Општество
Чистење
Тихомир Јанчовски | Авторот е писател
Економија и бизнис | печатено издание | февруари 2023г.
Одвреме-навреме треба чистење. И на собата во која се живее, и на телото во кое се живее, и на душата која живее во нас. Чистење на она што останува и фрлање на непотребното, на вишокот. Можеби и правење место за нешто „ново“ наместо нешто дотраено, кое ќе се вклопи во целината.
Еве, чистењето подрум е тешка работа, и малку, така... гнасна. Не може човек да остане со чисти раце кога го чисти подрумот за да го направи визба. И внатре наоѓа работи што сосема ги заборавил, и тие го заборавиле него. И се потсетува... летаат спомени од сите страни, како мувите што му зујат околу глава, таму, во подрумот. И пајаци има неброени, и пајажини отсекаде, исушени мумифицирани инсекти, а не е исклучено меѓу шутот на подот да се најде и костур од умрен глушец. И излегуваат старите работи, една по една: жици, црева, ’рѓосани шајки, прошлајфувани шрафови, некакви лајсни, парчиња паркет, остатоци од пластики, покривки, стар црвјосан мебел, конзерви со стврдната боја, шишиња со солна киселина, стари ламби со поткршен дел, карбуратор, разни склопки, фасонки, глувчовини, стари тетратки, книги... што да ви кажам, хаос. Некогаш сум ги ставил тука, божем да се најдат, и најголем дел не ни знам каде сум ги ставил, натрупани едни врз други, голем неред. И полека се расчистува хаосот, се вадат и редат со години трупаните правливи работи надвор, мораш да се миеш на секои час-два оти рацете печат, а очите штипат. Последен пат го чистев подрумот пред 15 години, годинава пак.
И да видиш, не е баш сѐ за фрлање. Се наоѓаат и некои нешта кои сѐ уште ми се во живо сеќавање, што не сакам да ги изгорам или уништам на кој било начин, па почнува ново редење на подрумот, со задршка на одредени предмети...
Кога ги изнесовме непотребностите надвор се создаде неочекувано голем куп кесиња, картонски кутии и вреќи така што се чудев како сето тоа претходно го собрало внатре, во подрумот. Откај толку место? Најпосле, подрумската соба беше чиста, уредена и изметена. Веднаш почнав да го мислам каков би бил за живеење зашто се отвори простор, а има и џамови над земјата, не е сосема подземје. Тоа е, за да ставиш нешто ново, мора да ги расчистиш старите работи. И со подрумот, и со животот е исто.
Подрумот (од под друм, место под патот) е минатото на човекот, неговите насобрани предмети се она што веќе не му требало на патот. Она што го водело од патот, отпад. Потребата од нешто во животот дотрајала или земал ново наместо старото, а за ова се врзал некако, створил сентимент, па не му се фрла. Подрумот обично е половина пат меѓу вратата од домот и кантата за ѓубре, контејнерот. И зошто ги чуваме старите работи, што ќе ни се? Во најголем дел, за ништо... Прилично апсурдна навика, некако сме скржави и трупаме. Не сакаме да се откажеме од непотребното, создаваме вишоци по кои лазат пајаци, муви, глувци, секакви бубачки... некои ноѓаат и смокови во подрумот, ако се во куќа. Што ќе ти поарна метафора за непотребни сеќавања кои само оптоваруваат и не водат никаде? Само ги вергламе низ главата одвреме-навреме, ни самите не знаеме зошто.
Подрумот е налик на потсвеста на човекот, не е толку случајно што чуваме нешто. Предметите што се таму се знаци за нешто недовршено, нешто што сме го оставиле за другпат. И такви работи има, и кога ќе најдеме нешто што сме го барале и не сме можеле да го најдеме, сфаќаме, му дошло сега времето да се употреби, не му било тогаш. Нешто старо и заборавено може да стане и аголен камен. Значи, може да најдеме нешто што значајно ќе ни го смени животот во иднина, и не мора да е предмет со прав и пајажина на него или покриен со кесиња и хартии, може да е мисла што некогаш сме ја имале и која расчистувањето и средбата со некој предмет ја ископало од полиците на библиотеката на свеста.
Минатото е историјата на самиот човек и нема потреба многу да се занимава со неа. Преполните подруми кажуваат дека човек не сака да ги заборава нештата што му се случиле, чува повеќе од нужното и тоа му пречи да учи, да се радува, да го доживува новото во денот. Затоа, чистете ги подрумите барем на секои пет години, и ќе видите, ќе ви олесни веднаш. И така чистете сѐ, и во себе и надвор од себе, оти едно е зачистување, друго е „генералка“. Ако се натрупа сѐ и сешто, слегувањето во подрумот многу потсетува на слегување во пеколот, а тоа и е, на некој начин.
Откако ќе си ја олесните совеста од непотребни дребности, прав, пајажини, стари писма, парчиња мебел и слично, може да прејдете на чистење на делот кај што живеете, и на таванот, ако го имате. Ако сте во стан, со редењето на плакарите и празнењето на она што е над потребното... ќе завршите работа. Кога човек си ја уредува и чисти куќата си ја уредува и чисти душата. Очигледно е, нели?
Сѐ има смисла и поврзаност, само што ништо не доаѓа нагло, одеднаш, сѐ си има свое време и свој час.