Општество

Петнаесет средни училишта добија вело-паркинзи како донација од Стопанска банка

10.02.2023г.

Петнаесет средни училишта во Скопје изминатиот месец добија паркинзи за велосипеди како донација од Стопанска банка АД - Скопје. Проектот за опремување на средните училишта со паркинзи за велосипеди со поголем капацитет е продолжение на донациите кои Стопанска банка ги реализира во соработка со Град Скопје како резултат на организацијата на шестото издание на „Вози право, вози здраво“.

Модерни вело-паркинзи наменети за учениците и за вработените добија средните училишта „Кочо Рацин“, „Браќа Миладиновци“, „Шаип Јусуф“, „Зеф Љуш Марку“, „Орце Николов“, „Боро Петрушевски“, „8-ми Септември“, „Владо Тасевски“, „Панче Арсовски“, „Раде Јовчевски – Корчагин“, “Здравко Цветковски”, „Марија Кири - Склодовска“, „Никола Карев“, „Васил Антевски – Дрен“ и „Арсени Јовков“. Од Стопанска банка се надеваат дека вело-паркинзите ќе бидат дополнителен поттик за учениците и за вработените во училиштата да ги користат велосипедите не само како средство за спорт и рекреација, туку и како превозно средство, со што ќе стекнат здрави животни навики и ќе учествуваат во заштитата на животната средина.

Проектот „Вози право, вози здраво“, покрај препознатливиот настан кој привлекува неколку илјади учесници на улиците во Скопје, секогаш е придружен со донација на Стопанска банка во насока на промоција на урбаниот велосипедизам. Овие донации се наменети за широката популација и преку нив се промовира и поддржува алтернативниот начин на превоз како еколошко и здраво решение за сите генерации. Покрај новопоставените паркинзи за средните училишта, Стопанска банка досега ги изгради и опреми СТБ детскиот велодром во населбата Тафталиџе во Скопје, ТОПСИ вело-паркот во Градски парк, 100 паркинзи и 15 станици за поправка на велосипеди во Скопје и во неколку градови во земјата, со што вредноста на донациите надмина износ од 100.000 евра во форма на директна поддршка од Стопанска банка за заедницата. Дополнително, сите објекти на Банката се опремени со паркинзи за велосипеди, со што ги поттикнува и клиентите почесто да го избираат ова превозно средство.

- Денес, повеќе од било кога, сме соочени со потребата од изнаоѓање и користење на алтернативни начини на превоз со кои ќе придонесеме кон почиста животна средина, намалување на трошоците, но и развивање на здрави животни навики. Стопанска банка преку проектите што ги реализира продолжува да биде партнер на сите институции насочени кон подобрување на животна средина – истакнуваат од Стопанска банка.

За оваа година од Банката најавуваат уште помасовна манифестација „Вози право, вози здраво“ од која ќе произлезе нов општествено-одговорен проект наменет за заедницата.

ПРЕПОРАЧАНО