Финансии / Банкарство

Анализа – кредити и депозити на недржавен сектор

09.01.2023г.

Сите случувања во поглед на поставеноста на монетарната политика, нагорното придвижување на каматните стапки, борбата со високата инфлација и сите предизвици со енергетската криза, воениот конфликт и сеуште незаздравената ситуација со ковид-19, укажуваат дека можеби нашата генерација живее во еден од најпредизвикувачките периоди. Можеби за некои минати генерации, таквите предизвици биле поврзани со опстанок за живот и светски војни, но сепак секое време си носи свои тежини. Ние моментално минуваме низ најтешкиот период за нас. Настрана сите други елементи, денес нашето внимание ќе го насочиме кон основниот бизнис на банкарското работење, а тоа се депозитите и кредитите. За таа цел ќе користиме податоци од НБРМ и ќе дадеме осврт на актуелната ситуација.

 

За вкупните депозити може да се изведат следните заклучоци:

-          Салдото на депозити во анализираниот период 03/21-10/22 е во континуиран пораст. За овој период депозитното салдо се зголемило за 31,5 милиони мкд, додека најголемиот процентуален пораст е евидентиран во 09/21 година од 8,3%.

-          Корпоративните депозити заземаат 27.5% од вкупните депозити со 10/22 година и во однос на крајот на 2021 бележат значително намалување. Вкупниот одлив изнесува над 7.5 милиони мкд. Во структурата на корпоративните депозити најголемата маса е составена од денарски депозити, или процентуална застапеност од 68.7%, со 10/22 година. Таквиот тренд се надополнува со фактот што во 09/22 и 10/22 година депозитите во странска валута имаат негативен тренд или намалување од над 4%. Најголемиот екстрем е евидентиран во 09/21 година кога депозитите во странска валута имале годишен пораст од скоро 30%.

-          Кај депозитите на домаќинствата пак трендот сосема поразличен. Тука во структурата доминираат депозитите во странска валута, иако соодносот од 53:47(странска валута:денари) е многу поизедначен отколку кај депозитите на корпоративниот сектор. Она што е евидентно е дека значително забавува порастот на вкупните депозити на домаќинствата со одприлика пад од 1.5п.п на годишно ниво. Интересно е тоа што порастот на депозити во странска валута кај корпоративниот сектор се пресликува кај домаќинствата со 1 година задоцнување. Имено, во 09/22 регистриран е најголемиот годишен депозитен пораст од 17.1%, за депозити во странска валута.

Што се однесува на кредитирањето, ситуацијата е следна:

-          Тука може да се зборува за постабилен и “попригушен” раст од причина што нема големи екстреми како кај депозитите, иако апсолутниот пораст е значително поголем во однос на депозитите. Во анализираниот период 03/21-10/22 година вкупните кредити се зголемиле за скоро 54 милиони мкд, што е за 22.5 милиони мкд поголем пораст во однос на вкупните депозити. Со тоа, нарушена е и стапката на покриеност на кредити со депозити од 121% во 03/21 година до ниво од 113% во 10/22 година.

-          Од аспект на корпоративниот сектор, евидентно е дека во 2022 година од срана на банките се форсира кредитирање во странска валута и притоа стапките на пораст кај оваа категорија надминаа 20%. Како последица на овој елемент, започнат е и тренд за намалување на процентуалната застапеност на денарските кредити од 60% на 59%, во вкупното портфолио.

-          Интересно е да се забележи дека и покрај негативните економски случувања и растот на каматните стапки, сепак во 2022 година не се забележани негативни стапки кај кредитирањето, што не беше случај кај депозитите.

-          Кредитите на домаќинствата од почетокот на година се во континуиран пораст и за период од 10 месеци нивната задолженост се зголемила за скоро 13 милиони мкд. Кај оваа категорија со уште поголем интензитет се потенцира промената на валутната структура. Имено, доколку во 2021 година зборувавме за просечен пораст на кредитите во странска валута од околу 7%, во 2022 година таа стапка се искачи над 9%. Ваквиот тренд не влијаеше и кон нарушување на покриеноста на кредити со депозити која од стапка 167% во 03/21 година се искачи 179% во 10/22 година, што укажува на поголем раст на депозитите во однос на кредитите во странска валута.

(E&Б)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано