Финансии / Банкарство

Десет прашања и исто толку одговори за осигурувањето

Коста Спасески | aвторот е генерален советник за стратешко планирање и управување со квалитет во Агенцијата за супервизија на осигурување

Економија и бизнис | печатено издание | јуни 2022г.

Овој пат ќе се обидам да дадам мои одговори на следниве 10 прашања:

1. Што треба да се знае пред да се купи осигурување?
2. Каде може да се купи осигурување?
3. Колкаво да биде покритието?
4. Значењето на транспарентноста? Што треба да се знае пред купување
осигурување? Што треба да се знае во текот на траење на осигурувањето?
5. Зошто кадровскиот и техничкиот капацитет со кој располага едно друштво за осигурување е исто битен како барањата за одржување на солвентноста?
6. Што треба да се знае за осигурувањето на живот кое го продаваат банките и е поврзано со барањето за кредит?
7. Дали осигурувањето од катастрофални ризици како што се земјотрес и поплава се покриени со полисите за осигурување на имот и полисите за осигурување на живот?
8. Што е премија, а што е надоместок за претрпена штета настаната од ризик кој бил осигурен?
9. Зошто ризично базирана супервизија, а не супервизија базирана на формална проверка на усогласеност?
10. Дерегулација?

Па, да почнам.


1 Пред да купиме осигурување пожелно е да се запрашаме дали сме спремни да живееме со ризикот доколку немаме осигурување. Има ризици со кои можеме да се справиме. На пример, доколку земјоделската површина на која одгледуваме разни земјоделски култури е релативно мала и добро заштитена од ризици како град и мраз, извесно е дека нема да купиме осигурување од овие ризици. Од друга страна, пак, осигурувањето од автомобилска одговорност е задолжително така што мора да купиме осигурување доколку сакаме да возиме автомобил.

Осигурување може да се купи директно од вработен во канцеларија на некое од друштвата за осигурување или од осигурителен брокер, односно застапник во осигурување. Овие лица се лиценцирани за продажба на осигурување. Агенцијата за супервизија на осигурување води јавни регистри за сите лиценцирани субјекти на пазарот на осигурување.

Покритието треба да биде во висина на потребата. Кај имотните осигурувања пожелно е осигурената сума да биде во висина на фактичката (пазарната) вредност на имотот. Често осигурените суми на кои гласат полисите се набавните вредности без разлика што вистинската вредност е намалена од моментот кога е набавен имотот. Осигурените суми се основа за пресметка на премијата. Во ваков случај, доколку би настанал ризикот и претрпиме штета на имотот, се гледа процентот на оштетувањето и тој се множи со вистинската вредност, а не со набавната. Тогаш, најчесто, и настанува незадоволството кај клиентот, односно осигуреникот. Ретки се случаите кога друштвото за осигурување нуди можност, при склучување на договорот за осигурување, да му понуди на осигуреникот откуп на амортизацијата на имотот кој е предмет на осигурување. Во таков случај, набавната вредност е еднаква на вистинската вредност на осигурениот имот и нормално премијата која ќе треба да ја плати договарачот на осигурувањето е повисока.

Транспарентноста е барање кое се однесува на двете страни од договорот за осигурување. Друштвото за осигурување има обврска да го запознае договарачот на јасен и разбирлив начин за договарачот на осигурувањето, за условите на осигурување кои се применуваат на договорот. Тоа значи да му објасни кои ризици се покриени со осигурувањето; во кои случаи му следува надоместок по полисата за осигурување; како се пресметува надоместокот на кој има право договарачот во случаи кога ќе настане осигурениот ризик; дали има исклучоци; во што се состојат исклучоците; што значи франшизата, ако ја има. Договарачот на осигурувањето исто така има обврска да одговори точно на прашањата поставени од друштвото за осигурување, во спротивно договорот ќе биде ништовен. Кај осигурувањето на живот, на пример, пожелно е на потенцијалниот осигуреник да му се објасни дали има право на учество во добивката, како се пресметува и колку често ќе добива известувања за ова негово право. Понатаму, каква е даночната регулатива која се применува на неговите права кои произлегуваат од договорот за осигурување. Не е исто доколку при исплата на осигурената сума, во случај кога на осигуреникот му следува договорениот надомест на истек на осигурувањето, дали ќе му се задржи 1 000 евра персонален данок на доход или 100 евра. Ова зависи од начинот на кој се утврдува даночната основа кај овие договори. Не помалку битно е да му се објасни на осигуреникот како е направена пресметката за откуп и/или капитализација на полисата, особено кај осигурувањата на живот поврзани со вложувања во удели на инвестициски фондови. Дали на осигуреникот му е објаснето дека ако нема уплатено најмалку три годишни премии и побара раскинување на договорот за осигурување на живот нема право на поврат на уплатените средства, а доколку по третата година од склучување на договорот, па сè до истекот на осигурувањето го раскине договорот ќе добие помалку од тоа што вложил? Како друштвото за осигурување управува со можниот конфликт на интереси поврзано со претходното, во смисла што интересот на посредникот во осигурување е провизијата, а најголем дел од вкупната провизија на која има право ја заработува при склучување на договорот за осигурување на живот и при првата уплата на годишна премија.
Во врска со премијата што треба да ја плати осигуреникот: дел од премијата која осигуреникот ја плаќа на друштвото за осигурување, всушност, оди во други фондови, надвор од друштвото за осигурување. Така единиците за локална самоуправа имаат обврска да воспостават и да одржуваат противпожарни единици кои, меѓу останатото, се финансираат од дел од уплатените премии во друштвата за осигурување. Еден дел од вкупните финансии на Фондот за здравствено осигурување доаѓа од уплатените премии за осигурување, како и финансирањето на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и на Агенцијата за супервизија на осигурување. Што е со останатиот износ на премија која ја плаќа осигуреникот при склучување на договорот за осигурување? Најголем дел од овој износ служи за формирање на фондови, односно се вложува во ликвидни, нискоризични, но профитабилни пласмани како што се: државни обврзници, депозити во банки, инвестициски фондови, ликвидни акции и слично. Но, значаен дел од уплатените средства служат за финансирање на тековното работење на друштвата за осигурување, односно тековно се трошат за одржување на работењето и вршењето на основните функции на преземање на ризици во осигурување и сервисирање на штети.

5 Најголем процент од незадоволните осигуреници склучиле договори со солвентни компании, но незадоволството го искажале поради однесувањето на друштвото за осигурување, пред и за време на траење на договорниот однос. Особено при прием и обработка на барањата на осигурениците за надоместок на штета се битни кадровските и информатичко-техничките капацитети на осигурителите.

Кај осигурувањето на живот кое се склучува преку банка во врска со барање за кредит од банката и кое вообичаено покрива само ризик смрт во периодот на враќање на кредитот кон банката, постои можност покритието да се намалува како се приближуваме кон датумот на отплата на кредитот. Овие осигурувања на живот, по правило, се најевтини. Осигуреникот нема право на поврат на уплатените премии по завршување на договорниот однос. Овие договори за осигурување ги штитат банките од кредитен ризик, но и семејството на кредитобарателот во случај на смрт да остане без имотот стекнат со парите од земениот кредит.

Не, освен ако не се договори поинаку. Основниот пакет не ги вклучува овие ризици и треба да се побара од агентот или брокерот информација дали може да се прошири покритието со овие ризици и колку би чинело.

Често во жаргонот на земјоделците, и оние кои се бават со политики, се мешаат поимите премија со надоместок за претрпена штета. Премијата е паричен износ кој го плаќа договарачот на осигурување на друштвото за осигурување за купување на осигурително покритие. Надоместокот за претрпени штети настанати од осигурени ризици е паричен износ кој го плаќа друштвото за осигурување на осигуреникот, односно корисникот на осигурувањето.

Супервизијата на осигурувањето е заштитен механизам за осигурениците кој треба да обезбеди јавна доверба дека давателите на осигурителни услуги се лиценцирани и дејноста ја вршат согласно прописите кои се во сила, односно во најдобар интерес за осигурениците. Супервизија која не се базира на ризици применува ист интензитет и внимание на сите поединечни субјекти и настани на пазарот на осигурување со што всушност прави дискриминација, односно создава пристрасност. Ова е така бидејќи оние субјекти и настани кои се поризични и позначајни за финансиската стабилност, односно кои имаат поголемо пазарно учество и влијание, ќе бидат непропорционално малку контролирани споредено со субјектите кои се помали и кои имаат незначително мал обем на работење. Затоа ова треба што поскоро да се препознае во примарната регулатива и да се промени со цел ризично базираната супервизија да биде законско барање.

10 Да, во делот на едукацијата и на испитувањето на стручни лица актуари, осигурителни брокери и застапници во осигурување; континуираната едукација; професионалното здружување и контрола и известување за почитувањето на професионалниот кодекс. Професионално здружение на осигурители во рамките на постојното национално биро или надвор од него е повеќе од пожелно, и тоа веднаш. Ова е комплементарно на претходната точка во смисла на растоварување на супервизијата од голем број обврски кои одземаат време и ресурси на споредни активности и фокусирање кон клучните ризици и одговорности, овозможено преку лесен и брз премин кон ризично базирана супервизија.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано