Финансии / Банкарство
Во Народната банка се одржа 45. сесија на Клубот на истражувачите
24.12.2022г.
Одржана е последната сесија на Клубот на истражувачите на Народната банка за годинава. На сесијата беше презентиран трудот „Оцена на кредитниот јаз со примена на мултиваријационен Ходрик-Прескотов филтер“. Случајот на Северна Македонија“, од авторите Магдалена Петровска, Елена Мучева Михајловска и Артан Сулејмани.
Вицегувернерката, Ана Митреска, која ја отвори 45. сесија на Клубот, посочи дека темата е исклучително релевантна за централните банки, бидејќи директно е поврзана со нивниот мандат.
„Прашањето за отстапувањето на кредитите од нивниот потенцијал, или за т.н. кредитен јаз е битен концепт бидејќи содржи многу информации како показател за рано предупредување, односно за потенцијалната ранливост на кредитниот пазар. Затоа овој показател е и еден оние што се земаат предвид при определувањето на контрацикличните капитални слоеви на централните банки“, вели Митреска.
Во трудот се наведува дека во релевантната литература се дели мислењето дека соодносот помеѓу нивото на кредити и БДП е добар показател за одржливоста на кредитната активност. Пониското рамнотежно ниво може да ја намали стапката на раст на економијата, додека премногу високи нивоа ја зголемуваат веројатноста за финансиска криза. За да се дефинира кое ниво е премногу ниско или премногу високо, мора да се утврди рамнотежната патека на соодносот меѓу кредитите и БДП.
Се посочува дека главен методолошки предизвик е да се постави модел којшто би обезбедил најсоодветна оцена на рамнотежното ниво на кредити и на кредитниот јаз. Затоа постојат повеќе методолошки пристапи, при што една од битните предности на моделот користен во трудот е неговата структурна димензија. Се изделуваат структурни фактори од страната на понудата и побарувачката, коишто влијаат на соодносот помеѓу кредитите и БДП. Следствено, авторите сметаат дека предложениот модел има дополнителна додадена вредност и може да се користи при осмислувањето на политиките.
По презентацијата, на сесијата се водеше дискусија од учесниците, поттикнати од трудот и од изнесените заклучоци. Со одржувањето на 45. сесија успешно се завршија активностите на Клубот предвидени за оваа календарска година. Следната сесија ќе се одржи во март следната година.