Општество
Германија: Како ѕвездата на левицата стана хероина на крајната десница
Љупчо Поповски | aвторот е новинар
Економија и бизнис | печатено издание | февруари 2023г.
Захра Вегенкнехт ја знаат речиси во секој германски дом. Таа е жестока во своите политички говори. Се зборува дека ќе излезе од партијата Левица и ќе формира свој политички блок. Ја поддржува Русија во војната со Украина, го напаѓа НАТО и доби армии поклоници меѓу екстремната десница.
Приказната е илустративна, политички бомбастична, па и асоцијативна за нашите случувања.
На корицата од декемвриското издание на германското списание „Компакт“ читателите ја гледаа политичарката Захра Вагенкнехт во херојска поза, а нејзините челични очи вперени во некој далечен хоризонт. Насловот гласи: „Најдобриот канцелар. Кандидат за левицата и десницата.“ Во текстот внатре уредникот Јирген Елзесер пишува за „оваа мешавина од нитро и глицерин“ способна да ја разнесе „блокадата со која режимот ја заѕида секоја дискусија за исламот и азилот, полот и трансен [погрден термин за транс луѓето], ковидот и Русија“.
Оваа политичка пофалба е многу интересна затоа што Вагенкнехт е само пратеничка на посткомунистичката Левица, најмалата партија во Бундестагот. А најзагадочно е што „Компакт“ е списание кое е гласноговорник на крајната десница и поврзано со екстремистичката Алтернатива за Германија (АфД).
Захра Вагенкнехт е име познато во речиси секој дом во Германија. Некои од нејзините тврдокорни поддржувачи ја споредуваат со Роза Луксембург или Мексиканката Фрида Кало поради жестоката одбрана на острите левичарски ставови. Таа нема никаква функција во партијата Левица (освен што е пратеник). Нејзините редовни емисии на Јутјуб ги следат до два милиони гледачи. Без сомнение, таа е хероина на германската левица, но сега, по нејзините долготрајни нејасни најави дека може да формира посебен политички блок, доби армии обожувачи од екстремната десница. Неодамна на митинзите на екстремната десница учесниците дури скандираа „Захра, Захра“ затоа што таа искажува жестоки тиради против зголемувањето на цените на енергијата и застана на страната на Русија во нејзината агресија во Украина.
Уредникот на „Компакт“, Јирген Елзесер, порано беше левичарски радикал со слични пледоајеа како Вагенкнехт. Потоа се префрли на сосема другиот политички пол, на екстремната десница, и сега во свое име и во име на многу други се обидува да ја привлече во таа орбита и Вагенкнехт.
„Сестрински бакнеж“
Во текстот тој ја нарекува Вагенкнехт „најпривлечното национално искушение од основањето на социјализмот“, велејќи дека деновите кога била нарекувана „најубавото лице на сталинизмот“ и била сметана за „изрод“ се завршени. Тој ја опишува на различни начини − „шик како Коко Шанел“ или како „дама од Авон, но со храброст и со реторика остра како брич“. Тој ја фали што не се плаши да ја покаже нејзината женска страна „за разлика од оние меѓу левицата и Зелените, кои намерно го негираат својот пол“.
Тој прашува колку е реална идната коалиција или толеранција меѓу Левица („црвените“) и АфД („сините“). Неговиот заклучок: АфД има мали до никакви шанси сама да постигне апсолутно мнозинство. Според него, ако АфД сака да добие шанса да влезе во Владата би требало да ги здружи силите со партијата на Вагенкнехт и со тоа да мобилизираат милиони разочарани гласачи. Тој признава дека фантазира за „здружување“ на Вагенкнехт и на Алиса Вајдел (лидерка на АфД) во „сестрински бакнеж“, што е асоцијација на средбата меѓу советскиот и источногерманскиот лидер Леонид Брежнев и Ерих Хонекер на прославата на 30-годишнината од основањето на Германска Демократска Република и нивниот прочуен бакнеж.
Нејзината партија Левица постои 15 години, но последователно го губи влијанието во германската политика. На последните избори таа не успеа да го помине прагот од 4,9 отсто, но благодарение на трите директни мандати таа влезе во Бундестагот со 37 пратеници. Поддршката за Левица оттогаш уште повеќе се намалува. Раководството на партијата (формирана 2007 година од наследниците на Комунистичката партија во Источна Германија и разочараните социјалдемократи) ја загуби политичката навигација и Левица освен на федерално ниво забележа и редица болни порази на покраинските избори.
Многу партиски инсајдери веруваат дека Вагенкнехт го одмерува времето кога ќе објави дека формира нова партија и ќе се извлече од конфузијата на Левица. Анкетите покажуваат дека може да се надева на успех. Во истражувањето на „Инса“, 10 отсто од гласачите сигнализираа дека се „многу сигурни“ оти ќе гласаат за неа. Во истражувањето на магазинот „Шпигел“, 30 отсто рекле дека можат да замислат да гласаат за неа, а во Источна Германија таа бројка оди до 49 проценти.
Со еден говор неодамна во Бундестагот Захра Вагенкнехт предизвика голема политичка бура и ја доведе својата партија во небрано. Таа ја обвини Владата дека им наштетила на германско-руските односи со започнување „невидена економска војна против нашиот најважен снабдувач со енергија“ со одлуката да ја ослободи Германија од зависноста на рускиот гас во знак на протест поради инвазијата на Владимир Путин на Украина. Тоа наиде на жесток одговор од целиот политички спектар. Некои членови на Левица аплаудираа, додека други поднесоа оставки во знак на протест. Оние кои неподелено ја поддржаа беа членовите на АфД, кои изразуваат слични ставови поради дистанцирањето на Германија од Русија и ја доведуваат во прашање верноста на Берлин спрема Украина.
На почетокот на декември, раководството на Левица усвои документ наречен „Декларација од Лајпциг“ со која индиректно се дистанцира од Вагенкнехт. „Декларацијата од Лајпциг“, освен пораките за социјална безбедност и добро платен труд, повикува на „промоција на енергетската транзиција“ и милијарди за проширување на обновливите извори на енергија. Додека Вагенкнехт смета дека САД и НАТО се делумно одговорни за војната во Украина, партискиот документ ја обвинува Русија и тоа го става јасно до знаење: „Ние сме посветени на правото на Украина на самоодбрана и повикуваме на целосно обновување на украинскиот суверенитет.“ Има и уште една разлика: Вагенкнехт неодамна ги опиша Зелените како најопасната партија во Бундестагот, додека многу левичари ја припишуваат оваа улога на АфД. „Декларацијата од Лајпциг“ повикува на „чисто разграничување против десницата“.

Заблудите на пацифистите
Познатиот словенечки филозоф, Славој Жижек, кој е левичарски настроен, неодамна во интервју за Радио Слободна Европа на директен и разбирлив начин зборуваше дека Захра Вагенкнехт не само што шири заблуди туку и самата е во заблуда.
На прашањето „кој е коренот на оваа фасцинација со Русија (па и оваа на Путин), или да ја наречеме опсесија, на левичарите на Запад, вклучително и многу истакнати мислители како Ноам Чомски или Џефри Сакс“, Жижек го даде овој одговор:
„Ја прочитав неодамнешната изјава на Захра Вагенкнехт, германската пратеничка на Левица, и таа сосема отворено вели: ’Зошто да губиме енергија, пари и така натаму, да се ставаме себеси во опасност, да се бориме за некаква војна далеку (...), да ја загрозиме нашата благосостојба, благосостојбата, како што вели таа, на нашите работни луѓе?‘
Значи, еве ја нејзината идеја во основа: Нека пропадне Украина за да не мораме да плаќаме повисоки цени за струја или што и да е. И ова е чист егоизам. Под тоа сè уште постои длабока недоверба кон НАТО, и тоа повеќе отколку спрема САД. Догмата на Левицата е, кој и да си, без разлика колку е брутална диктатурата, ако НАТО е против тебе, во крајна линија мора да има нешто што не е тотално лошо во тебе. НАТО е автоматскиот противник. И мене сето ова размислување ми е толку глупаво (...)
Ова е токму апстрактниот пацифизам на кој германската пропаганда играше во Европа непосредно пред Втората светска војна − тие го [нарекоа] (...) антиимперијализам. Францускиот, англискиот, американскиот империјализам се обидува да доминира во Европа, ние ќе ѝ обезбедиме на Европа автономија, ќе ја спасиме Европа и така натаму и така натаму. А парадоксот е што Чомски, кој политички се прогласува за анархист, на крајот не ја поддржува Русија. Популарниот термин денес е ‘разбирање на Русија’.
А она што де факто се случува е (...), додека сè уште ѝ помагаме на Украина, ние вршиме притисок врз Украина, [велејќи] не провоцирај ја Русија премногу. Она што мене ми е толку тажно е што пацифистите не се ни подготвени да признаат една работа – сега, велат пацифистите, фронтот е повеќе или помалку стабилизиран, ајде да се заложиме за мировни преговори, да ѝ дадеме на Русија дел од Украина. Но, дали овие пацифисти се свесни дека дојдовме во оваа фаза на релативно стабилизирање на фронтот токму поради огромната помош од Западот во Украина? (...) Тоа е парадоксот што тие не се подготвени да го прифатат, што западната интервенција ја зголеми шансата за мир. Без западната помош на Украина, [земјата] веројатно би била окупирана и тогаш веројатно ќе може да продолжи во Молдавија, балтичките земји, притисок врз Финска и така натаму.“
За Захра Вагенкнехт, ќерка на самохрана мајка и татко од Иран кој исчезнал кога била многу мала, формирањето на нова партија ќе биде четврта политичка промена. Во летото 1989 година, на 20 години, пред крајот на ДДР таа ѝ се приклучи на Обединетата социјалистичката партија која владееше со Источна Германија со сталинистички модел. Во тоа време многу стотици илјади нејзини членови се дистанцираа од партијата. По падот на Берлинскиот ѕид ,таа ѝ се приклучи на наследничката – Партијата на демократскиот социјализам, каде беше главен заговорник на комунистичката платформа. Кога во 2007 година се направи спојување со разочарани западногермански социјалдемократи, Вагенкнехт ѝ кажа збогум на псевдомарксистичката фразеологија, докторираше по економија и ги прифати либералните економски политики. Таа стана главно препознатливо лице на партијата.
Во тоа време политички и лично се здружи со Оскар Лафонтен, поранешниот министер за финансии во Владата на Герхард Шредер. Не само што ги делеа истите политички ставови, туку Вагенкнехт се омажи за него во 2014 година. Оскар Лафонтен ја напушти Левица лани во март.

„Леди Волдеморт“ на германската политика
Некои од левичарските аналитичари во Германија велат дека Лафонтен и Вагенкнехт се противат на војната не од гледна точка на меѓународната работничка класа, туку од гледна точка на германскиот империјализам чии интереси се некомпатибилни со оние на американскиот империјализам. Лафонтен долго време ја држи оваа позиција и ја повтори во неговата неодамнешна книга во која ја нарекува Германија, четвртата по големина економска сила во светот, вазал на Соединетите Држави. На САД им требаат „вазали за да одат заедно со нивната агресивна надворешна политика“, пишува тој. „Меѓу најлојалните вазали се Европејците, пред сè Германија. Затоа ја имаме ситуацијата во која се наоѓаме сега.“
Ова е речиси истиот јазик на екстремно десничарската Алтернатива за Германија. Водачот на ултранационалистичкото крило на АфД, Бјорн Хоке, пред публика од 8 000 луѓе во градот Гера на Денот на германското обединување рече: „Ние сме воведени во војна што не е наша, туку од туѓа сила [САД] и од федералната влада со која доминираат странци.“
Левичарскиот весник „Тац“ објави дека Вагенкнехт планира да ја лансира партијата на време за да може да се натпреварува на европските избори во 2024 година, а потоа и на општите избори во Германија во 2025 година. Главната репортерка на „Тац“ од парламентот, Ана Леман, известувајќи од собирот во Лајпциг на Левица кога беше усвоена „декларацијата“ ја нарече Вагенкнехт „Леди Волдеморт“ поради фактот што, како и архинепријателот на Хари Потер, чие име не е дозволено да се изговори, „името Захра Вагенкнехт не беше споменато ниеднаш, иако на сите им е јасно дека таа и нејзините поддржувачи одамна ја следат сопствената сепаратистичка агенда (...) нивниот правец е да се упатат надвор од партијата, надвор од левицата и остро да се свртат кон десницата (…) за што АфД се заблагодарува“.
Ако се случи, тоа ќе биде уште еден од драматичните политички пресврти кои сме ги гледале на многу страни.