Финансии / Банкарство

Извршниот одбор на ММФ одобри 406,87 милиони специјални права на влечење (SDR) (околу 530 милиони евра) од инструментот за претпазливост и ликвидност за Северна Македонија

23.11.2022г.

• Извршниот одбор на ММФ на 21 ноември одобри двегодишен аранжман за Северна Македонија во рамките на инструментот за претпазливост и ликвидност (PLL) во износ од 406,87 милиони специјални права на влечење (околу 530 милиони евра). Овој PLL аранжман ќе овозможи поддршка на политиките на властите за справување со економските последици предизвикани од два последователни глобални шокови – пандемијата со Ковид-19 и руската инвазија врз Украина.

• Одобрувањето на овој PLL аранжман овозможува непосредна исплата на 84,18 милиони специјални права на влечење (околу 110 милиони евра) по кои ќе следат уште 119,26 милиони специјални права на влечење (околу 155 милиони евра) кои ќе бидат на располагање по завршувањето на првиот преглед планиран за месец мај 2023 година. Властите имаат намера да повлекуваат од PLL аранжманот во текот на првата година.

• Северна Македонија се квалификува за PLL врз основа на своите здрави економски основи, силни рамки за институционални политики, историјат на добар економски перформанс и спроведување политики како и посветеност за одржување на таквите политики во иднина.

Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) на 21 ноември го одобри барањето на Северна Македонија за двегодишен аранжман во рамките на PLL за 406,87 милиони специјални права на влечење (290 проценти на квотата за Северна Македонија, еквивалентно на околу 530 милиони евра). Властите имаат намера да ги повлекуваат износите кои се на располагање во првата година од аранжманот (203,44 милиони специјални права на влечење или околу 265 милиони евра) додека износите кои ќе станат достапни во втората година од аранжманот ќе ги третираат како претпазливост. Северна Македонија беше погодена од два последователни глобални шокови. Додека се опоравуваше од пандемијата, изгледите повторно се влошија по руската инвазија врз Украина и наглото зголемување на светските цени на суровините. Имајќи ја предвид високата зависност од увоз на енергенси, потребата од надворешно финансирање се зголеми, а истовремено глобалните финансиски услови се затегнаа, со што се зголемија трошоците за финансирање на финансиските пазари. Приоритетите на политиките на властите во рамките на PLL аранжманот вклучуваат заштита на јавните финансии, намалување на енергетските субвенции и унапредување на енергетската ефикасност, истовремено заштитувајќи ги ранливите категории, справување со високата инфлација и одржување на финансиската стабилност. 2 Аранжманот ќе помогне да се задоволат потребите од надворешно финансирање во следните 12 месеци и ќе обезбеди осигурување против надолните ризици во следната година. PLL инструментот е воведен во 2011 година како пофлексибилен начин на задоволување на потребите од ликвидност на земјите членки кои имаат здрави економски основи и силен историјат на имплементација на политики, но со понекои преостанати ранливости. По дискусијата во рамките на Извршниот одбор, господинот Бо Ли, заменик генерален директор и претседавач, ја даде следнава изјава: “Пред да се случи пандемијата, здравата рамка на политики на Северна Македонија го поттикна цврстиот и широко-заснован раст, со умерен јавен долг и надворешни дефицити на тековната сметка. Сепак, макроекономската ситуација значително се влоши поради пандемијата и шокот кај цените на суровините кој се случи по руската инвазија врз Украина. Двегодишниот PLL аранжман во висина од 406,87 милиони специјални права на влечење (290 проценти од квотата за Северна Македонија, еквивалентно на околу 530 милиони евра) ќе ги поддржи политиките на властите и ќе ги зголеми девизните резерви, а исто така може да има улога и на катализатор во обезбедувањето на друго надворешно финансирање. „Северна Македонија се квалификува за PLL поради тоа што има здрави економски основи и институционални рамки на политики, и исто така имплементира - и има историјат на имплементирање - здрави политики, а останува и понатаму посветена на одржување на таквите политики. „Владата презеде активности за ограничување на фискалниот дефицит во 2022 година и за консолидирање на јавните финансии во 2023 година, истовремено заштитувајќи ги оние кои се најзасегнати од шоковите кај цените на суровините. Властите воведоа блок тарифи за електричната енергија и ги зголемија тарифите за електрична енергија со цел да го ублажат фискалното и надворешно влијание предизвикано од шокот. Тие се посветени на задржување од зголемувањето на бенефитите за плати и пензии, со оглед на ограничениот фискален простор и ризиците од инфлација. Со цел да се спречи задржувањето на високата инфлација, Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) ја затегнува монетарната политика. „Агендата за политики на властите според аранжманот се фокусира на континуирано намалување на дефицитот на среден рок, поткрепено со новововедените фискални правила. Тие ќе ги зголемат јавните инвестиции истовремено внимателно управувајќи со поврзаните фискални ризици. Во насока на намалување на фискалната и екстерна ранливост од ценовните шокови кај електричната енергија, властите планираат постепено укинување на нетаргетираните енергетски субвенции, а во исто време зајакнување на таргетираната поддршка за ранливите категории и подобрување на енергетската ефикасност. НБРСМ е посветена на продолжување со политиката на затегнување со цел да се справи со евентуална подолготрајна инфлаторна разлика со еврозоната. Овие политики би ги зајакнале фискалните бафери и бaферите на девизните резерви овозможувајќи ѝ на државата да излезе од PLL аранжманот кога истиот ќе заврши во 2024 година“.

ПРЕПОРАЧАНО