Финансии / Банкарство

Поповска: Крај на режимот на петродоларот и кои се импликациите за валутниот режим и влијанието врз глобалната трговија

Снежана Поповска | Авторот е технички аналитичар CMT, CFTe

Економија и бизнис | печатено издание | февруари 2023г.

Преговорите меѓу Саудиска Арабија и Кина за трговија на нафта и гас, со кои порамнувањето би се исплаќало во кинески јуани, се чини дека е најважниот настан во последниве 50 години. Со овој чекор, Саудиска Арабија штотуку „го уби“ петродоларот и направи огромен чекор кон симнување од тронот на американскиот долар како глобална резервна валута.

Кратка историја.
Во 1972 година, претседателот Никсон еднострано ја отфрли обврската и го прекина Бретонвудскиот договор од 1944 година за откупување на долари за злато. Во јули 1974 година, американскиот министер за финансии Вилијам Сајмон и американскиот државен секретар Хенри Кисинџер направија строго таен лет за Ријад за да се сретнат со кралот Фахд. Тогаш тие понудија договор, саудиската нафта да се продава исклучиво за американски долари и со приходите да се купуваат американски хартии од вредност. Во спротивно, заканата беше дека сите ќе бидат убиени, вклучително целото семејство, и дека ќе ги окупираат нафтените полиња со американската војска. Очекувано, тие си заминаа со таен договор. Истиот тој договор беше повеќе или помалку проширен кај сите членки на ОПЕК. Лидерите како Садам Хусеин од Ирак и Моамер Гадафи од Либија, кои се оддалечија од американскиот долар, беа убиени, нивните земји беа уништени и дестабилизирани како пример за другите. Иран, Сирија и Венецуела се спротивставија поуспешно, но беа лошо дестабилизирани од американската окупација, кражба на нафта, обиди за убиства и економски санкции.
Првичниот договор меѓу Америка и Саудиска Арабија во 1973 година, кога САД ветија безбедност за Саудиското Кралство во замена за системот на петродолари кој ја поткрепува силата на доларот како глобална резервна валута, беше најголемиот геополитички развој во 70-тите години на минатиот век и уште поважен што се однесува на доларот по напуштањето на Бретонвудскиот договор. Создавањето на петродоларот е она што оттогаш управуваше со светот. Па така, ставањето крај на режимот на петродоларот не треба да се потцени. Со давање на знаење дека Саудијците ја снабдуваат Кина со нафта и се спремни да прифаќааат кинески јуан наместо долар за порамнување, се очекува да се наруши монополот на американскиот долар што го наметна и го спроведува САД од 1974 година. Бидејќи монополот долар за нафтата беше клучот на стабилноста на Бретон Вудс II, следува дека ерата на Бретон Вудс II завршува.
Кои се импликациите за трговијата, за валутните курсеви и за влијанието врз глобалната трговија со потпишувањето на овој договор за соработка меѓу Кина и СА и за сè поголемиот број земји кои се оддалечуваат од поддршката и стабилноста на САД?
Се чини дека Русија, Кина и Саудиска Арабија ќе направат огромен, колективен притисок за да се обидат да го симнат американскиот долар како глобална резервна валута. И не случајно читаме по медиумите за плановите на Русија и на Кина за формирање на „нова глобална резервна валута“. Но, бидејќи тие не можат да го направат тоа сами, соработуваат со држави како Саудиска Арабија и Индија за да помогнат во спроведување на нивните планови. Во интервју дадено за Блумберг, во Давос, министерот за финансии на Саудиска Арабија Ал Џадан одвои време да ги пофали односите на земјата со Кина и изјави: „Ние уживаме во многу стратешки односи со Кина и го уживаме истиот стратешки однос со другите нации, вклучително и САД, и сакаме да го развиеме тоа со Европа и другите земји кои се подготвени и способни да работат со нас.“

Што значи тоа за златниот метал?
Златото ќе биде клучен фактор за Кина бидејќи нацијата се обидува да го зајакне меѓународниот кредибилитет на јуанот и продолжува да ги поттикнува своите планови за купување нафта од Саудиска Арабија. Во последниве неколку дена Кина купи 100 тони злато и продолжува да складира злато додека продава државни хартии од вредност. Златото ќе продолжи да биде главен фактор во понатамошниот развој на системот на петројуани. Ако петројуанот биде поддржан со злато нема да се бара целосна конвертибилност на кинеските јуани за да функционира, така што на Кина ќе ѝ се овозможи истовремено да ја задржи контролата врз својата капитална сметка и да ја зајакне интернационализацијата на нејзината валута.
Сите овие случувања укажуваат на тоа дека Кина е сè поблиску да ја поддржи својата нова дигитална валута со злато и нема да бидеме изненадени ако Русија и останати земји издадат своја дигитална валута која ќе биде поддржана со злато.
Во меѓувреме, цената на златото продолжува да се искачува нагоре и е на прагот да започне нов секуларен биков тренд.
Првиот сигнал го дадовме во месец ноември кога веќе можеа да се видат јасни знаци на графиконот дека златниот метал формира дно и дека можеме да очекуваме тестирање на неговите претходни врвови околу 2 000 $. Сметам дека златото може да достигне цена 5 000 $ и повеќе.
Од порастот на цената на златниот метал, секако, корист имаат и рударите, односно компаниите поврзани со ископување и производство на благородни метали.
Во корист на златниот метал е и најновото истражување на World Gold Council кое сугерира дека овој тренд веројатно нема да се промени бидејќи 25 % од централните банки очекуваат дополнително да ја зголемат својата изложеност на благородни метали во споредба со 21 % минатата година.

ПРЕПОРАЧАНО