Финансии / Банкарство

Бишев: Се очекува цените на недвижностите да стагнираат или благо да опаднат

Што очекувате од 2023 година?

Глигор Бишев, економист

2023 година ќе биде година на големи предизвици. Инфлацијата и каматните стапки се очекува да ги достигнат највисоките вредности во првото полугодие од 2023 година. Високите каматни стапки со висока веројатност се предвидува да предизвикаат рецесиски движења кај најважните трговски партнери на Република Северна Македонија: ЕУ и Германија. Реализацијата на јавните инвестиции, кои се предвидени на ниво од 5 проценти од БДП, ќе бидат клучниот инструмент за стимулирање на економската активност во Северна Македонија и избегнување на рецесиските движења диктирани од нашите најважни трговски партнери.
Високите каматни стапки ќе ги намалат приватните инвестиции на компаниите. Истовремено тоа ќе ја намали побарувачката за станбени кредити и за недвижности. Се очекува цените на недвижностите да стагнираат или благо да опаднат. Се очекува благ пад на цената на енергентите и на храната. Економските субјекти ќе мораат долгорочно да сметаат дека нема да има значителни фискални интервенции и квантитативни олабавувања од страна на централната банка. На тоа ќе мора да сметаат финансиските пазари и соодветно да ја коригираат вредноста на хартиите од вредност. Тоа ќе створи притисок за сериозна и длабока трансформација на македонската економија.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано