Општество
Метаверзот во трка со времето
Дејан Азески | авторот е историчар, новинар и публицист
Економија и бизнис | печатено издание | септември 2022г.
Бизнисот базиран на иновации моментално се развива побрзо од темпото на нови научни откритија. Ова создава дисбаланс кој преку ноќ може да ги потопи најголемите светски корпорации. Затоа тие сега безглаво „јурат“ кон експерименталниот и крајно неизвесен проект за метаверз − виртуелен свет кој во иднина треба да го промени начинот на живеење. Но, дали таа иднина е навистина веќе дојдена или некој само ни прави филмови да купуваме работи кои реално ќе се применливи по неколку децении − сè уште не е јасно.
Ако некој пред само пет години ни кажеше дека најголемите корпорациски гиганти ќе даваат милиони за купување измислен виртуелен простор и дигитални предмети кои повеќе личат на цртан филм отколку на сериозен бизнис − сигурно немаше да му веруваме.
Но, ете, современиот свет продолжува и продолжува да нè изненадува. Како што нè изненади со криптовалутите, сега истото тоа го прави и со НФТ како некој вид нова современа берза на замислениот универзум наречен метаверз.
За гејмерите и генерално луѓето од помладите генерации, виртуелната реалност и игрите како Мајнкрафт кои се базирани на таа реалност не се ништо ново. Но, дури ни тие веројатно немаше да веруваат во најавите дека виртуелниот простор на некој си замислен свет ќе вреди речиси подеднакво исто како квадратот на Менхетен.
Генерално нешто вакво и требаше да се очекува во иднина. Прогнозите за загаденоста и генерално безбедноста на физичкиот свет не се добри така што во одредена точка од историјата секако ќе ни треба виртуелната реалност не само за бизнис туку и за социјализација која сè потешко ќе ја остваруваме. Но, искрено, до скоро ова не беше ниту во 20-годишните планови на луѓето и на компаниите.
Тогаш што се смени и како се забрзаа процесите? Прво, ковидот покажа една лоша и добра работа истовремено, а тоа е дека од дома навистина може да се работи и функционира речиси подеднакво добро како и од канцеларија. Секако, не за сите професии, но во секој случај за голем процент. Сите овие докажани работници од дома се сериозни кандидати за учество во метаверзот. Таму ќе можат да стигнат до канцеларијата за неполна секунда, нема да имаат потреба од облекување и стрес при транспорт и уште на крај ќе може да уживаат во дружење со своите пријатели кои се на десет или десет илјади километри без притоа да патуваат некаде. Ова барем теоретски сериозно ќе придонесе за намалување на трошоците и на проблемите и на вработените и на работодавачите.
Сепак, иако сето ова теоретски звучи добро − моменталното ниво на технолошки развој многу тешко ќе ја сервисира оваа идеја. Прво, од софтверски аспект, а второ и од психолошки така што проценките за метаверзот се добри, но само на среден и долг рок.
Ако аналитичарите и ние го знаеме ова, високиот менаџмент на компаниите сигурно е подобро информиран од нас. И затоа е нејасно зошто компаниите безглаво „јурат“ кон овој футуристички проект. Одговорот е едноставен: затоа што немаат друг избор, а еве и зошто.
Дигиталниот меур очекувано забавува
Дигитална индустријата, сепак, не е никаков суперсектор независен од какви било надворешни влијанија. Точно е дека цели две децении компаниите како Мајкрософт, Гугл, Амазон и сл. ги поместија границите на возможното во бизнис-светот и поставија нови стандарди кои тешко дека ќе бидат во скоро време достигнати. Но, како што овие гиганти од ентузијастички новитети станаа корпорациски бирократи, така и нивниот бизнис почна да забавува и да се соочува со истите или слични проблеми како и сите останати бизниси.
Ковид кризата покажа дека светот сè уште е далеку од визијата за бизнис без граници и дека невозможно е да се верува дека синџирите на снабдување може да функционираат еднакво исто во Њујорк и Шри Ланка.
Војната во Украина пак јасно нè потсети дека политиката и тоа како игра огромно, ако не и пресудно во економскиот добробит.
Од друга страна, преголемата побарувачка за кадри (која досега се замачкуваше со преквалификации) покажа дека сè потешко се доаѓа до квалитетна човечка сила која очигледно сè уште е незаменлива дури и кај овие дигитални џинови.
И најважно од сè − едноставно технолошкиот развиј и научниците физички не се во можност да испорачаат толку многу корисни иновации колку што бизнисот има потреба да продаде. Значи постои дисбаланс меѓу амбициите и остварливата реалност на краток рок. Тоа пластично изгледа вака.
Епл врз база на проекцијата на раст на компаниските трошоци би требало да продаде 300 милиони ајфон 19 по цена од 3 000 долари во 2025 година. Но, прашање е дали до 2025 научниците/иноваторите ќе успеат да измислат доволна додадена вредност за ајфонот реално да вреди 3 000 долари и уште потешко да убедат триста милиони корисници на претходната верзија да дадат толку пари за нешто што реално не им е потребно. А не им е потребно бидејќи и ајфон 10 отприлика ја „брка“ истата работа со помалку „шминка“. Значи на бизнисот сега му е потребен технолошки скок од типот на оној пред 15 години кога од класични мобилни се префрливме на паметни телефони на допир. А таков скок во реалниот свет тешко ќе има што значи дека затоа треба да се измислува дигитална и виртуелна понуда.
Врз база на сето ова не треба да нè изненадува што секторот фанатично се залага за виртуелната реалност како можеби единствен долгорочен спас.
Матрикс сценарио
И на крај, за сето ова логично постои и морална дилема. Дали на некој треба да му се дозволи правото да става милиони луѓе во некаква матрица која креира реалност по желба и потреба на менаџментот на компанијата?
Ова не е само сценарио од култниот филм Матрикс, туку и нешто што е предвидено во Библијата за периодот пред судниот ден.
Нормално, теоретичарите на заговор нема да го спречат развојот на технологијата, но тие со нивниот пасивен отпор секако можат да го забават планираниот раст, а на компаниите им е неопходно овој проект брзо да успее.
Дали реално метаверзот е иднината?
И да и не. Точно е дека светот во иднина сè повеќе ќе се потпира на виртуелната реалност и таа ќе продира во сите пори од живеењето. Но, дека ќе им се дозволи на Фејсбук, Мајнкрафт и слични компании да имаат монопол на овој нивни свет е малку веројатно.
Ова што моментално се прави повеќе наликува на амбициите на Илон Маск за колонизација на вселената отколку на одржлив бизнис-модел кој може да го спаси секторот. Овие зачетоци на колективна виртуелна реалност се како во времето кога имавме дајал-ап интернет. Компаниите кои го смислија и го спроведоа тоа навистина направија голем успех, но ниедна од нив не успеа да го монополизира интернетот така што истото ова ќе биде и со метаверзот.
Дополнително оваа идеја дојде среде целосното затворање поради вирусот ковид кој многумина го сметаат за успешен социјален експеримент. Но, новата реалност сè повеќе покажува дека постои големо противење на ваков тип на живот, што значи дека традиционалното општество ќе опстојува барем уште половина век (додека се живи актуелните генерации), што секако сериозно ќе го забавува очекуваниот развој на виртуелните светови.