Финансии / Банкарство

Јакимовска: Инвеститорите и силата на емоциите

Силвија Јакимовска | авторот е магистар по монетарна економија, финансии и банкарство

Економија и бизнис | печатено издание | јули/август 2022г.

Функционирањето на финансиските пазари е кохерентно со очекувањата. Во основа потребно е да се елаборираат информациите присутни во економијата за да се разбере како се формираат очекувањата.
Доколку учесниците на финансиските пазари се ладнокрвни личности ориентирани кон максимирање на очекуваната корисност, однесувањето на финансиските пазари би соодветствувало со идеализираниот модел (во јадрото на економската теорија) составен од моќната комбинација на оптимизирање и на рамнотежа. А пазарната цена претставува проникливо ефикасен процесор на информациите.
Сепак, комплексноста на финансиските пазари зададена од севкупните нарушувања на ценовната ефикасност ја наложува неопходноста од афирмација на бихејвиористичките фактори. Тие горливо го нагласуваат реалното однесување на учесниците на финансиските пазари, кое е кодификувано со бројни хевристики, подложно на бројни пристрасности и под влијание на многу емоции.
Актуелната состојба на финансиските пазари е најконкретен пример за тоа како цените на голем број финансиски инструменти можат рапидно и дрaматично да се променат под влијание на преовладувачките емоции. Стравот од неизвесност доминира во изминативе три години. Тој е причинител број 1 што го конвертираше најдолгиот економски бум во пад и двигател што ја придвижи светската економија кон нова рецесија.
Единаесетгодишниот период на експанзија, континуираниот раст на цените на пазарите на акции, како и психолошката еуфорија стивнаa по објавувањето на вестите за заразната болест што го окупира и парализира светот. По укинувањето на громогласните рестрикции, економските изгледи беа подобрени и кон крајот на 2021 година цените на акциите одбележаа нагорни поместувања, но тие имаа краткорочна природа. Следствено, земјите од целиот свет почнаа да страдаат од дестабилизирачките ефекти предизвикани од воениот конфликт со Украина. Ниеден ентитет не остана имун на здравствената и енергетска криза, геополитичките тензии, нарушените глобални синџири на снабдување и силните ценовни притисоци на пазарите на примарните производи.


Доколку се анализираат вредностите на најрепрезентативните берзански индекси: S&P 500 INDEX; STOXX Europe 600; Dow Jones Industrial Average; MSCI ACWI Index; MSCI AC Asia Pacific Information Technology Index; MSCI Emerging Markets Index, може да се констатира дека во првата половина од 2022 година претрпеа кумулативни негативни промени. Тие беа поизразени по вториот квартал од годинава кога централните банки на голем број земји, вклучувајќи ја и нашата, започнаа да преземаат мерки во насока на затегнување на монетарната политика. Несомнено во водењето на монетарната економија постои суштинска, експлицитна и динамична поврзаност меѓу состојбите на финансиските пазари и операциите на монетарната политика. Народната банка ја зголеми каматната стапка на благајничките записи во неколку наврати, сега е на ниво од 2,0 %. Федералните резерви го направија најагресивното зголемување на каматните стапки од 1994 година и примарната каматна стапка изнесува 1,75 %. Европската централна банка најави зголемување на референтната каматна стапка за 25 б. п. во јули при што зголемувањата ќе продолжат сè до постигнување на таргетираната стапка на инфлација.
Тековните настани силно ја погодија довербата на инвеститорите, поголемиот дел од нив сметаат дека инвестициите се премногу ризични, сè поприсутни се песимизмот и паничната реакција. Вообичаено економската анализа запира до овој градус и ретко кога се поставува прашањето која е психолошката заднина.
Tаткото на економската наука демонстрирал акутна свест за аверзијата кон загуба пред повеќе од 200 години. Според Смит (1759), болката е пожестока сензација од спротивното и кореспондентно задоволство.
Технологијата за снимање мозоци покажува дека загубите и добивките се обработуваат во различни емоционални региони на мозокот. Поновите истражувања сугерираат дека добивките и загубите се обработуваат на квалитативно различни начини при што средниот коефициент на аверзија кон загуба е 2,25, т. е. загубата боли 2,25 пати повеќе од еквивалентната добивка.
Инвеститорите донесуваат одлука главно врз основа на потенцијалната вредност на загубите и на добивките, притоа евалуацијата ја прават со примена на хевристики, па во ситуации кога треба да бираат меѓу опциите, повеќето ќе ја изберат опцијата која нуди помала (веројатност за) загуба.
Развојната невроекономија се обидува да ги измери различните физиолошки промени што настануваат како реакција на загубата и на добивката. Студиите откриле дека спроводливоста на кожата, дилацијата на зениците и отчукувањата на срцето се поголеми при монетарната загуба отколку при еквивалентната добивка.
Социопсихолошките истражувања посочуваат дека општествениот притисок има значително влијание врз индивидуалните проценки. Сè повеќе инвеститори купуваат или продаваат врз основа на поведението на толпата или по сугестија на врвните експерти. Една од причините е тоа што овој бихејвиористички феномен го намалува каењето поради сознанието дека не сте единствен што сте згрешиле во инвестицискиот потфат. Појавата на феноменот масовна психологија резултира со дополнителни и на кумулативна основа значајни зголемувања или намалувања на цените на пазарите, што може да биде сериозен извор на пазарни бумови и крахови.
Во оваа смисла може да се извлече заклучок дека состојбите на финансиските пазари и последователните финансиски ефекти во голема мера се детерминирани од фактот што на финансиските пазари не се присутни непасионирани, рационални, чисто само заинтересирани агенти, туку мултидимензионални и реални човечки суштества.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано