Општество

Завршен е системот за наводнување „Славишко поле“

26.08.2022г.

Во недела, 28 август 2022 година, во 13:40 часот, во село Псача, Феручо Бого, Вршител на должност во Делегацијата на Европската Унија, заедно со Премиерот Димитар Ковачевски и Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, ќе го одбележат завршувањето на изградбата на малиот нискотрошовен систем за наводнување  „Славишко поле“ во Општина Ранковце, финансирана со помош на фондовите на Европската Унија.

Системот за наводнување во Славишко поле, финансиран од Европската Унија, вклучува изградба на нова бетонска структура за пренасочување на Крива Река (со контролни брани, премин за риби, таложник за тиња), регулација на речното корито и мрежа за наводнување во должина од 20,5 км во обработлива земјоделска област од 242 ха. Помошта од ЕУ ги заменува претходните примитивни практики за наводнување и воведува современ, нискотрошковен и еколошки систем за наводнување преку затворени подземни цевки што се под притисок на гравитацијата.

Директни корисници на оваа европска помош е заедницата од околу 250 земјоделци од селата Псача, Петралица и Гиновци. Сепак, новиот систем ќе им служи на сите земјоделци, дури и оние кои се наоѓаат надвор од речниот слив.

Достапноста на квалитетна вода и ефикасната употреба на водните ресурси сега им овозможува на земјоделците да се пренасочат на попродуктивни култури и да го зголемат приносот, а на тој начин нивните приходи стануваат поодржливи.   

Досега, ЕУ помогнала со 6,1 милион евра за изградба на 5 мали системи за наводнување во Северна Македонија. Дополнителни 3,6 милиони евра се достапни за уште 2 вакви системи, со што вкупниот износ на европската помош во секторот за наводнување изнесува приближно 10 милиони евра.    

 

ПРЕПОРАЧАНО