Општество

Помеѓу златно доба и заборав

Ѓорѓи Јаневски

Авторот е културен работник

Краток разговор со Иван Ивановски, куратор на проектот „50 години македонски анимиран филм“


Оваа година се навршуваат точно 50 години од „Ембрио №. M“ на Петар Глигоровски, првиот македонски анимиран филм.

„Додека студирав вајарство започнав да се занимавам со анимиран филм, како некаква креативна екстензија на скулптурата. Тогаш не знаев, веројатно и немав од каде да дознаам, за историјата на македонскиот анимиран филм. Дипломирав на тема анимиран филм, а бев свесен дека многу малку знам за она што било пред мене.“

Токму во ова формативно искуство на ликовниот уметник и филмски аниматор Иван Ивановски можеме да ги лоцираме никулците на обемниот истражувачки проект „50 години македонски анимиран филм“ кој беше претставен и промовиран минатиот ноември во Младинскиот културен центар во Скопје. Проектот е реализиран преку Друштвото на филмските работници на Македонија во партнерство со Кинотека на РС Македонија и „Вардар филм“. Преку изложбената поставка на артефакти и презентација на публикацијата „Македонскиот анимиран филм 1971−1991“, главниот фокус е ставен токму на ова „златно доба“ во кое Петар Глигоровски, Дарко Марковиќ, Боро Пејчинов и Делчо Михајлов ги поставуваат темелите за подоцна да им се приклучат и други автори како Афродита Марковиќ, Мице Јанкуловски, Славољуб Игњатович и Мирослав Грчев.

„Зeмавме еден временски период и се фокусиравме на него. Што повеќе нешта откривавме, сè повеќе нови материјали излегуваа на површина. Ретко кој досега се обидел таа архива да ја систематизира. За првпат се презентираа материјали кои досега беа заборавени. Несфатливо ми беше како е возможно. Педесет години македонски анимиран филм, а трагите речиси избришани. На почеток имавме само еден текст од Благоја Куновски. Се работи за филмови со автентичен и уникатен уметнички израз, со бројни награди на врвни меѓународни фестивали. Се реферира на Скопска школа на анимиран филм, а тоа значи идентитет, карактер и автентичност. За жал, премногу работи, артефакти, фестивалски награди се неповратно изгубени.“

Во рамките на манифестацијата беа прикажани филмови во изворен формат, на 35-милиметарска филмска лента. Како што ќе нагласи Ивановски, тоа не е прашање на избор: „Самите филмски копии се во лоша состојба, боите се разградуваат... и навистина е тешко филмовите да се доживеат на начин на којшто биле изворно замислени. Во таа насока, следен неопходен чекор е филмовите да се реставрираат и да се дигитализираат, а за тоа постојат надлежни институции. Така ќе станат достапни и ќе знаеме со што располагаме. Ние сме на такво ниво, сè повторно може да отиде во заборав, и како секоја генерација, да почнеме одново да измислуваме топла вода.“

Дисконтинуитетот, кратката меморија и негрижата за сопственото наследство, за жал, се единствените трајни одлики на нашата култура.

Во рамките на проектот беше претставена и работата на новата генерација автори на полето на филмската анимација во која спаѓаат и Владимир Лукаш, Жарко Иванов, Гоце Цветановски, Крсте Господиновски и Вук Митевски. „Од технолошки аспект, работата на денешните автори е значително олесната. Сме стекнале некое знаење да правиме филмови на повиското ниво. Проблемот е во продукциските услови во кои е потребен исчекор. Процесот е долг, потребни се професионални тимови кои вклучуваат аниматор, монтажер, дизајнер на карактери и така натаму. Најчесто авторите се осудени да покриваат повеќе задачи истовремено и да работат по ’направи сам‘ принципот. Успесите и квалитетот на филмовите се резултат на големиот ентузијазам на авторите во отсуство на посериозна системска стратегија и поддршка.“

Ваквата поддршка е неопходна и за понатамошниот развој и успешност на овој значаен истражувачки проект. „Првиот чекор е направен, но има уште многу работа. Желба и идеи постојат, но потребна е поддршка, потребен е тим.“
Оние кои ја пропуштија изложбата можат да го посетат веб-порталот: macedonian-animation.com.


(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2021/јануари 2022г.)

ПРЕПОРАЧАНО