Општество

Тилев: И повторно, да се биде или не...

Драган Тилев

Авторот е државен советник за европски прашања

Две и пол децении Македонија и многумина од нас со своите животни и професионални кариери во процесот на европска интеграција сме предизвикани со прашањето ќе нè биде или не, ќе почнеме пристапни преговори или не, ќе станеме некогаш рамноправна членка на тоа елитно друштво или не. И токму кога ќе помислиме дека сме тука на крајот до почетокот (на пристапните преговори) ќе се изроди некој нов проблем, препрека и ќе го одложи одговорот на нашата дилема, дел поради нас самите или поради нашата спора реакција или поради отсуство на акција, но добар дел и поради дезориентацијата и неодлучноста на Унијата и нејзините лидери, особено последнава деценија кога Унијата се соочува со ред кризи без преседан во својата не толку долга историја.

Прва жртва на кризите со кои се соочи Унијата (финансиска, мигрантска, пандемиска, геополитичка, безбедносна) беше и сè уште е процесот на проширување. Некогаш најуспешната политика на Европската Унија се заглави во лавиринтот на многуте приоритети и застана на критичната точка токму кога се одлучуваше дали Европската Унија може да биде глобален играч и дали ќе ја факторизира и политички својата економска моќ. Западниот Балкан уште еднаш во европската историја ја отвори хамлетовската дилема да се биде или не... („to be or not to be...“). Процесот на проширување во меѓувреме еродираше и од големиот оптимизам од Загреб 2000 година и Солун 2003 година се стопи во едвај препознатлива позитивна порака во Брдо 2021 година. Иако сите земји од Западниот Балкан јасно, а некои од нив и недвосмислено ја изразија својата евроатлантска аспирација, Унијата или некои земји членки покажаа неодлучност и двоумење што на некој начин беше покана за трети земји и глобални аспиранти да ги покажат своите вистински и не толку миротворни намери кои ги имаат кон овие простори наназад столетија. Верувам дека на сите им е јасно дека инвазијата на Украина не е крај на аспирациите на Русија, а може да биде и претекст за зголемена агресивност на Кина во просторите кои таа ги смета за сфера на своето влијание.

Во нашиов случај, неколку децении беа под товарот на спорот за нашето име, потоа дилемите за тоа дали прво ќе се реформира Унијата пред да се проширува, па дилемата под кои критериуми ќе се примаат новите членки на Унијата (новата методологија), па блокада инспирирана од историски и идентитетски прашања за сега да се лансира и новата идеја за Европска политичка заедница (од претседателот Макрон) или Европска (гео)политичка заедница (од претседателот на Унијата Мишел). Свесни сме дека светот неминовно се менува и не нè чека нас да ги разрешиме нашите билатерални или внатрешни дилеми како што не ја чека ниту Унијата да се консолидира во своите геополитички аспирации. Времето неминовно си врви и си ги исцртува своите граници движејќи се по својата бинарна траекторија, да се биде или не... (to be or not to be...). Само оние кои се способни да ги следат промените и да се прилагодат имаат добра стартна позиција. За продолжување на трката, покрај стартната позиција, се потребни и многу други нешта, а за успешен исход е неопходна и висока доза на упорност и истрајност.

Токму така, по малку и со филозофска нота, го читав и се обидувам сè уште да ги разберам говорот и кодираните пораки од 9 мај во Европскиот парламент во Стразбург на, според мене, интелектуално супериорниот старо-нов претседател на Франција г. Макрон. Не мора секогаш да се согласите со сè што ќе изјави, но мора длабоко да го респектирате секој збор бидејќи ниедна буква не оди напразно, секоја има свое значење. Признавам дека секој негов говор и политички настап во еден круг на познавачи на европските процеси, па и кај мене, предизвикува бура на размислување и провоцира спротивставени дебати, зависи кој каков агол заземал при регистрирањето на неговите пораки. Треба малку време за неговите идеи да „легнат“ за да се направи обид да се разберат, а и тогаш не сте сосема сигурни дека сте ја разбрале пораката до крај, оти таа трае, ферментира и трага по одговорот на јавноста.

Многу директни и скриени пораки имаше во говорот на претседателот Макрон од 9 мај, почнувајќи од паралелите со ставовите на Роберт Шуман за потребата од креативни напори пропорционални со опасностите со кои се соочуваме во нашево време, преку повикот за сите да работат заедно за градењето на Европа за денес и за во иднина, до клучните пораки за независност (на Унијата) и ефективност, вклучително и промени на Основачкиот договор со цел да се обезбедат простор и механизми Европа да биде доволно силна и самостојна за да одлучува самата за себе. Но, секако она што го запали нашето внимание беше идејата за „Европска политичка заедница“ поврзана со политиката за диференцијација, Европа во различни брзини, до констатацијата дека целосна европска интеграција не мора да биде одговор на сите прашања и политички амбиции за структурирање на иднината на европскиот континент. Клучните пораки им беа упатени на земјите членки на Унијата, некои од овие идеи и дилеми се однесуваа на новите апликанти за членство (Украина, Молдавија и Грузија), а во некои од пораките се прочитавме и ние, земјите од Западниот Балкан. Рака на срце, претседателот Макрон направи јасна дистинкција за земјите од Западниот Балкан и нивната зацртана траекторија за европска иднина низ процесот на пристапување (односно пристапни преговори), што охрабрува, но дилемите за иднината на Европската Унија и нејзиното источно крило остануваат отворени.

Многу пати до сега сум изјавил и напишал дека нашата единствена опција е и треба да остане полноправно членство во Европската Унија затоа што тоа е аманетот на неколку генерации и затоа што политички консензус е постигнат по тоа прашање речиси од нашето осамостојување, односно од поднесувањето на нашата апликација за полноправно членство во Унијата во 2004 година. Сè додека Европската Унија стои на ставот дека вратата за членство во Унијата за нас е отворена, наша обврска е со сите можни средства да се обидеме да ги исполниме предусловите и да станеме полноправна членка. Се разбира, со целосно и зрело разбирање дека глобалните односи се менуваат, Унијата се менува, а наша обврска е да се прилагодуваме на тие промени не отстапувајќи од крајната цел. Интересите се трајни, а задача на секој политичар, дипломат, државен службеник и секој граѓанин е да застане зад нашите државни интереси и да стори секој сè што може да ги заштитиме тие интереси и да ги реализираме нашите стратешки цели.

Географски сме таму каде што сме, во Европа, историски споделуваме исти победи и порази, општествено почитуваме исти вредности, економски сме длабоко и неразделно поврзани, политички сме исправени пред исти заеднички предизвици кои успешно ги пресретнуваме и геополитички се стремиме кон иста цел, креирање на простор на мир, просперитет и солидарност, евроатлантска синергија како членки во ЕУ и НАТО. Ако е така и ако сите искрено веруваме во овие факти, не би требало да има ниту вештачки да креираме дополнителни критериуми, фази, скалила, етапи и слично на патот кон полноправно членство во Унијата. Лично се противам и не поддржувам идеи за фазно приклучување кон ЕУ. Се разбира, низ пристапните преговори ќе се интегрираме во сите ЕУ-политики постепено, но со една цел, полноправно и рамноправно членство во ЕУ. Секој предлог кој доаѓа од која било страна, а сугерира наши односи со ЕУ на пониско ниво од полноправно членство, би можело да се третира како потценување. Кога велам дека за нас нема друга алтернатива освен полноправно членство во ЕУ мислам на наше прифаќање како рамноправни партнери, еднакви со сите други.

Геополитичките интереси на ЕУ се јасни и сосема разбирливи, но бараме и очекуваме разбирање и за нашите геополитички и стратешки интереси во чија реализација, покрај европските фондови, и ние вложивме многу, и време и енергија и наши финансиски средства. Процесот е двостран, но за да биде и успешен мора да биде јасно детерминиран и со правила (новата методологија) и со временска рамка (предвидливост и остварливост).

Во тој контекст, кога ќе слушнете од лидерите на земјите од Западен Балкан дисонантни, па дури и спротивставени тонови за идејата или иницијативата за Отворен Балкан, ве уверувам дека тоа не е поради нашата загриженост од отворениот Балкан. Ние сме доволно зрели за да разбереме дека тоа е добро за сите, но сме доволно и созреани да го осетиме отпорот кај европските лидери за наш прием во семејството и опасноста да нè „затворат“ во отворениот Балкан. Ние не се плашиме од отвореноста на нашиот регион, туку нашите граѓани се плашат за својата перспектива, се плашат од неизвесноста која ни се сервира од време на време како тест за нашата издржливост и одржливост. Тоа е основната причина и за масовното заминување на младите од регионот и од Северна Македонија − во потрага по сигурност и предвидливост. Се надевам дека европските лидери тоа го имаат веќе разбрано.

Сè додека членството во Европската Унија е наша желба и стратешка определба, тоа значи дека магнетната моќ на Унијата е висока и нејзината геополитичка гравитациска сила е доминантна. Во оној момент кога Унијата ќе ги замагли своите намери за наш прием во семејството преку предлози за нови форми на европска геополитичка интеграција, нејзината привлечност ќе почне да венее, а нашите опции за геополитички избор ќе станат неизвесни. Процесот има две страни и само кога двете страни го сакаат истиот исход, тој може да биде успешен, долгорочен и неповратен. Тоа е нашата определба, тоа е нашата цел, но дали е тоа и цел на Унијата и на сите нејзини членки?

Искреноста и довербата се трајниот темел на кој се гради долгорочно стратешко партнерство, а геополитичките интереси се остварливи само ако сите засегнати страни доброволно и солидарно се вклучени во поставувањето на тој темел. Географијата никој не може да ја промени, но интересите и политичките одлуки се тие кои ја дефинираат геополитичката карта.

Компромис како состојба на умот наместо конфликт, почит кон соседите наместо презир, прифаќање на различностите наместо негирање на правото на самоопределба, тоа е единствената и универзална формула за соживот на Балканот и пошироко. Израснавме како зрела самостојна држава, матица на македонскиот народ со македонски јазик и сите други делови од други народи со своите културни посебности кои рамноправно го споделуваат државниот суверенитет и интегритет со нас. Членка сме на НАТО, територијално непредизвикана од никого, без какви било гранични спорови, мултинационална и мултиконфесионална, а конечно по многу децении и со автокефална црква.

Убав пример за тоа што сè се може кога навистина се сака и се верува во целта, држава со огромен потенцијал за успешна приказна во најневралгичниот географски простор на европскиот континент. Ако некој сè уште се прашува што е тоа што ние вака малечки и скромни можеме да ѝ дадеме или да ѝ додадеме на Европа, тоа е токму тоа − „обединети во различностите“ на ова мало парче земја. Компромис како состојба на умот наместо конфликт, почит кон соседите наместо презир, прифаќање на различностите наместо негирање на правото на самоопределба, тоа е единствената и универзална формула за соживот на Балканот и пошироко.

И уште нешто. Одвојувањето на Северна Македонија од Албанија во пристапниот процес е непостоечка дилема. Ние сме две пријателски, но посебни самостојни, суверени територијално делинеирани држави со свои специфики од секој аспект. Имаме иста стратешка цел, членки сме во НАТО и сакаме да бидеме членки во ЕУ. Ние сме многу подолго и понапред во процесот и требаше одамна да ги почнеме преговорите доколку се работеше за техничка одлука. Но, одлуката е политичка и затоа одвојувањето би имало непријатни политички последици за нас, но и за ЕУ и за регионот. Преговорите треба, поради политичките констелации, да ги започнеме заедно, а потоа секоја земја во реформите ќе си се движи одвоено според своите способности и капацитети.


(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2022г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО