Општество

Македонија2025 доделува три стипендии за кариерно усовршување на извршни директори и менаџери во САД

28.02.2023г.

Исклучителна можност за врвна едукација на македонските извршни директори и менаџери преку менторство, вмрежување и практично учење

Меѓународната невладина организација Македонија2025 го објави повикот за аплицирање на престижната Програма за извршни директори - Зафировски, преку која се доделуваат 3 стипендии за светски познатата Келог-школа за менаџмент (Kellogg School of Management) во САД. Кандидатите ќе имаат можност да аплицираат на Програма за развој на извршни директори. Оваа програма се фокусира на подобро разбирање на окружувањето во кое се одвива бизнисот, клучните функционални области на управување, развој и спроведувањето на корпоративната и деловната стратегија.Програмите за обука на извршните директори се дизајнирани во чекор со постојаните предизвици и комплексноста на современото лидерство. Тие ќе ги обноват и надоградат веќе стекнатите вештини на македонските бизнис професионалци и ќе придонесат кон понатамошниот развој на македонските компании, а со тоа и на целокупната економија.

Уште од 2017 година, фондацијата Робин и Мајк Зафировски ја поддржува програмата за извршни директори – Зафировски. Македонија2025 искрено ја цени нивната посветеност и придонес кон развивање и раст на идните 100 бизнис лидери во земјата. Поддржувајќи го растот на бизнис лидерите, се надеваме дека тие ќе станат прогресивни членови на македонското општество и ќе придонесат за градење посилна нација. Во една прилика патронот на програмата Мајк Зафировски изјави: „За мене лидерството базирано на вредности е мошне важно, а токму програмата на Келог го поттикнува тоа. За жал, денес во сите општества довербата кон лидерите во бизнисот, во политиката, во образованието, е на мошне ниско ниво. Јас верувам во мислата, во советот на мојот драг пријател Хари Кремер кој вели: Потрудете се да бидете најдобрата верзија на себе и ќе видите дека ќе почнете да растете, а со вас и луѓето околу вас, вашата компанија, ќе станете алка за поврзување и прогрес.

Повикот е отворен до 10 март 2023 година. Повеќе информации за критериумите, начинот на аплицирање и селекција можете да најдете во отворениот повик на официјалната веб-страница на Македонија2025, достапен  ТУКА.

За сите дополнителни прашања контактирајте нè на nena@macedonia2025.com.

ПРЕПОРАЧАНО