Интервјуа

Таневска Ѓорѓиевска: Туризмот стана еден од најголемите играчи во меѓународната трговија

Здружение на угостителството и туризмот

Интервју со Ана Таневска Ѓорѓиевска, заменик-генерален менаџер на Хотел Холидеј ин Скопје, АД МАКЕДОНИЈАТУРИСТ Скопје, претседател на Здружението на угостителството и туризмот
Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2023г.

Кажете ни накусо за „личната карта“ на здружението (релативното значење на конкретната индустрија за македонската економија, составот на здружението итн.).

Здружението за угостителство и туризам со децении како дел од Стопанската комора дава значаен придонес за развој на модерна, конкурентна туристичка индустрија на професионална основа, на социјално прифатлив начин и преку одржливи методи во која членките ги уживаат придобивките од членството преку компетентна и практична помош при решавање на проблеми од дејноста и добивање соодветна заштита на нивните интереси пред институциите и претставува излог за продуктите на членството пред меѓународниот пазар на туризмот.
Здружението се состои од високопрофесионална и активна членска мрежа (со сериозно влијание и удел во вкупниот туристички промет од странски туристи кој се остварува во земјава) која работи на принципот на лојална конкуренција и има цел континуирано подигање на стандардот на услугите, но и заштита на правата и на интересите на крајниот корисник.
Само во последниве три години во услови на сè уште актуелната мулти криза во која угостителско-туристичкиот сектор во првите две години (2021 и 2022 година) беше сериозно погоден, на адреса на владините институции испратени се над 65 предлози (иницијативи, мерки, решенија, насоки) базирани на серија истражувања и анализи и изработени две студии за негативните ефекти на кризата од ковид-19 врз секторот.

Како ја оценувате тековната состојба во угостителството и туризмот?

За време на пандемијата во 2020 и 2021 година, туризмот доживеа шок од досега невидени размери и целосно блокирање на секторот, што резултираше со целосно рушење на сите конститутивни елементи на пазарот на туризмот.
Со релаксирање на претходно строгите мерки за заштита од пандемијата започна процесот на обнова на туристичкиот пазар. Иако сè уште слаб и со бројни предизвици, туристичкиот сектор постепено се рехабилитира од шокот кој беше предизвикан од здравствената пандемија.
Остварениот туристички промет на странски туристи во Република Северна Македонија за периодот јануари − октомври 2022 година во однос на истиот период во 2019 година е помал за 30 %, односно реализирани се 405 илјади помалку ноќевања од странски туристи во однос на истиот период во 2019 година. Според достапните податоци од Светската туристичка организација, европските држави просечно оствариле 20 % помал туристички промет во однос на наведениот период за 2019 година.
Овој тренд на обновување на секторот ги поттикна државите со прогресивни политики во туризмот да ја искористат шансата за брзо обновување на сопствената економија токму преку туризмот истовремено надоместувајќи за загубите предизвикани од пандемијата, а со зголемување на извозот токму преку најефикасниот механизам во состав на управувачкиот систем кој со силна поддршка и промоција на дестинацијата веќе генерираат многу повисок девизен прилив во споредба со 2019 година, односно пред пандемијата.
Кај нас останува впечатокот дека секторот не е препознаен како економски систем во Република Северна Македонија. Активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции засега дејствуваат како симулација која служи како параван со цел затскривање на реалните состојби.
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот нема направено анализа за профилот на домашниот и на странскиот турист, а реализира промоции на дестинацијата врз основа на личните убедувања на тие кои ја спроведуваат неа.
Понатаму, пак, евиденцијата на правни субјекти кои дејствуваат во овој сектор е нејасна.
Политиката на поддршка и промоција на Република Северна Македонија не успеа да овозможи видливост на дестинацијата на меѓународниот пазар на туризмот во период кога истовремено конкурентните дестинации ги зајакнуваат својата позиција и конкурентност, што дополнително ги намалува нашата конкурентна способност и рејтинг. Оттаму произлегува потребата итно да се испорачаат опипливи политики на поддршка и промоција на дестинацијата за да не се најдеме во целосно подредена положба во однос на основните конкуренти. Оттука произлегува слабата оценка на досегашните политики која е аргументирана со статистички податоци според кои Република Северна Македонија значително заостанува во однос на своите конкуренти.

Кои се клучните успеси и предизвици? Како се справувате со порастот на цената на енергентите?

За жал, растот, развојот и примената на современите трендови во индустријата беа во целосен прекин поради пандемијата која, веројатно, најсилно го погоди токму овoј сектор.
Покрај сите предизвици со кои се соочува секторот, меѓународниот пазар на туризмот полека, но сигурно се обновува. Сепак, сето ова е недоволно за да говориме за успеси. Како резултат на непредвидливото континуирано зголемување на производните трошоци, најголем дел од компаниите во секторот сè уште не успеваат да ја надминат преломната точка на изедначување на приходите и на расходите, односно сè уште не го надминале прагот на рентабилноста во својата дејност откако е започната кризата. За ова, секако, придонесува драстичното зголемување на цената на енергентите, трудот, услугите, прехранбените продукти, а сето тоа во услови кога бележиме за 30 % понизок туристички промет како дестинација во однос на 2019 година, односно пред пандемијата. Во ваква ситуација за нас дејствува фрустрирачки сознанието кога бизнис-организација го вклучува целиот свој потенцијал нудејќи квалитетни решенија „но не сме во можност да ја откриеме вистинската адреса за обраќање“, па нашите предлог-решенија остануваат без одговор.
Зголемената побарувачка при процесот на обнова на секторот беше проследена со кадровски предизвици кои се одразија на оперативното планирање и производствениот процес што, пак, директно влијаеше на продуктивноста во туристичкиот сектор.
Нарушувањето на меѓународната безбедност настаната од воениот конфликт во Украина дополнително создава тешкотии при натамошното планирање, особено што производните трошоци тешко можат да се предвидат.
Следствено, додека меѓународната безбедност е нарушена, за очекување е и стабилноста на туристичкиот пазар да биде нарушена.

Како ги оценувате можностите за извоз, конкуренцијата на тој план?

Пред здравствената пандемија туризмот претставуваше еден од најбрзорастечките економски сектори во светот со економски придобивки кои се еднакви или дури и го надминуваат оној на прехранбени производи или автомобилската индустрија, па дури и на извозот на нафта. Туризмот стана еден од најголемите играчи во меѓународната трговија и истовремено претставува и еден од главните извори на приход за многу земји во развој.
Единствен сектор кој поседува потенцијал да ги надомести економските загуби предизвикани од здравствената пандемија во краток рок е секторот туризам, притоа без поголеми инвестиции, туку низ креирање можности и поволни услови за инвестиции во туризмот. Туризмот ни предлага можности за рамномерен економски развој доколку внимателно пристапиме и предвидиме повеќе чекори за создавање поволни услови за инвестирање, но и мултиплицирање на приходите од туризам во националната економија во краток рок.
Досега Северна Македонија како дестинација не го искористи потенцијалот на регионалните пазари, ниту пак на домашниот пазар. Ако земеме предвид дека свесноста за Северна Македонија како туристичка дестинација во земјите од регионот е исклучително висока, тогаш можеме да сметаме на пазар од 50 милиони (без Турција) потенцијални туристи надополнето со 3,5 милиони патници годишно кои транзитираат низ Северна Македонија за кои нема доволно содржини кои ќе ги задржат подолго во Северна Македонија. Создавање атрактивни услови ќе обезбеди домашни и странски инвеститори со што може да се слеат дополнителни над 1 милијарда евра во македонската економија, дополнително да бидат директно вработени над 30 илјади лица и да заживеат руралните средини, сето тоа речиси без инвестициски расходи од државната каса.
Во досегашните студии, научни истражувања, направени од страна на Здружението, се проектира зголемување на извозот токму преку туризмот за дополнителни 1,5 милијарди евра, што е незамисливо достигнување за која било друга индустрија.
Имаме добра материјално-техничка база и сосема конкурентна понуда за конференциски туризам која ги прави Скопје и Охрид погодни за организација на меѓународни конференции итн. Но, за да станеме конгресна/конференциска дестинација, мора државава да одлучи дали се гледа како дестинација за меѓународни бизнис-настани, и како ќе се вмеша во борбата за позиционирање на мапата на светски центри за MICE (конференциски) туризам.

Што може да се направи за да се подобри амбиентот за работа и успешноста во угостителството и туризмот?

Да се воведат мерки за стимулирање и развој на постоечката понуда за да не заостанеме во развојот во однос на понудата од дестинации кои се наши конкуренти.
Имајќи ги предвид меѓународните трендови за развој на одржлив туризам, како и заложбите од страна на Владата на Република Северна Македонија за евроатлантска интеграција на Република Северна Македонија, сметаме дека се наметнува потребата од усогласување на овој закон со европските норми и решенија во областа на туризмот.
Предизвиците со кои се соочуваме наметнуваат потреба од интервенција во Законот за туристичка дејност во два сегменти кои ги уредува, но и носење на ново законско решение за справување со нелојалната конкуренција и унапредување на туристичката дејност што досега не е целосно опфатено. Досега изнесеново, како и меѓународните трендови во туризмот и во Република Северна Македонија, според нас создава потреба од интервенција по неколку основи за кои, секако, доставени се и предлози и отворени се прашањата пред надлежните државни институции.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано