно воен) на едно поапстрактно ниво на цивилизации. Цивилизацијата, според Хантингтон, би значела „највисокото културно групирање на луѓето и најопфатно ниво на културен идентитет што ги разликува луѓето од другите видови“. Можеме да зборуваме за културно и идентитетско групирање во симплифицирана форма, но ова што го навестува Украина и огромните импликации од овој конфликт всушност означува нешто друго, суштинско друго. Религиозните, етничките, идентитетските, културните или расните разлики се важни пунктови на поделба во современите општества. Често ваквите разлики се индуктори на конфликт или на конфликтна состојба. Но, нападот врз Украина и придружната реторика која одѕвонува со надеж дека ќе стигне до главните градови на Западот (Вашингтон, Париз, Лондон, Берлин) е, всушност, судир за различните погледи на свет во однос на тоа како треба да бидат уредени општествата, т. е. државите. Со други зборови, таканаречените „предизвикувачи“ на глобалниот поредок (во прв ред Кина и Русија) упатуваат на тоа дека не сакаат да го прифатат глобалниот поредок од крајот на Студената војна кога Западот (читај САД) излезе не само како победник на студеното бојно поле туку и како господар на наративот кој беше поставен на пиедестал како најпосакуван наратив за сите држави и за сите општества во сега веќе глобализираниот свет.
И ние сакаме демократија, и ние всушност ја практикуваме демократијата, но ние не ја сакаме вашата либерална демократија − велат предизвикувачите.
Едноставно, не сите сакаат да се идентификуваат со либералната демократија негувана на Западот. Сакаме демократија, ама не либерална. Слободата не е најважна, најважни се стабилноста и економскиот просперитет. Ова се драматично различни погледи на свет. Не само што се различни туку во голема мерка се и конфликтни. Ние можеме да зборуваме за грубиот фаул на Владимир Путин со нападот на Украина, но мораме да зборуваме и за релативната монолитност на руското општество и за едногодишното траење на војната и нејзиниот крај кој навистина не можеме да го видиме во моментов. Но, исто така и за нуклеарната опасност која демне постојано, без разлика што големите сили сè уште ги негуваат таканаречените „заднински“ канали на комуникација.
Оттука реториката на Путин, но и онаа на Бајден, е приказ на сопствените вредности негувани со децении, понекогаш и со векови. „Украина не е едноставно само соседна земја. Таа е составен дел од нашата историја, култура и духовен континуитет“, − изјави Путин во злокобното обраќање до јавноста. Само преку оваа реченица, а и преку многу други, може да се насети цивилизацискиот судир на два различни и веројатно цивилизациски непомирливи светови.
Тешко е замисливо да зборуваме за денешна демократија која во себе не содржи либерална компонента, т. е. вградени механизми на слобода кои институционално се преточуваат како слобода на говор, правна држава и владеење на правото, слобода на претприемништво итн. Таквата демократија е всушност мимикрија на авторитарните општества и авторитарните лидери во нив. Различен поглед на свет може да биде и долго негувана поданичка култура која тешко се искоренува со вбризгување повремени дози на либерална демократија. Впрочем, и овде на Балканот се соочуваме со слични дилеми за брзината со која итаме кон демократија и стандарди наспроти жилавиот отпор што го даваат традицијата и вкоренетите навики. Секако, демократијата различно се сфаќала низ историјата, та дури и колевката на демократијата (Стара Грција) ги сметала демократските режими како најмалку добри, претпочитајќи аристократија или монархија наспроти неосвестениот и неук плебс. Денес, кога сме се определиле да бидеме од оваа страна на линијата Мажино, од страната на западниот свет, гледајќи ги низ мало прозорче реалните придобивки од тој свет, ние немаме премногу избор. Единствениот реален избор, кој зависи од нас, е дали и како ќе се поставиме кон градење на демократско општество отпорно на странични малигни влијанија. За таквиот избор ќе мораме да се обратиме на самите себеси, овде во Македонија, бидејќи збудаленоста на светот, неговата реална незаинтересираност за малите нешта, нè принудува да се поставиме соодветно. Или ќе успееме со внатрешни сили да се спротивставиме на корупцијата, на криминалот и на клиентелизмот или ќе се доведеме во ситуација никој да не забележи дека сме станале црна дупка на мапата на веќе широко издупчената планета Земја.