Финансии / Банкарство

Пазарна зомбификација

08.02.2023г.

Банкарскиот сектор во текот на пандемијата имаше голема улога во одржувањето на економијата, особено преку непрекинатиот пристап до финансии за погодените физички и правни лица. Во текот на анализата, посебно кај компаниите, банките имаа огромен предизвик пред себе при класифицирањето на компаниите, особено правењето на правилна проценка околу стабилноста на компанијата, причините кои ја довеле во ситуација за дополнителни средства(дали тоа е поради пандемијата или е лош менаџмент), проекции за отплата на долгот и сл. Сега, финансиските аналитичари сметаат дека 2023 година ќе биде уште попредизвикувачка за банките, од причина што вентилите за помош на компаниите веќе се сопрени и на површина ќе испливаат сите проблеми со кои компаниите ќе мора да се соочат. Тука пред се, се мисли на неможноста за отплата на кредитите, активирање на хипотеки или реструктуирање на долгот. Од пандемијата навака, во економската литература се поприсутен е концептот на “зомби компании”. Овие компании се еден вид „живи мртовци“ во националните економии. Тие обично се опишуваат како компании кои сè уште заработуваат доволно пари за да ги покријат трошоците и платите, но не доволно за да го покријат ануитетот на нивниот кредит и обично не создаваат профит. Кога каматните стапки беа ниски, ова беше понезабележителен проблем, но со оглед на тоа што каматните стапки продолжуваат да растат, банките треба да бидат исклучително внимателни при одобрувањето на нови кредити.

Кога веќе се детектирани вакви показатели, се поставува прашањето кои банки им позајмуваат на ранливите и зомби компании? Анализата на Европската банка за обнова и развој (EBRD) открива три наоди по ова прашање:

-          Прво, недоволно капитализираните банки и државните банки е многу поверојатно да бидат главните заемодавачи на зомби компаниите. Компанија чиј главен заемодавач е недоволно капитализиран има 0,8% поголема веројатност да биде зомби, отколку компанија што позајмува од високо капитализирана банка. Слично на тоа, веројатноста компанијата да биде зомби се зголемува за 2,9% кога нејзиниот главен заемодавател е во државна сопственост.

-          Второ, банка која е изградена врз принципите на долгорочни деловни односи има помала веројатноста да биде главен заемодавач на финансиски ранлива компанија. Веројатноста компанијата да биде во оваа категорија е 1,3% помала доколку главниот заемодавател е банка заснована на долгорочни деловни односи.

-          Кога здрава компанија станува зомби, нејзините долгови се зголемуваат во просек за 22% ако нејзиниот главен заемодавач е добро капитализиран. Истата компанија, во просек, ќе забележи зголемување на нејзиниот долг за дополнителни 3,3 процентни поени доколку нејзиниот главен заемодавач е недоволно капитализиран, а за 8% повеќе ако заемодавателот е државна банка.

Ризикот за стопанството од постоењето на зомби компаниите е тоа што тие го искривуваат деловното работење. Присуството на зомби компании може да влијае на работењето на други компании од истиот сектор (преку хоризонтална прелевања), како и да има влијание преку нарушување на синџирот на снабдување (вертикални прелевања).

Постојат два главни механизми за хоризонтална зомбификација. Прво, здравите компании се соочуваат со зголемена пазарна конкуренција од влезот на зомби компании. Ова прави надолен притисок на пазарните цени, а воедно и инфлаторно движење кај платите за вработените, што доведува до намалување на маржите.Во принцип, компаниите со подобри резултати треба да ги истиснат послабите конкуренти надвор од пазарот, а работниците да се прераспределат кај поефикасните производители. Меѓутоа, ако е голем бројот на непродуктивни компании на пазарот, предходниот тренд ќе биде нарушен, а со тоа ќе се намали бројот на нови бизниси и ќе предизвика дополнително дестимулирање на постоечките компании за инвестирање. Второ, зомби компаниите им го отежнуваат пристапот до кредитирање на финансиски здравите компании, или настанува т.н. ефект на истиснување.

Од друга страна, вертикална зомбификација се случува кога ќе се пренесат нарушувања меѓу добавувачите, односно компаниите кои добиваат инпути од зомби добавувачи. На пример, добавувачи кои се изложени на голем пад на банкарското финансирање може да го пренесат тој ликвидносен шок на своите клиенти со намалување на износот на трговскиот кредит или преку неиспорачување на  стоки и услуги навреме. Дополнително, падот на пазарната конкуренција меѓу добавувачите може да резултира со испорачување на инпути со понизок квалитет.

Кумулативните глобални финансиските податоци од првите три квартали покажуваат дека зголемената инфлација негативно влијае на патот кон закрепнување на компаниите. Банките и инвеститорите треба да добијат целосна слика за овие компании и да утврдат дали новиот заем на крајот ќе им помогне на овие компании да излезат од нивниот статус на зомби. Прецизна слика за овие компании ќе им овозможи на банките да носат информирани одлуки, а на крајот на краиштата, евидентно е дека треба да ја нагласиме потребата од одговорното кредитирање.


(E&Б)

 

ПРЕПОРАЧАНО