Финансии / Банкарство

Анализа на каматните стапки на кредити за население во последниве 4 години

Економија и бизнис | печатено издание | март 2023г.

Живееме во ера кога многу често фамилијарниот буџет не е доволен за задоволување на сите трошковни потреби. Без разлика дали станува збор за инвестирање, купување на недвижност или дополнување на тековна ликвидност, повеќе од неопходно е банкарското кредитирање. Иако во последно време голем дел од потребите за брза ликвидност се канализираа преку нефинансиските институции, сепак банките остануваат стожер при изборот на клиентите за кредитирање. Кога веќе кредитот станува потреба, од исклучителна важност е добро да се знаат сите трошоци поврзани со неговата отплата, а како основен елемент е каматната стапка. Од таа причина ќе направиме анализа на каматните стапки кои биле остварени на ниво на банкарски сектор во изминативе 4 години со помош на податоци од НБРСМ.


Од горната табела може да се извлечат следниве заклучоци:
–    Вкупната каматна стапка на кредитите за периодот 2019 − 2022 г. се намалила за 0,5 п. п. со тоа што крајот на 2022 година се заокружила со ниво од 4,44 %. Ова е втора најниска вредност со оглед на тоа што во декември 2021 година таа изнесувала 4,37 %. Притоа јасно се гледа дека токму 2021 година била најповолна година за задолжување, особено со фиксни каматни стапки на долг рок.
–    Во текот на анализираниот период, во континуитет се намалува разликата меѓу каматните стапки во денари и оние во странска валута. Причината за тоа може да се најде во тоа што и двете категории имаат тенденција на опаѓање со тоа што каматите кај денарските кредити се намалувале со поголема динамика. Така, од разлика 0,92 п. п. во 2019 година во корист на денарските кредити, таа е сведена на 0,6 п. п. во 2022 година.
–    Редоследот според висината на каматните стапки во последниве години бил следен: денарски кредити – денарски кредити со валутна клаузула – девизни кредити. Во овој редослед највисока каматна стапка е постигната кај денарските потрошувачки кредити во 2019 година со ниво од 6,72 %, додека најниска каматна стапка е евидентирана кај денарските станбени кредити во 2022 година од 3,52 %.
–    Најголем пад во трендот на намалување за анализираниов период е остварен кај денарските кредити за други намени каде што маргината изнесува 1.51 п. п., додека најголема отпорност на промена/намалување на каматата била забележана кај девизните станбени кредити каде што за 4 години оваа стапка се намалила за само 0,09 п. п.
–    Во анализираниов период најповолен потрошувачки кредит бил оној кој е одобрен во евра, но тука треба да се имаат предвид 2 варијабли: дали корисникот на кредитот има редовни приливи во евра и втор клучен елемент е девизниот курс. Од друга страна, сите оние кои избрале станбен кредит во денари ја добиле најповолната варијанта кога станува збор за каматната стапка. Кај кредитите за друга намена најниска каматна стапка била постигната кај девизните кредити со тоа што во декември 2022 година веќе се израмнува оваа каматна стапка со каматната стапка на денарските кредити. Од ова произлегува дека денарските кредити со валутна клаузула се најскапи на пазарот.

Сето ова може да биде патоказ за сите оние кои имаат активен кредитен производ и размислуваат за негово рефинансирање, како и за сите идни корисници на кредити. Притоа од исклучителна важност е доброто информирање за периодот на фиксна каматна стапка, можностите за предвремено затворање на кредитот, трошокот за рефинансирање на кредитната изложеност, референтната каматна стапка преку која се креира пазарната каматна стапка (Еурибор, Либор, национална референтна стапка, стапка на благајнички записи и сл.), валутната трансформација на кредитот и девизниот курс по кој ќе се отплаќа ануитетот (среден курс на НБРСМ или продажен/куповен курс на банката на денот на плаќање).
Сите овие елементи ќе бидат уште поизразени во 2023 година со оглед на тоа што кај банките активни се два тренда: нагорно придвижување на каматните стапки речиси кај сите категории на кредити (иако тоа ниво е сè уште ниско кај фиксните каматни стапки, а многу поизразено кај варијабилните каматни стапки за остатокот од периодот) и кратење на периодот на фиксните каматни стапки (особено кај станбените и хипотекарните кредити).

(Е&Б)

ПРЕПОРАЧАНО