Општество
Зошто американските конзервативци се фасцинирани од Виктор Орбан?
Љупчо Поповски | aвторот е новинар
Економија и бизнис | печатено издание | октомври 2022г.
Американската десница го сака Орбан затоа што во прв план ги става католичките вредности и семејството, го сузби независниот печат, го потчини судството и направи прекројување на изборните конституенти за никогаш да не загуби. Тоа е повеќе од доволно.
Изгледа дека ситуацијата е парадоксална, дури и неприродна – десното крило на конзервативната Републиканска партија во САД толку многу го почитува унгарскиот премиер Виктор Орбан што сака неговите политики на владеење да ги прекопира во американското општество. Тоа изгледа како некаков коперникански пресврт: мала земја од поранешниот источен лагер да биде модел за управување на најстарата демократија.
Светот е неверојатно загрижен и екстремно вознемирен со руската инвазија на Украина и непредвидливоста на постапките на господарот во Кремљ. Цените на енергентите „збудалеа“, инфлацијата оди незадржливо нагоре, а рецесијата се појавува како голем амбис. Во оваа предармагедонска ситуација американските конзервативци, секогаш носители на најжестоката реторика против кои и да било власти во Москва (дали бил Советскиот Сојуз или Русија, сеедно), се зачудувачки тивки. Тивки, според американските мерила. Пред среднорочните избори во ноември, тие водат внатрешна битка кој да преовлада – популистите маѓепсани и инспирирани од Доналд Трамп или традиционалните конзервативци. За несреќа на иднината на Републиканската партија, дури 90 отсто од кандидатите што победија на примарните избори се „деца“ на Трамп.
Во оваа исцрпувачка политичка битка, Виктор Орбан се појави како ѕвезда водилка за десното крило на конзервативците. На почетокот на август, тој беше почесен гостин на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците во Тексас (собир ексклузивно наменет само за американските политичари) на која два дена по него зборуваше и Трамп. Орбан со својот говор ги разгали срцата на десничарските конзервативци.
Што кажа Орбан?
„Глобалистите можат да одат во пеколот“, рече тој и продолжи: „Тука сум да ви кажам дека треба да ги обединиме нашите сили. Западот е во војна самиот со себе“, рече Орбан, опишувајќи ја идеолошката „битка за западната цивилизација“ за која рече дека ќе се води во Вашингтон и во Брисел.
„Политиката не е доволна. Оваа војна е културна војна. Мораме да ги ревитализираме нашите цркви, нашите семејства, нашите универзитети и нашите институции во заедницата. Да играме според нашите сопствени правила.“ И заклучи дека „Унгарија е осамена ѕвезда во Европа“.
Од 2010 година, Орбан победи на четири последователни избори. Тој и неговата владејачка политичка партија Фидес демонтираа многу политички реформи спроведени по падот на Советскиот Сојуз, притоа умилкувајќи му се на овој или на оној начин на Владимир Путин.
Илјадници и илјадници текстови се напишани во Европа за неговото владеење. Генерално оценката е дека тој е еден вид постмодерен диктатор − не целосно автократски, но далеку од демократски. Летоска Орбан го надмина својот диктаторски пристап за отворено да го прифати видот на етнонационализам што европските елити се обидуваа да го згаснат од Втората светска војна. Во јули, во потпалувачки говор во Романија, тој ја осуди имиграцијата, велејќи дека тоа е обид да ѝ се наметне општество со „мешана раса“ на Унгарија.
Расистички говор
Со години Орбан оди во Баиле Тушнад во романска Трансилванија за оттаму да промовира големи политики. Таму, во 2014 година, објави дека Унгарија ќе се раководи според принципот на нелибералната демократија. Поради еден дел од говорот, цела Европа се крена на нозе означувајќи го како нацистички:
„Миграцијата ја подели Европа на два дела − или би можел да кажам дека го подели Западот на два дела. Едната половина е свет во кој европските и неевропските народи живеат заедно. Овие земји веќе не се нации: тие не се ништо повеќе од конгломерат на народи. Би можел да кажам и дека тоа веќе не е западниот свет, туку постзападниот свет. Постои свет во кој европските народи се мешаат заедно со оние кои пристигнуваат надвор од Европа. Сега тоа е свет со мешани раси. И тука е нашиот свет, каде што луѓето од Европа се мешаат еден со друг, се движат наоколу, работат и се преселуваат. Така, на пример, во Карпатскиот Басен ние не сме мешани раси: ние сме едноставно мешавина на народи кои живеат во нашата сопствена европска татковина. За тоа секогаш сме се бореле: подготвени сме да се мешаме еден со друг, но не сакаме да станеме народи од мешана раса“.
Имаше стотици реакции. Но, најголемиот удар за него за „расистичкиот инцидент“ дојде однатре, од Унгарија, од неговиот најблизок круг. Неговиот долгогодишен советник, социологот Жужа Хегедуш, поднесе оставка на функцијата заедно со придружно писмо до Орбан. Таа го оцени говорот на Орбан како „чист нацистички текст“ и додаде: „Не би ми паднало на памет ниту во кошмар дека можете да одржите отворено расистички говор.“
Па, каде е тогаш привлечноста на Орбан за американските конзервативци?
За американската јавност, се чини, никој појасно не ја објасни оваа фасцинација од писателката за списанието „Њујорк тајмс магазин“ Елизабет Зерофски. Минатата година Зерофски пишуваше за опседнатоста на некои конзервативци со Орбан во текстот наречен „Како американската десница се заљуби во Унгарија“.
Дел од привлечноста на Орбан, вели таа, е до католичките интелектуалци кои сметаат дека тој ја создава идеалната културно-конзервативна католичка земја во време на општествени превирања и ползечка секуларизација. (Самиот Орбан не е особено побожен. Според Ким Лејн Шепеле, професор од Принстон, кој го познава од раните 90-ти години на минатиот век, „никој никогаш не го видел во црква“.)
Доналд Трамп во август испрати соопштение со слика на која се ракува со Орбан во неговиот клуб за голф во Бедминстер, Њу Џерси. „Одлична средба со мојот пријател Виктор Орбан. Разговаравме за многу интересни теми − малку луѓе знаат толку многу за она што се случува во светот денес“, напиша Трамп.
Деспот од новата школа
Американските експерти го опишуваат Орбан како деспот од новата школа, мек автократ, анократ и реакционерен популист. Некои истакнати американски конзервативци не сакаат да имаат никаква врска со него, но повеќето ги привлекува неговата политика, посочувајќи ја Унгарија како потенцијален модел за иднината на Америка.
Во времето кога Унгарија беше во советскиот лагер, Москва ѝ дозволи малку поголема ширина од другите земји од Источниот блок, уникатна мешавина на притисок, особено по советската интервенција во 1956 година, но и полабави стеги, систем кој стана познат како „гулаш комунизам“. Најпознатата улица во Будимпешта, „Ваци“, со своите сјајни излози во почетокот на 80-тите години од минатиот век требаше да биде огледало на комунистичкиот блок.
Кога железната завеса почна да се крева, Орбан се појави како водач на младинскиот отпор, држејќи страсни говори против тоталитаризмот. Во 1989 година, тој замина во Оксфорд да студира политичка филозофија, финансиран од Џорџ Сорос. За време на неговиот прв мандат како премиер, почнувајќи од 1998 година, Орбан, кој сè уште се идентификуваше како либерален демократ, вети дека ќе ја изгради граѓанската инфраструктура на земјата. Потоа, во 2002 година, Орбан ги загуби изборите од социјалистичката коалиција и, според биографот Јозеф Дебрецени, решил да се врати на власт и да ги промени „правилата на играта“ за никогаш повеќе да не загуби.
Тој го ангажираше Артур Финкелштајн, политички консултант од Њујорк, кој работеше на изборот на повеќе американски политичари, вклучувајќи го и Роналд Реган. „Обидете се да ги поларизирате изборите за прашање кое најдобро ќе оди во вашата насока, т. е. дрога, криминал, раса“, напиша Финкелштајн во белешката од 1970 година до Белата куќа на Никсон. Во 1996 година, Финкелштајн го стави овој принцип да функционира во име на Бенјамин Нетанјаху, кандидат за премиер на Израел, кој тогаш беше околу дваесет поени подолу во анкетите и кој почна да тврди дека неговиот противкандидат Шимон Перес планира да го подели Ерусалим. Ова беше лага, но Перес се заплетка и Нетанјаху победи. Во 2008 година, Нетанјаху го запозна Финкелштајн со својот пријател Орбан. Орбан ја започна борбата против глобализмот, мултикултурализмот, бирократијата во Брисел. Тоа беа апстракции. До 2013 година, Финкелштајн имаше богојавление: лицето на непријателот треба да биде Џорџ Сорос.
Во јануари годинава новинарската икона на популистичката десница Такер Карлсон го пресели своето шоу на Фокс њуз по втор пат во Будимпешта. Во мај, самиот Орбан отвори специјален настан во Будимпешта организиран од Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците на САД.
Жарот на десницата за Орбан предизвика извесна перформативна конфузија во западните медиуми. Наслов на „Економист“ праша: „Зошто американската десница е опседната со Виктор Орбан? А една статија во „Хил“ од професорката по социологија од Принстон Ким Лејн Шепеле беше насловена: „Орбан ги заслепува американските конзервативци − што гледаат тие во него?“
Доналд Трамп го прими Виктор Орбан во негиов голф клуб во Њу Џерси во август 2022 година
фото: https://szekelyfold.ma/
Унгарска романса
Најчестиот одговор е дека Орбан ја направи Унгарија лабораторија за претворање на либералната демократија во авторитарна држава. Размислувањето оди вака: за една американска десница фасцинирана од создавањето и одржувањето на владеењето на малцинствата, формулата започнува со сузбивање на печатот. Скршете ги меѓународните институции (во случајот на Орбан, Европската Унија) и прикажете го преживеаниот од холокаустот Џорџ Сорос како ѓаволски финансиер. Додадете напад врз владеењето на правото. Докрајчете ја секоја долготрајна политичка опозиција со тоа што ќе ја исфрлите од постоење. Направете прекројување на изборните конституенти за никогаш да не можете да загубите. Крајниот резултат е бела, христијанска нација која може безбедно да ги задржи малигните сили на глобалистичката тиранија.
Оваа унгарска романса на американската десница е од последниве години, но своевидната опсесија со странскиот авторитаризам има подлабоки корени во Америка и кај еден дел од десницата тоа е во долгогодишното непријателство спрема демократијата. Тој дел од американската десница му беше верна на Троцки, а подоцна ја префрли својата верност на Франциско Франко. Истакнати конзервативци го бранеа апартхејдот во Јужна Африка за да ја оправдаат расната сегрегација во самата Америка. Потоа го поддржуваа чилеанскиот диктатор Аугусто Пиноче. Во сегашново време, некои гледаа во Владимир Путин како херојски бранител на традиционалното христијанство и непријател на глобалните елити. Или како што рече Руди Џулијани по анексијата на Крим: „Тоа е она што вие го нарекувате лидер.“
Сега кога Путин е заглавен во катастрофална војна во Украина, американската конзервативна верност кон него почна да се намалува, но не и импулсот да се слави странски авторитарен лидер како модел во кој се презира либералната демократија. Кога американскиот претседател Џо Бајден постојано повторува (особено од упадот на Капитол на 6 јануари 2021 година) дека демократијата не е засекогаш дадена и дека битката за неа мора да се води секој ден, некому тоа можеби му изгледа како флоскула. Но, настаните во самото срце на најсилната демократија во светот покажува дека таа битка е навистина исцрпувачка и дека треба да се биде внимателен секој ден.