Финансии / Банкарство

Пелистерка АД – анализа на биланс на успех

31.12.2022г.

На самата граница со Грција, во селото Меџитлија, се наоѓа погонот на далеку познатиот бренд Пелистерка. Оваа компанија низ годините на својот развој поминала низ голем број на сопственички и управителски трансформации, а нивната гордост, минералната вода, е симбол за квалитет од далечната 1968 година, кога паралелно започнува и производството на СО2. Нивната ореинтираност претежно кон домашниот пазар го отсликува начинот на менаџирање, а самото тоа има големи импликации и врз финансиските извештаи. Во денешната анализа ќе направиме осврт на сработеното во првите 9 месеци од годината и ќе се обидеме да ги пренесеме клучните елементи од работењето.

Со оглед на кризниот период низ кој минува целокупното стопанство и кај Пелистерка АД има забележително ниво на флуктуации во финансиската параметри во споредба со минатата година, а крајниот резултат сепак е со пониско остварување. Притоа, ваквата констатација се однесува на следните елементи:

-          Во првите 9 месеци од 2022 година вкупните оперативни приходи на Пелистерка АД се зголемени за 35%, или за 112.5 милиони мкд повисоки приходи во споредба со истиот период лани.

-          Водечкиот елемент за ваквите бројки може да се најде во растот на домашните продажби. Имено, Пелистерка АД успела да пласира производи на домашен пазар во вкупна вредност од 381,7 милиони мкд, а со тоа да го зголеми нивото за цели 41%. Овој пораст претставува 99% од генерираниот пораст на оперативните приходи. Токму преку овој елемент се отсликува пазарната позиционираност на компанијата.

-          Странските продажби сеуште претставуваат маргинализирана компонента во пазарната структура на компанијата со оглед на тоа што истите учествуваат само со 11.5% во вкупната продажба. Во текот на првите 9 месеци овој елемент исто така остварил раст во апсолутен износ од 4.1 милион мкд.

-          Растот на залихите се одржува на ниво од над 10%, додека ставката останати оперативни приходи бележи намалување од 25%. Сепак, ваквиот процент претставен во вкупен износ е само нешто над 2 милиони мкд.

-          Кај расходната страна евидентирани се големи поместувања, што во голема мера го одредиле крајниот резултат. Имено, тука во целост е пресликано глобалното инфлаторно влијание со оглед на тоа што набавната вредност на трговските стоки е зголемена за неверојатни 711%. Ако во 2021 година по основ на овој елемент биле потрошени 9,5 милиони мкд, оваа година тоа салдо изнесува 68,1 милиони мкд. Скоро 57 милиони мкд повеќе биле потребни за задоволување на производствените капацитети, а притоа истото не се одразило во иста мера и кај приходната страна. Исто така, трошоците за суровини и материјали се зголемиле за скоро 40%, што преведено во апсолутен износ е 50.5 милиони мкд. По овој основ благајната на Пелистерка АД била оптеретена за 181 милион мкд.

-          Материјалните трошоци на компанијата пораснале за 2.8 пати, додека трошоците за вработени се зголемиле за 13%. Последнава ставка е битна затоа што истата претставува пропорција од 16% од вкупните расходи, а 14.6% од вкупните приходи на компанијата.

-          Во ситуација кога компанијата не остварува финансиски приходи, а финансиските расходи за камати и курсни разлики бележат пораст од 22%, компанијата генерирала нето добивка од 17.4 милиони мкд. Овој резултат претставува преполовување на добивката од минатата година кога биле остварени 36,9 милиони мкд.

И покрај пониското ниво на добивка, ваквиот резултат е за секоја почит и останува да видиме како финансиски ќе се заокружи крајот на годината и дали зголемените трошоци ќе се преточат во повисоко ниво на приходи.


 

(Е&Б)

ПРЕПОРАЧАНО