Општество
Георгиев: Достоинството и нацијата
Гордан Георгиев | aвторот е политиколог
Економија и бизнис | печатено издание | септември 2022г.
Големите сакаат да бидат третирани со почит, а малите сакаат да им се признае достоинството. Тука кодовите на однесување се јасни и генерално се почитуваат, особено од страна на демократските држави: големите треба да покажат понизност и почит кон помалите, а малите бараат само едно: да бидат почитувани и да не се понижувани. Достоинството и признавањето на правото на достоинство ни влегоа на голема врата на почетокот на 21 век. Политиката на идентитети го распарчи на ситни парчиња огледалото во кое самозаљубено се гледаа либералните демократии од времето кога доаѓаше крајот на историјата. Левите и десните различно, сосема различно ја сфаќаат борбата за идентитетски политики. Поедноставено, речиси непримерно поедноставено, тоа изгледа вака: левите се концентрираат на поединецот и евентуално на идентитетските групи кои се директна сума на поединци (слобода на говор, општа еманципација од сè, ЛГБТ-права, социјални права, мигранти, други малцински права), додека десницата се фокусира на нацијата и на националниот/етничкиот идентитет со сето она што го вклучува оваа црна кутија.
Во светот во кој живееме и кој привремено отиде во бестрага барајќи и бранејќи идентитетски политики од најлев до најдесен спектар, полека се враќаме во стариот (добар!?!) свет на доминација на нациите, редовно спакувани во држави, во кој сите се исти и сите треба да бидат третирани исто. Впрочем, тоа е основниот принцип на Обединетите нации, токму затоа и се обединија, за да еманираат истост со тоа де факто покривајќи ја огромната асиметрија меѓу моќните и помалку моќните. Со еден збор, моќните се љубезни и емпатични, малите и немоќните се горди и достоинствени. Секако, без да елаборирам понатаму познати работи од денешниот свет на реал политика, сите ние (и големите и малите) разбираме дека ова е една совршена мимикрија во која и едните и другите ги глумиме своите улоги. Но, тоа е единствениот (досега познат) начин да се одржи каков таков баланс во меѓународните односи. А кога ќе се прекрши тој баланс, секако на сцена излегуваат мускулите. Овој принцип е особено важен за либералните демократии поврзани и автолегитимирани преку концептот на западна цивилизација. Токму за либералните демократии најважна беше тезата дека демократија со демократија никогаш не одат во војна, толку многу и толку често аргументирана низ аулите на американските универзитети и низ лабораториите за креирање надворешна политика. Ние, во Македонија, така и се деклариравме на почетокот на деведесеттите години: сакаме да бидеме (либерална) демократија, да го почитуваме светскиот поредок во кој ќе бидеме третирани како еднакви и да ги задржиме нужните зрнца на достоинство во поведението кон останатите. Она што следуваше секако дека не беше тоа, но на малите само тоа и им останува. Прелетувајќи набрзина низ годините на нашата независност, се враќаме во иднината, денешната наша иднина.
Па зошто толку боли, докторе? – гласно се прашува Македонија. Да, болеше и Лисабонската декларација (кога цела Европа здружно и здушно ни рече дека може да постоиме, ама не како Македонија!), и менувањето на знамето, и односот на Милошевиќ кон нас, и сознанието дека достоинството кое ние го бараме мораме да го овозможиме и на оние кои не се „ние“, а живеат кај нас и со право го сметаат ова парче земја и за свое (Охридски договор), и договорот од Преспа (ќе постоите, ама под тие и тие услови), за конечно да дојдеме до најболното, до нашето и заедничкото, споделеното и несподеливото... до последната разврска со Бугарија.
Сите овие настани и пресвртници во нашата кратка историја на независност се поврзани со достоинството на нацијата. Достоинството е апстрактна категорија, но таа не е хтонски израсток на телото на нацијата, како што милува да го дезавуира левицата. Впрочем, целата политичка и идентитетска борба на денешната левица (во идеолошка, не во партиска смисла) се сосредоточува на препознавање и признавање на различностите на поединецот и на групите, т. е. на правото на достоинствен третман. Тоа што за левицата нацијата не е „група“ достојна за почит е проблем на левицата, а не на нацијата. Во денешна Македонија, обременета со теми од 19 век, тешко може да се аргументира дека радикално еманципирана позиција на поединецот визави нацијата ќе може да ни помогне. Бидејќи теренот е нерамен и нерамноправен, и токму затоа изгледаат бесмислено дебатите во рамките на фамозната историска комисија во која нашите инсистираат на мултиперспективност, а нивните се вкотвени во униперспективност. Па тука нема простор за прогрес бидејќи едните со другите не се разбираат или не сакаат да се разберат. Гледано строго прагматично, и да, тесно национално, на Македонија ѝ одговара современиот пристап на мултиперспективност, но на Бугарија ѝ одговара обратниот принцип.
Во тет а тет разговори, под прифатено од наша страна покровителство на Европската Унија, Бугарија е посилна, та тоа всушност на сите им е јасно. Со протоколот со Бугарија, и целата приказна за врамување на нашиот европски пат, замката е поставена и веќе не може да се излезе од неа. Замката е во рамката. Но, излегувањето од рамката не е излегување од замката. Напротив. Излегувајќи од рамката, Македонија ќе мора по своја волја, значи унилатерално, да го запре проширувањето и да го запре почетокот на преговорите. Речиси сите се согласуваме дека преговорите се (килаво) почнати, но еднакво стравуваме и дека ваквиот почеток на преговори може да нема крај. Впрочем, случајот Македонија претставува невиден преседан во европските интеграции, па и општо во поведенијата на државите кога комуницираат со други држави, дури и кога има евидентна асиметричност меѓу два субјекти, т. е. кога едниот чука на вратата, а другиот е внатре на топло. И така се доведуваме во ситуација целиот товар да паѓа на плеќите на историската комисија на чии членови треба да им веруваме дека достојно ќе го зачуваат нашето достоинство. Моето мислење е дека членовите на историската комисија до сега не ни дадоа причина да сметаме дека политички кокетираат и дека браната ќе попушти. Но, со почетокот на преговорите и самата комисија е во замка бидејќи сега ЕУ-интеграцијата на државата ќе зависи од седуммина историчари (неизбрани на избори, а скапо платени!, така ќе оди мантрата) и токму тука ќе биде суштината на притисокот. Тој притисок може да биде неиздржлив веќе на првата посериозна кривина. Може да има оставки, блокади или целосна декомпозиција на комисијата. Вакво сценарио дополнително ќе нè парализира во нужната потрага по нашата историска вистина (ќе бидеме сите пристрасни, гневни и неподготвени за нови сознанија), а токму таа ревизија на историјата мораме да ја направиме поради нас самите! И тоа многу ќе боли, ама мораме ако сакаме да се еманципираме од самите себеси.
Од друга страна, гласањето против промена на Уставот (значи против внесување на Хрватите, на Црногорците, на Евреите, и да, на Бугарите) нема да може политички никако да се оправда, дури и ако аргументацијата оди на линија дека непромената на Уставот понатаму ќе овозможи ревизија на рамката или одвојување на протоколот од рамката. Ваквата аргументација и поведение, во сегашниов контекст на (килаво) почнати преговори, реално ќе биде протолкувано како дупло „не“ против преговори со ЕУ и против малцинства во Уставот!
Наспроти сето ова, или поточно речено поради сето ова, во ваква констелација ние ниту имаме ниту ќе имаме затоплување на односите со Бугарија. Практично, единствениот пат кога реално (веројатно и суштински, на ниво на две општества) комунициравме со Бугарите и притоа се запознававме меѓусебно беше последниве неколку години до пред нашето официјално започнување на преговорите. Дури и отровните стрели кои меѓусебно си ги испраќавме беа во функција на таквото запознавање кое долгорочно можеше да донесе некаков прогрес. Но, денес ние сме на најниско ниво на односи со Бугарија од 1991 година. Бидејќи сега немаме односи, изнудените насмевки на средбите низ бриселските ходници никако не можат да го покријат студениот мраз кој ги обвива двете општества. Нема телефонски разговори, крајно проретчените средби се бесмислено протоколарни само затоа што мора да ги има за да се одржува привидот на соработка на европскиот пат. Сето ова не е добро, а големо прашање е дали патоказов кој го голтаме сега ќе може да ги затопли односите во иднина. Јас не пишувам со емоција, емоцијата како последно прибежиште ја напуштив уште кога се менуваше името. Се трудам да бидам конструктивен (иако се чувствувам измамено, и да, со нарушено достоинство!) и да се обидам да видам дали има добар начин да се реши ова, дали има изгледна цел целава работа и дали би можеле да се движиме кон таа цел. Во моментов не го гледам тоа, искрено. Можеби кога ќе почнеме со преговори ќе се наполнат хотелите со европски експерти за сè и сешто, можеби ќе се придвижат некои работи. Ќе видиме, можеби ќе дочекаме и силен удар врз корупцијата и големи потреси и прекројувања на политичката сцена на тоа поле, иако мислам дека тоа ќе биде американска работа. Секако ќе влезат некакви пари и фондови кои можеби ќе нè вратат во реалноста и ќе нè омамат да не мислиме на минатото. Од сето погоре наведено, единствената работа што ми изгледа патриотска и поврзана со достоинството е темелната пресметка со корупцијата бидејќи корупцијата е супстратот кој нè спречува да одиме напред, би рекол достоинствено напред. Само таа борба би ми изгледала доволно тешка на кантарот кој мери „поврат на достоинство“. А нашата историја, нашето минато? Па, минатото ќе ја почека иднината...