Општество
Поповски: Дали доаѓа балканизација на глобализацијата?
Љупчо Поповски
Авторот е новинар
Војната во Украина и пред тоа ковидот покажаа дека големата либерална визија за глобализацијата што ја обединува планетата под единствен економски и на крајот единствен политички систем, се покажа како митолошката химера.
На 24 март, Лари Финк, извршен директор и претседател на најголемата инвестициска компанија која управува со имот, „Блек рок“, им испрати писмо на акционерите на компанијата предупредувајќи дека доаѓаат темни денови за светската економија, сигнализирајќи дека инфлацијата е особено загрижувачка.
Финк предвиде дека војната ќе ги принуди земјите да го преиспитаат степенот до кој нивните економии се меѓусебно зависни едни од други. Исто така може да ги поттикне економиите да развијат поголема зависност од локалното производство.
„Руската агресија во Украина и нејзиното последователно одвојување од глобалната економија ќе ги поттикне компаниите и владите во светот да ги преиспитаат нивните зависности и повторно да ги анализираат нивните места за производството и склопувањето − нешто што поттикна многумина да почнат да го прават кога се јави ковидот“, напиша тој.
Финк рече дека санкциите против Русија се еднакви на „економска војна“ против Москва и рече дека компанијата ќе направи напори да предвиди како кризата што се развива ќе влијае на инвеститорите.
Портфолиото на „Блек рок“ вклучува средства во вкупна вредност од околу 10 билиони долари. Финк во своето писмо напиша дека компанијата го суспендираше секое купување на руски акции. Тој рече дека руската војна во Украина претставува пресвртница во децениите откако Москва беше донесена на светските пазари на капитал благодарение на порастот на глобализацијата.
Моќта на глобалните пазари
„Останувам долгорочен верник во придобивките од глобализацијата и моќта на глобалните пазари на капитал“, напиша Финк. „Пристапот до глобалниот капитал им овозможува на компаниите да финансираат раст, земјите да го зголемат економскиот развој и повеќе луѓе да искусат финансиска благосостојба.“
Финк се пожали дека инвазијата е најновата манифестација на глобалните превирања поради кои повеќе луѓе ги прифаќаат авторитаризмот и политичките поделби.
„Блек рок“ можеби не е доволно позната компанија во македонската јавност, но таа е во самиот светски врв на инвестициите и управувањето со средства. Финк не ги пишуваше напразно овие зборови до акционерите на компанијата. Во март компанијата загуби 17 милијарди долари на нивните руски хартии од вредност. Тоа значи само пет недели од почетокот на руската инвазија на Украина. Брзите и широки санкции на Западот оставија огромно мнозинство од руските средства осамени на чистина со неможност да се продадат, па „Блек рок“ не можеше да направи ништо друго освен да ја намали нивната вредност.
Еден месец подоцна Лари Финк во разговор со аналитичари, кој го пренесе „Фајненшел тајмс“, остана на предупредувањето од март, но соопшти друг развој во глобалната економија. Ако тоа веќе може да се нарече глобална економија. „Инвестицискиот бум“ е во тек бидејќи војната во Украина ги принудува земјите да ја преиспитаат нивната енергетска зависност и да ја забрзаат транзицијата кон позелени извори на енергија, рече Финк. Тој укажа дека војната во Украина е значајна и долгорочна можност за инвеститорите да инвестираат во инфраструктура, обновливи извори на енергија и чиста технологија. Според него, војната „ќе ја забрза транзицијата кон позелени извори на енергија во многу делови од светот на долг рок. Тоа ќе биде одлична можност и инвестиција која ќе трае неколку години“, рече тој.
На прв поглед овие негови оценки изгледаат контрадикторни. Но, изгледа тоа е само на прв поглед. Големите држави, очигледно, не се откажуваат од глобализацијата, но се пренасочуваат кон националните економии и тоа во исклучително кусо време. Транзицијата кон позелена енергија секако се врши во рамките на една држава, а не како глобални енергетски ресурси.
Ова е предупредувањето на еден од најважните директори во глобалниот корпоративен свет. Луѓето од науката, светски познатите економисти, имаат слични предупредувања, иако тие се повеќе научни отколку егзактни како оние од бизнисот. Многу од нив најавуваат своевидна балканизација на глобализацијата, сакајќи со тоа да направат метафора за вртењето на економиите кон самите себе.
Многу економисти сакаат да прават историски аналогии со слични ситуации кога доаѓало до драматични пресврти во економијата за да може да предвидат што ќе се случува. Некои сега го споредуваат ова време со годините на стагфлација од 70-тите години на минатиот век. Некои велат дека сегашната спирална инфалција не може да се споредува со 1979/80 година и дека ќе биде полесно да ѝ се стави крај.
Познатиот нобеловец по економија Пол Кругман вели дека има големи причини за загриженост, дека ќе видиме економско повторување на 1914 година – годината кога заврши она што економистите го нарекуваат „првиот бран на глобализацијата“. Сега можеби глобализацијата има поинакво значење поради технолошката инстантна поврзаност на секој дел од светот, масивните патувања, релокациите на фабриките, фасцинантната трговска размена. Таа прва глобализација беше поттикната од железницата, парните бродови и телеграфските кабли, што овозможи невиден развој на трговската размена.
Каде ја прави аналогијата Кругман? Во својот текст за „Њујорк тајмс“ нобеловецот го пишува и ова:
„Во својата книга ’Економските последици од мирот‘ од 1919 година, Џон Мајнард Кејнз − кој подоцна ќе нè научи како да ги разбереме депресиите − се жалеше за она што го виде, правилно, како крај на една ера, ’извонредна епизода во економскиот напредок на човекот‘. „Во пресрет на Првата светска војна“, напиша тој, „еден жител на Лондон можел лесно да ги нарача ’различните производи од целата земја, во толкаво количество колку што му одговара, и разумно да очекува нивна рана испорака на својот праг‘.
Но, тоа не траеше благодарение на ’проектите и политиката на милитаризмот и империјализмот, на расните и културните ривалства‘.“ Звучи познато?
Кејнз беше во право кога ја гледаше Првата светска војна како крај на една ера за глобалната економија. Да земеме еден јасно релевантен пример, во 1913 година Руската Империја беше огромен извозник на пченица; ќе поминат три генерации пред некои од поранешните републики на Советскиот Сојуз да ја обноват таа улога. И вториот бран на глобализација, со нејзините синџири на снабдување кои се протегаат низ светот, овозможени со контејнерски превоз и телекомуникации, навистина започна дури околу 1990 година.
Значи, дали ќе видиме втора деглобализација? Одговорот, веројатно, е да. И иако имаше важни негативни страни на глобализацијата каква што ја знаевме, ќе има уште поостри последици ако, како што јас и многу други стравуваме, видиме значително враќање назад во светската трговија.
Инвазијата на Владимир Путин на Украина му стави крај на извозот на пченица од таа земја. Кој може да знае колку пченица ќе биде ожнеана ова лето ако војната трае и наредните пет-шест месеци? Со санкциите спрема Русија веројатно ќе биде прекинат и голем дел од нејзината продажба. Европа во првиот месец не сакаше да го намали увозот на нафта и природен гас од Русија затоа што сама, без да внимава на долгорочните последици и мислејќи само на профитот, дозволи да стане зависна. Сега полека го покренува механизмот да се ослободи од таа зависност, но тоа ќе трае долго за нејзините економии да не претрпат огромни штети. Да не зборуваме за клучните автомобилски делови што се произведуваат во Украина за сите европски производители.
Шок-терапија за неолибералите
Друг исто така многу познат економист, нобеловецот Џозеф Штиглиц, вели дека руската инвазија е шок-терапија за неолибералите. Оваа војна, заедно со пандемијата на ковидот, со изборот на Доналд Трамп и со вртењето на Америка кон протекционизмот и национализмот, предизвикаа енормни макроекономски консеквенции. Големата финансиска криза во 2008 година година беше предизвикана од банкротот на само една банка, Леман брадрс, која го доведе речиси до колапс целиот светски финансиски систем.
Според Штиглиц, неолибералните „правила на игра“ ги отежнаа интервенциите за подобрување на отпорноста на економиите. „Неолиберализмот е заснован на фантастичната визија на рационалните фирми кои сакаат да го максимизираат својот долгорочен профит во контекст на совршено ефикасни пазари. Под режимот на неолибералната глобализација, фирмите треба да купуваат од најевтиниот извор, а доколку поединечните фирми не успеат соодветно да го земат предвид ризикот да бидат зависни од рускиот гас, владите не треба да интервенираат“, вели Штиглиц и нагласува дека сега се жнеат плодовите на овие погрешни претпоставки.
Сега доаѓа клучното прашање на кое треба да се одговори – дали глобалните и националните компании повеќе мислеа на безбедноста на профитите или безбедноста на економиите. По овој силен удар на војната во Европа, чии бранови ги допираат и Кина, и Јапонија, и Австралија, и Америка, сигурно владите, економистите и бизнисот ќе почнат да ја преиспитуваат глобализацијата и нејзините правила. Ортодоксноста при размислувањето главно на профитите се враќа како бумеранг. За само 20 години во овој век имаше три големи шокови за економијата. Прашање е дали внимателно ќе се проучат лекциите од тие шокови.
Јасно е дека без оглед колку се ова тешки и свежи лекции, дека и глобализацијата има свои граници − тоа нема да значи нејзин крај, туку само преобликување во кое повеќе ќе се мисли на националните политики. Но, во секој случај, големата либерална визија за глобализацијата што ја обединува планетата под единствен економски и на крајот единствен политички систем, се покажа како митолошката химера.
(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2022г.)