Финансии / Банкарство

КОНЦЕПТИ: Kimchi premium

31.12.2022г.

Во ситуација кога голем број од популацијата се надеваше дека крипто валутите ќе бидат предводници на една нова дигитална ера, во која финансиите ќе го имаат главниот збор, сепак се случи токму спротивното. Пропаѓањето на една од најголемите крипто берзи, FTX, во голема мера ги наруши очекувањата на инвеститорите, притоа нанесувајќи финансиски загуби од огромни размери. Отворената стечајна постапка се чини дека ќе има долгорочни негативни влијанија врз перцепцијата кон дигиталните валути, а сето тоа можеби ќе придонесе за конечно спроведување на процес на регулација и стандардизација.

Од аспект пак на трејдерски позиции, крипто светот е најмногу интересен за оние кои очекувааат брзи заработки, а токму еден таков феномен ќе биде предмет на денешната анализа. Станува збор за терминот kimchi premium. Етимолошкото значење на терминот упатува на ферментираното јадење од зелка кое е основа во корејската кујна, а воедно го претставува јазот во цените на криптовалутите на јужнокорејските берзи во споредба со другите берзи лоцирани на глобално ниво и претежно се реализира преку цената на криптовалутата Биткоин (BTC). Со други зборови, цената на биткоинот може да биде искажана по повисока цена на берзата во Јужна Кореја отколку на берзата лоцирана во САД или Европа. Евидентната разлика во цените на биткоинот во Јужна Кореја поттикнува прилив во трговијата со крипто валутите. Разликата во цената ги мотивира трговците со криптовалути да купат големи количини биткоин од сопствениот пазар и да го продадат назад на корејскиот пазар за да остварат профит. Ваквиот феномен се нарекува „арбитражно тргување“.

На пазарот на криптовалути kimchi премијата првпат се појави во 2016 година, a наодите од универзитетските истражувања покажуваат дека од почетокот на 2016 година до почетокот на 2018 година, kimchi премијата во просек изнесувала скоро 4,8%, а највисокото ниво го достигнала во јануари 2018 година, кога изнесувала 55%. Јужна Кореја стана популарен пазар за криптовалути, вклучително и тргување со биткоин. Популарноста може да се должи на интересот на земјата за технологијата, како и за коцкањето, што можеби довело до одредено ниво на отвореност и рано прифаќање на дигиталните валути. Исто така, до зголемена популарноста на криптовалутите доведуваат и потенцијалните безбедносни прашања или закани со кои се соочуваат Јужнокорејците од Северна Кореја и нејзиниот лидер Ким Џонг-Ун. Биткоинот и криптовалутите имаат тенденција да бидат фаворизирани во земји или региони во светот кои се соочуваат со политичка несигурност и геополитички ризици. Желбата се фокусира на децентрализираната природа на криптовалутите, што значи дека тие не се во сопственост или контролирани од владин субјект.

Kimchi премијата исто така е поттикната од рестриктивните контроли на капиталот во Јужна Кореја. Многу регулативи го ограничуваат протокот на капитал во и надвор од земјата, а јужнокорејската влада ги донесе овие ограничувања за да спречи странско влијание врз нивните домашни инвестиции. Со текот на годините, владата ги заостри овие контроли на капиталот за да обезбеди економска стабилност на јужнокорејските пазари. Преку ова се отежна размената на големи количини криптовалути, како што е Биткоин, а контролата на капиталот ја ограничува способноста на Јужнокорејците да купуваат криптовалути на странските пазари. Поради оваа причина, јужнокорејските берзи се во можност да ги продаваат своите ограничени криптовалути по високи цени, со цел да ја задоволат побарувачката во нивната земја. Како математички е претставена премиум диференцијалната цена на Kimchi? На пример, ако еден биткоин во САД се продава по 10.000 долари, а цената е 13.000 долари во Јужна Кореја, kimchi премијата изнесува 30%. Со тоа, биткоин купен во САД, може да се продаде на корејскиот пазар за 30% профит, што резултира со добивка од 3.000 долари.

Kimchi премијата има изразено инфлаторно влијание врз цените на криптовалутите на јужнокорејскиот пазар, во споредба со оние на другите меѓународни берзи, а голем број на инвеститори ја искористија арбитражата за да ги соберат плодовите од повисоките цени. Токму последнава реченица во голема мера ги опишува сите аномалии на крипто пазарот и ја нагласува потребата од регулација. Само регулиран пазар може да биде здрава основа за развој на диверзифицирани портфолија кои ќе носат стабилни и долгорочни приноси.


(Е&Б)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано