Општество
Колку Македонија и Македонците се „дигитални“?
Економија и бизнис | печатено издание | јули/август 2022г.
Македонија 2025 спроведе анализа на нивото на дигитализација и дигиталните вештини во Македонија. Целта на анализата е да се прикаже состојбата во Македонија во областа на дигиталните вештини и дигитализацијата како основа за дизајнирање соодветни мерки и политики за поттикнување на дигитализацијата
Вовед
Иднината е во дигитализацијата и дигиталните вештини. Секоја земја која има цел да биде главен играч во глобалната економија или се стреми да ги достигне водечките земји мора да се фокусира на дигитализацијата. Придобивките од целосно функционално дигитализирано општество се големи. Дигитализацијата им нуди на земјите во развој можност да направат голем скок и побрзо да ги достигнат развиените економии. Дигитализацијата на јавните услуги и употребата на ИКТ ја поддржуваат демократизацијата, транспарентноста и отчетноста на владите. Ова, заедно со проширувањето на широкопојасен пристап и имплементација на 5G-мрежи, може да доведе до зголемена дигитализација на општеството кое „не остава никого зад себе“.
Токму од овие причини Македонија 2025 спроведе анализа на нивото на дигитализација и дигиталните вештини во Македонија. Целта на анализата е да се прикаже состојбата во Македонија во областа на дигиталните вештини и дигитализацијата како основа за дизајнирање соодветни мерки и политики за поттикнување на дигитализацијата. Анализата се заснова на податоци достапни во оваа област од националните статистички извори (главно Државниот завод за статистика), статистичкиот систем на ЕУ − Евростат, како и дополнителни истражувања од голем обем. Ова е прва анализа од ваков тип подготвена за Македонија, која ги анализира податоците од сите достапни извори според солидни и споредливи методологии и нуди детални податоци засновани на различни карактеристики на граѓаните и на компаниите.
Податоците прикажани во прилог се мал дел од севкупната анализа. Тие покажуваат дека Македонија има долг пат пред себе за достигнување на повисоко ниво на дигитализација и тоа се однесува на сите актери во општеството: граѓаните, Владата и компаниите.

Основни податоци за дигитализација и дигитални вештини
Македонските граѓани значително заостануваат зад своите врсници од ЕУ во однос на дигиталните вештини, како и користењето на дигиталните вештини во секојдневниот живот и работа. Споредбените податоци покажуваат дека нивото на дигитални вештини на македонското население е релативно ниско. Поточно, податоците на Евростат покажуваат дека само 35 % од населението во 2021 година поседувало основно ниво или над основното ниво на дигитални вештини во однос на 54 % од населението во ЕУ - 27 (последни достапни податоци). Хрватска и Естонија се земјите со највисоко ниво на дигитализација, додека земјите од регионот (т.н. аспиранти и структурни врсници на Македонија) имаат пониско ниво на дигитални вештини во споредба со просекот на ЕУ. Во периодот од 2019 до 2021 година, процентот на Македонци со основно или над основно ниво на дигитални вештини се зголемил за 3 процентни поени (п. п.).
Податоците покажуваат дека ниту пристапот ниту достапноста до интернет и опрема не можат да го објаснат ниското ниво на дигитални вештини во Македонија. Имено, недостигот на дигитални вештини е примарно резултат на отсуство на програми за стекнување на дигитални вештини, на ниска побарувачка за такви програми (многу мал дел од возрасните посетуваат некоја форма на обука), како и недостаток на лична мотивација за унапредување на дигиталните вештини.
Понудата на услуги за е-влада е сè уште релативно ниска, но исто е случај и со користењето на тие услуги од страна на граѓаните. Ниската употреба на е-услуги од Владата е поврзано со ниското ниво на дигитални вештини и некои други фактори како што се недостатокот на доверба, безбедносни прашања итн. Во 2021 г., само 29 % од македонските граѓани користеле интернет за интеракција со државните институции, што е помалку од половина од просекот на ЕУ (63 %). Како што покажува графикон 2, 25 % од граѓаните користат интернет за да добијат некои информации од државните институции, само 13 % од граѓаните симнуваат потребни формулари од веб-страниците на институциите, а 15 % електронски доставуваат барања и формулари. Споредбената анализа покажува дека македонските граѓани малку го користат интернетот за пристап до е-услуги на Владата во однос на земјите од ЕУ, но и во однос на регионот каде што предничи Србија.
Во сегментот на компании, употребата на ИКТ е силно поврзана со големината на компанијата при што микро и малите компании во голема мера заостануваат зад големите и средните. Македонските бизниси чувствуваат притисок да бидат иновативни и конкурентни, но нивното целосно разбирање за потенцијалот на дигиталната трансформација е сè уште на ниско ниво. Една третина (34 %) од компаниите во Македонија во 2022 година се дигитално зрели компании, односно поседуваат технолошки и човечки капацитет да ги подобрат деловните процеси (дигитализирање на операциите) и да ги задоволат барањата на пазарот. Ова е зголемување на вкупната дигитална зрелост на македонските компании во 2021 година (28 %). Разликите во зрелоста на компаниите стануваат уште поочигледни кога податоците се набљудуваат според големината на компанијата. Сите големи компании се дигитално зрели (100 %), додека тоа е случај за само 23 % од микро компаниите (мала канцеларија/домашна канцеларија-SoHo). Сепак, ова е очигледно подобрување за сегментот SoHo од 14 % во 2021 година.
Ниското ниво на свесност на македонските компании за важноста на дигитализацијата резултира и со ниски вложувања во развој на дигитални вештини на вработените. Во 2020 година, 12 % од македонските компании обезбедиле ИКТ-обука за своите вработени, што е многу пониско од просекот на ЕУ од 20 %. Има големи разлики меѓу компаниите во Македонија во зависност од нивната големина. Додека 46 % од големите компании во 2020 година обезбедиле ИКТ-обука за своите вработени, тоа било случај со само 22 % од микро и 10 % од малите компании.

Заклучок
Анализата погоре (но и целосната анализа на оваа тема) покажува дека Македонија и Македонците се на ниско ниво на дигитализација. Причините за тоа не лежат во проблеми со пристап до интернет или скапи дигитални алатки, туку најчесто во недостиг на желба и на мотивација за учење (граѓани) и осовременување на работата (фирми), ниска свесност за предностите на дигитализацијата (раст на продуктивност, ефикасност, повисоки плати и поголеми профити), но и недостиг на поцврста владина иницијатива и улога во оваа област.
Врз основа на наодите, студијата предлага конкретни мерки и активности за унапредување на дигитализацијата и дигиталните вештини на македонските бизниси и население. Некои од препораките (за компаниите) се: 6 − 12 месеци бесплатни дигитални услуги (или субвенционирани) за микро фирми, формирање владин фонд за кофинансирање обуки за дигитални вештини, даночни олеснувања и стимулации кои би ги поттикнале вработените да се оспособат или доквалификуваат во насока на дигитални вештини итн. За граѓаните се предлагаат мерки како што се: стекнување на задолжително минимално ниво на дигитални вештини за студентите, воспоставување национална рамка за дигитални вештини, обука на невработени лица за дигитални вештини за поддршка на нивното (повторно) вработување. За успешно спроведување на препораките потребно е да се ангажираат многу актери во Владата, граѓанскиот и приватниот сектор.